Во што се разијдуваат Германија и САД? | Свет | DW | 27.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Во што се разијдуваат Германија и САД?

Германија и САД остануваат блиски сојузници, но по изборот на Доналд Трамп, меѓу нив постојат зголемен број спорни точки - од трошоците за одбрана па до светската трговија. Кои се најважните?

Иран

Германија е голем поддржувач на Нуклеарниот договор со Иран, потпишан во 2015. година, со кој Техеран се обврза на ограничување на своите атомски амбиции. За возврат, разлабавени се санкциите од страна на ОН, ЕУ и САД. Берлин во Договорот гледа гаранција дека Иран нема да работи на развој на атомско оружје.

-прочитајте уште: 

Можат ли Макрон и Меркел да го разубедат Трамп за Иран?

Но, гледиштето на Доналд Трамп е поинакво, според него Атомскиот договор е „најлошиот дил на сите времиња“. Американскиот претседател го обвинува Техеран за непридржување кон одредбите и одбива да го сертифицира, што е редовна процедура на секои 120 дена. Трамп се заканува со сторнирање на планот, што предизвикува големо незадоволство во Берлин и во други држави во Европа.

Светската трговија и казнените царини

За американскиот претседател, големиот американски трговски дефицит од 52,5 милијарди евра со Германија е доказ за неизбалансирани трговски односи меѓу двете земји. Можно е од први мај тој да воведе казнени царини за увоз на европски челични производи. Трн во око му е посебно увозот на автомобили од Германија во САД. Протекционистичката политика на Трамп доведе веќе до пропаѓање на преговорите околу Трансатлантскиот договор за слободна трговија, ТТИП.

-прочитајте уште:

Доналд Трамп повторно ја осиромашува Америка

Германија се залага за слободна светска трговија и радо би го заживеала ТТИП. Европската комисија од него очекува дополнителни импулси во висина од 120 милијарди евра. Германската аргументација е следната - европските царини на американскиот увоз во просек се пониски отколку американските царини на европските производи. И покрај тоа, германската влада е подготвена за нови преговори околу постоечките царински одредби, кои датираат од 1994. година. Доколку Трамп форсира трговска војна, Германија ќе предложи европски контрацарини за американски производи, како мотоцили Харли-Дејвидсон, џинс и Бурбон-виски. 

Bundeskanzlerin Merkel mit US-Präsident Trump (AFP/Getty Images/M. Kappeler)

Доналд Трамп и Ангела Меркел на различна „бранова должина“

Германските издатоци за одбрана

Од сите НАТО-членки, Германија е најостро критикувана од Доналд Трамп за ниските издвојувања за воени потреби. Германија ужива заштита од НАТО, без притоа да придонесе со свој соодветен финансиски прилог, смета Трамп. Американскиот претседател инсистира Берлин да инвестира два проценти од својот брутодомашен производ во Бундесверот, како што е договорено на самит на НАТО во 2014. година.

Лани Германија за одбрана потрошила околу 1,2 проценти од својот БДП, односно околу 37 милијарди евра. Коалицискиот владин договор предвидува во следните четири години пораст на одбранбената ставка, но сепак нема да бидат постигнати два процента. Берлин притоа укажува на големите суми (во 2016. година - околу 23,3 милијарди евра) кои Германија ги плаќа на име на развојна помош, како прилог кон кризна превенција, што исто така придонесува за светската безбедност.

Екологија

Иако Германија и самата не ги исполнува целите од Парискиот договор за климата, германската влада него го смета за камен-темелник во борбата против емисијата на ЦО2 и глобалното затоплување. Но, не и Трамп, кој самоволно најави истапување на неговата земја од Договорот за ноември 2020. година.

Повремено Трамп навестува Американците сепак да се приклучат кон Париската спогодба, но се чини дека Берлин е помирен со помислата дека нема да има напредок во заштитата на климата со сегашниот американски претседател.

Bildergalerie Trump besichtigt Mauer-Prototypen (Reuters/K. Lamarque)

Важна цел на Трамп - изградба на заштитен ѕид кон Мексико

Мигранти и бегалци

Никаде разликите помеѓу Трамп и Меркел не се толку драстични како во политиката кон бегалците и мигрантите. Во изборната кампања на Трамп, заложбата за заштитен ѕид помеѓу САД и Мексико имаше централно значење, Ангела Меркел, напротив, за време на бегалската криза 2015/2016. година во земјата прими преку еден милион бегалци. Кратко по својот избор, Трамп за германскиот весник „Билд“ изјави дека Меркел „направила исклучително катастрофална грешка, прифаќајќи ги во земјата сите тие илегалци“. Меркел пак е скептична дали од Трамп планираниот ѕид ќе ги реши проблемите со илегалната имиграција во САД. 

Гасоводот Северен тек

Трамп со голема недоверба гледа на плановите за втор гасовод меѓу Германија и Русија преку Балтичкото Море. Германија, смета Трамп, се става во зависна положба од Кремљ и скапо ќе плати.

Некои од источноевропските членки на НАТО ги споделуваат стравувањата на Трамп. Од другастрана, Берлин претпоставува дека зад тоа се кријат само желбите на Вашингтон за поголем извоз на американски течен гас во Европа.   

 

DW.COM

Реклама