Германија сака ЕУ преговори со С. Македонија и Албанија | Северна Македонија | DW | 26.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Германија сака ЕУ преговори со С. Македонија и Албанија

Германските политичари сметаат дека двете земји треба да ги отворат преговорите со ЕУ за да се избегне нов вакум во регионот. Но, останува да се убедат Франција и Холандија

Денеска Бундестагот со голема веројатност ќе го отвори патот за почеток на преговори со ЕУ за Северна Македонија и Албанија, пишува германскиот сервис на агенцијата Ројтерс. На 15 октомври за темата ќе расправаат министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, а на 17 октомври одлуката треба да ја потврдат и лидерите на самитот. Но, дали таму ќе се добие „Да“ не е воопшто сигурно. Тоа пред се` зависи од Франција.

Влезот на шесте западно-балкански држави во ЕУ е една од најголемите стратешки задачи на ЕУ. Со Црна Гора беа отворени преговори уште во 2012, со Србија во 2014. Сега се на ред Албанија и С. Македонија, додека за БиХ и Косово тоа уште долго не е на повидок.

Европската Комисија препорача одредување датум за двете земји уште во јуни, но Германија побара одложување на расправата до октомври затоа што Бундестагот немаше време да ги разгледа извештаите за двете земји. Дополнително, во пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ (партијата на канцеларката Меркел, н.з.) имаше големи резерви во однос на Албанија.

Условено „Да“

Во меѓувреме таа пречка е надмината, а во вторникот пратеничките групи на двете владејачки партии ЦДУ и СПД постигнаа заедничка резолуција со кои се одредува условено „Да“ за почеток на преговорите.

Во случајот на Албанија, првата меѓувладина конференција ќе може да се одржи дури тогаш кога владата во Тирана ќе го обезбеди функционирањето на Уставниот суд и ќе направи реформа на изборното законодавство. Освен поддршката од СПД, во ЦДУ/ЦСУ очекуваат поддршка во Бундестагот да дадат и пратениците на Зелените и Либералите.

Паралелно се случуваат и разговори со Франција, Холандија и Данска- најголемите критичари на одлуката за почеток на преговори. Притоа, канцеларката Меркел веќе му вети на македонскиот премиер Зоран Заев дека патот за членство во ЕУ ќе биде отворен доколку се надмине деценискиот спор за името со Грција. Но, во Франција и Холандија имаат проблем пред се` со Албанија која се критикува поради недостатокот на успеси во борбата против трговијата со дрога и корупцијата.

Охрабрување за реформите

Притоа, францускиот претседател Емануел Макрон веќе подолго време бара ЕУ најпрво внатрешно да се реформира, пред да прима нови членки.

„Во Париз се аргументира дека влезот на една земја повеќе не може да биде спречен, доколку започнат преговорите за членство“, вели експертот за Балканот на Германското здружение за надворешна политика, Милан Нич.

Во Берлин контрираат со тврдење дека преговорите со ЕУ ќе траат долги години и дека членките на ЕУ ќе мораат да го одобруваат секое Поглавје поединечно. Важно е, по бројните реформски чекори на западнобалканските држави да им се даде некаков сигнал на охрабрување од ЕУ. Притоа, кусо пред очекуваниот Брегзит на крајот на октомври, почетокот на преговорите ќе биде сигнал дека ЕУ гледа напред, и не се намалува, велат владини извори во Берлин.

Можно е и ткн. „раздвојување“, едно „Да“ за Северна Македонија и „Не“ за Албанија. На ова раздвојување критички гледаат и балканскиот експерт Нич и германската влада.

Опасен вакум

Нич предупредува од враќање на засилен големоалбански национализам, кој може да го дестабилизира Западниот Балкан. Вториот човек на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ Јохан Вадефул предупредува: „Ако ЕУ каже ’Не’ за почеток на преговорите се заканува вакум на Западниот Балкан- кој можат да го искористат други држави“, вели Вадефул алудирајќи на влијанието на Русија и Кина.

„Но, доколку ЕУ каже едно условено Да, пред се` за Албанија, таа си го задржува влијанието на Западниот Балкан“.

И германското стопанство е заинтересирано за приближување: „Една веродостојна перспектива за влез на западнобалканските држави од аспект на економијата е од големо значење за стабилизацијата и економското зајакнување на регионот и Европа“, вели економскиот експерт Фолкер Трајер.

„Таквото зајакнување на рамковните услови ќе им донесе сигурност на германските инвеститори и ќе го направи регионот поатрактивен за трговија и инвестиции“, вели Трајер.

 

DW.COM

Реклама