Има ли место во Бундестагот за граѓаните со мигрантско потекло | Информации и анализи за Германија | DW | 25.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Има ли место во Бундестагот за граѓаните со мигрантско потекло

Секој четврти граѓанин во Германија има мигрантско потекло, но само нешто помалку од 8 проценти од пратениците во Бундестагот имаат странски корени. Дали тоа ќе се промени по утрешните (26 септември) избори?

„Која е Вашата татковина?“, го прашале В. Михаел Блументал, директор и основач на Еврејскиот музеј во Берлин, кога се збогувал од таа позиција во 2014 година.

Да потсетиме: Блументал е роден во 1925 година, во Ораниенбург, во близина на Берлин. Израснал во главниот град на Германија, кој потоа, во 1939 година, како Евреин морал да го напушти заедно со родителите. Семејството ја преживува војната со престој во Шангај, а успешниот економист и претприемач со децении живее во Принстон, САД. 

Блументал без колебање одговорил: „САД се моја татковина.“ Овој одговор не чуди, на крајот на краиштата Блументал беше министер за финансии на САД во времето на Џими Картер, точно 30 години по своето прво стапнување на американско тло, како 21-годишен бегалец без државјанство, со 200 долари во џебот и со нешто малку образование. Берлин е сличен на Њујорк, рекол тогаш Блументал, мислејќи на шарениот и мултикултурен уличен живот на градот, во што несомнено е во право. 

Имигрант како министер? 

Но, што е со политиката во Германија? Дали е таа шарена и мултикултурна како улиците на Берлин? Дали во Германија е еднакво можно напредување од бегалец до министер?

Во принцип да, иако тоа се има случено само еднаш. А во тоа време, пред неполни десет години, во Германија се водеше сериозна расправа за тоа дали „азискиот“ изглед на министерот за економија и вицеканцелар Филип Реслер е всушност компатибилен со неговата позиција. За иронијата да биде поголема, Реслер, кој во Германија дошол од Виетнам кога имал девет месеци, израснал со германски родители кои го посвоиле и во потполност е социјализиран на германски начин! И, зошто појавата и потеклото на политичарот воопшто би требало да играат улога во неговата политичка кариера?

Melhem Maissun Kommentarbild App

Мајсун Мелем

Прилично „бела“ предизборна кампања 

Новиот Бундестаг ќе биде избран за неколку дена. Германската демократија е стабилна полни 72 години и тоа е повод за славје! Па, сепак, се поставува прашањето: дали Бунџестагот сѐ уште е во склад со мандатот кој му го дава Уставот како основен закон? Дали пратениците навистина се „претставници на целиот народ“? 

Актуелните изборни истражувања им даваатнадеж на речиси сите партии во Бундестагот: социјалмдемократите добиваат повеќе симпатии отколку што имаа во текот на изминатите години. Зелените се неизоставен партнер за речиси сите идни коалициски опции. Либералите (ФДП) очигледно конечно се збогуваа од кошмарот дека нема да успеат да го минат изборниот праг од пет проценти. А, веќе неколку дена дури и Унијата на демохристијанските партии ЦДУ и ЦСУ по малку се опоравува од апсолутниот пад на популарност во истражувањата на јавното мислење. 

Значи, речиси насекаде радост за изборите и изборните резултати. Но, не и кај оние со мигрантско потекло. Тие и во новиот Бундестаг ќе останат недоволно застапени. Во актуелниот Бундестаг само 58 од 709 членови на парламентот имаат странски корени. Тоа одговара на удел од нешто помалку од 8%. Прошетка во која било германска улица, дури и во мултикултурниот Берлин, покажува колку се „бели“ изборните плакати и кандидатите. Тоа не ветува некакво зголемување на овој удел. 

Мигрантите се повеќе од само набљудувачи 

Приказната за мигрантите во Сојузна Република Германија започна само неколку години по основањето на оваа држава. Откако во 1955 година е потпишан првиот „Договор за прием на гастарбајтери“, од година во година доаѓаа луѓе, а не само работна сила, како што тоа убаво го формулираше писателот Макс Фриш. Речиси 6 милиони луѓе имаат побарано заштита и азил во Германија од 1950-тите досега. Многу од нив не само што пронајдоа привремена затита и сигурност, туку и нов почеток и постојан престој.

Исто како што В. Михаел Блументал, поранешен бегалец од Берлин, го пронајде својот дом во САД, така и мнозинството од овие луѓе сега го има својот дом во Германија и никаде на друго место. Тие се дел од народот, чие претставување според Уставот му е доверено на Бундестагот. Зошто тие би требало да се задоволат со улога на набљудувачи на политичките настани во својата земја? Тоа е прашање кое бара одговор. Особено што меѓудоселениците и нивните потомци има и повеќе од доволно квалификувани луѓе за политички функции.

Едно е сигурно: парламентот на една земја во која секој четврти граѓанин има доселеничко потекло, е далеку од стварноста ако само 8% од пратениците во него имаат странски корени. Кога на 26 септември повторно ќе се изберат пратеници во Бундестагот, прашањето за застапеноста на мигрантите во германската политика во иднина би морало итно да се најде на дневен ред. Зашто, ние сакаме да им веруваме на трогателните зборови на германскиот претседател, изречени неодамна: „Ние сме земја со мигрантско потекло!“