1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Angela Merkel in Israel
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Scheiner

Германија на страната на Израел – долга историска приказна 

Кристоф Штрак
15 мај 2021

Запалени израелски знамиња на германските улици, отворено искажан антисемитизам. За Евреите во Германија како и во Израел, загриженоста се претвора во страв. Колку се добри германско-израелските односи? 

https://www.dw.com/mk/%D0%B3%D0%B5%D1%80%D0%BC%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%B8%D0%B7%D1%80%D0%B0%D0%B5%D0%BB-%D0%B4%D0%BE%D0%BB%D0%B3%D0%B0-%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%80%D0%B8%D1%81%D0%BA%D0%B0-%D0%BF%D1%80%D0%B8%D0%BA%D0%B0%D0%B7%D0%BD%D0%B0/a-57539333

„Ова насилство со ништо не може да се оправда. Израел има право да се брани од овие напади“. Со овие зборови портпаролот на германската влада Штефан Зајберт ги осуди масовните ракетни напади на радикалниот Хамас врз Израел. Зајберт зборува во име на канцеларката и всушност неговата изјава е пренесување на нејзиниот став. 

Германија е 4000 километри оддалечена од Израел. Но овие денови оддалеченоста е релативна категорија. Ескалацијата на конфликтот потресе многумина во Германија. Сега конфликтот се прелева на германско тло.Горат израелски знамиња, а кај Израелците и Евреите во земјата расте страв и несигурност. 

Зајберт се осврна и на тоа: „Оној кој протестира пред синагога, кој врши напади врз синагога, кој ги оштетува еврејските симболи, со самото тоа покажува дека не му е до критика на една држава или политиката на одделна влада, туку дека е воден од агресија и омраза против религија и против оние кои ѝ припаѓаат. Ние се спротиставуваме на тоа со целата сила на нашата демократска правна држава. "

Специјални односи 

Германија и Израел имаат специјални односи. Тие секогаш ќе бидат обликувани под товарот на холокаустот – масовното убиство на шест милиони Евреи од страна на нацистите.  Па сепак од целосно воспоставување на дипломатските односи во 1965 година меѓусебните односи на двете земји се развиваат во одлична насока. 

Давид Бен Гурион (1886 – 1973) е тој што се залагаше за рано помирување. Легендарниот прв премиер на Израел речиси веднаш почна да се бори за перцепција на „друга Германија“.  Бен Гурион и првиот германски канцелар Конрад Аденауер (1876 – 1967) се имаа сретнато само два пати, во 1960 и 1966, па сепак се однесуваа како далечни пријатели. 

Konrad Adenauer und David Ben-Gurion 1960 in New York
Давид Бен Гурион и Конрад АденауерФотографија: picture-alliance/dpa

Првите официјални разговори меѓу Сојузна република Германија и Израел започнаа во 1952 година. Прво се разговараше за договор за репарација, а потоа имаше и тајни контакти за испорака на германско оружје во Израел. Кога се дозна за ова во 1964 година, предизвика големи реакции на Блискиот Исток. Па сепак тоа беше последниот поттик за воспоставување целосни дипломатски односи. Чекор кој не беше радо прифатен од многу млади луѓе во младата еврејска држава. Пристигнувањето на првиот германски амбасадор беше проследено со протести и нереди.

Меркел: Вистинско чудо

Односот и солидарноста се засилени со заеднички денови на сеќавање и посета на германски владини претставници на земјата. Во неговиот 16 годишен мандат како канцелар, Хелмут Кол два пати го посети Израел. За разлика од него, Ангела Меркел седум пати беше во Израел. За време на нејзината последна посета во октомври 2018 година, по политичките разговори и посета на Меморијалниот музеј на холокаустот Јад Вашем, и беше доделена свечена титула од Универзитетот во Хаифа. Планираната посета на овој град беше одложена поради временски ограничувања, па таа сепак одржа еден многу темелен и искрено личен говор кој е актуелен и денес: „Довербата која ја доживувам овде е вистинско чудо,“ рече канцеларката и додаде: „Фактот дека сме поврзани со пријателство е непроценлив подарок и е веројатно најневеројатниот подарок наспроти позадината на нашата историја,“ рече меѓу другото Меркел и исто така се осврна кон антисемитизмот во Германија. 

Но, со години, не само од почетокот на корона-пандемијата нејзините патувања станаа поретки. Ова може да се должи и на десно-националистичкиот курс на владата на Бенјамин Нетанјаху. Канцеларката и нејзината влада сепак секогаш го истакнувале правото на постоење на Израел. 

Но во однос на израелската политика на населување на палестинските територии ставот бил поддршка на решението за две држави меѓу Израел и Палестина. За Германците и Европејците беше тешко држењето до овој концепт во време на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот глобален пристап кон светата земја. Секоја нова израелска населба беше проследена со реакција на прекор и потсетување од Берлин да не се преземаат чекори со кои дополнително би се оптоварила напнатата ситуација во земјата. 

Посебна одговорност на Германија 

И покрај различните ставови во однос на палестинското прашање Меркел ужива голема популарност во Израел. Во 2008 година таа беше првата странска шефица на влада која зборувала во Кнесетот – и тоа на германски, на јазикот на сторителите. 

Bundeskanzerlin Merkel in Israel
Пратениците во Кнесетот внимателно го слушаа говорот на МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

Во нејзиниот историски говор во Кнесетот тогаш германската канцеларка беше видно потресена кога ги изговори зборовите: „Токму на ова место кажувам категорично – секоја германска влада и секој германски канцелар пред мене беа посветени на посебната историска одговорност на Германија за безбедноста на Израел. Оваа историска одговорност на Германија е дел од националниот интерес на мојата земја. Тоа значи дека безбедноста на Израел за мене како германски канцелар никогаш не може да биде предмет на дебата и е нешто што се подразбира.“ 

Тивко посредништво 

До денес се цитираат, но во Германија и се критикуваат зборовите на Меркел. Германски војници на Блискиот Исток, макар биле и само во рамки на мировната мисија на Голанската висорамнина, никој не може да си замисли. А, политички никој не сака до крај да каже јасно што таквата одговорност спрема Израел може да подразбира.

Германија ретко е меѓу оние кои отворено иницираат посредувачки разговори во Блискиот Исток. Тоа можеби се должи и на светското значење на конфликтот. Но, германски дипломати или претставници на тајните служби повеќекратно се залагаат за израелски интереси во соседните држави на Израел и на пример учествуаат и во преговори околу судбината на израелски војници кои се водат како исчезнати. Германија се смета за умешен посредувач.

Односите со Израел за германските политичари од секогаш биле многу чувствително прашање. Се сметаше дека двете земји имаат изразито добри односи во време на министерот за надворешни работи од редовите на Зелените, Јошка Фишер. Во 2001 беше на политички разговори во Тел Авив кога се случи напад од Палестинците врз дискотека на брегот на градот при што имаше 21 загинато лице. Неколку часа подоцна Фишер се обидуваше да посредува меѓу израелската страна и Јасер Арафат во Газа. 

Тогашниот министер за економија Зигмар Габриел пак се соочи со дипломатски тензии. Во 2016 премиерот Бенјамин нетанјаху краткорочно откажа договорена средба кога Габриел веќе беше слетан во Израел бидејќи претставникот на германската влада имаше во план да се сретне и со организации критички настроени кон владата, според Нетанјаху -антисемитски. 

Решение за две држави 

И покрај сите политички тензии, за Израел Германија е најважен трговски партнер во Европа. Одбранбено-политички ресте и соработката, во 2020 година на пример прват беа одржани тренинзи на изаелски и германски пилоти. Пред пандемијата со корона, Израел и во однос на бројот на туристи од Германија достигна рекордни бројки. Многу успешен се покажа и концептот за меѓусебни посети на училишни класови. 

А, како стојат нештата во кризава? Се повеќе политичари како министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас, го нагласуваат правото на Израел на самоодбрана. Речиси сите политички партии се згрозени од сквернавењето на израелското знаме во Германија. Но, сепак едно нешто боде очи: отворена солидарност со Израел во кризни времиња ретко кој покажува во Германија. На почетокот на 1991, еден од најтешките моменти за земјата, кога ирачки ракети паднаа во Ерусалим и други делови од Израел, една студена јануарска ноќ едвај дваесетина лица се собраа пред амбасадата во Бон. 

Меркел и амбасадорот 

Засега последниот говор на Меркел во Израел, на 4 октомври 2018 при примањето на почесната докторска титула во Ерусалим го заврши со ветување и гаранција. Таа „вети дека еден ден ќе дојде и во Хаифа". Рече дека ќе ја пренесе пораката која оди во пакет со таквите почести и во Германија и дека „амбасадорот на Израел во Германија со должна почит ќе следи како се однесуваме", беше последната реченица од тој говор. И таа останува. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Македонија знаме

Македонскиот руски круг

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница