Во чекалницата на ЕУ – бегалци во Белград | Свет | DW | 25.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Во чекалницата на ЕУ – бегалци во Белград

Оној кој како бегалец ќе стаса на Балканот речиси си ја остварил целта. Но последниот чекор, пред влезот во ЕУ е најтежок како што сведочи едно семејство од Ирак.

Во близина на автобуската станица воздухот е леплив. На брегот на реката Сава во близина растат престижни згради високо угоре кон белградското небо. Со помош на парите од арапски инвеститори многу бргу се менува ликот на речното крајбрежје во главниот град на Србија. Додека автобусот врти во улицата „Гаврило Принцип" која го носи името на убиецот на австрискиот престолонаследник Франц Фердинанд, една постара жена ѝ вели на ќерка ѝ: „Ние раѓаме по две деца, тие по 22. Почекај уште малку и ќе нѐ окупираат."

Притоа гледа на Миксалиште – две бараки обоени во виолетова боја, кои од 2016 година по приватни иницијативи и невладини организации се користат за сместување на бегалци. Ова е прва станица во Белград за многу мигранти, во најголем дел од Блискиот и Средниот Исток, каде добиваат сместување, нешто за јадење, информации за престојот и малку мир.

Додека ми одѕвонува паушалната изјава на постарата госпоѓа, излегувам од автобусот и влегувам во главната барака. Дел од младите играат пинг-понг, други седат наоколу и се забавуваат меѓу себе, додека во соседната соба е потивко.

Седум пати во Хрватска

Амира М. е исцрпена. 36- годишната жена, која по потекло е од ирачките Курди, веќе пет месеци е тргната кон Европа, заедно со четирите деца и сопругот Сарбас. Во домот за бегалци таа радо се повлекува во собата која е наменета за мајки со деца. Три од дечињата тивко си играат додека тригодишниот Улат спие.

Амира на лош англиски раскажува дека нејзиното семејство по седми пат под полициска присилба е вратено од границата со Хрватска во Србија. „Хрватската полиција ни ги одзема сим-картичките од телефоните и нѐ транспортираше назад до границата. Од таму моравме да се враќаме пешки." „Лоша среќа", додава нејзиниот сопруг. Тој раскажува дека неговото родно место се наоѓа меѓу Киркук и Ербил. Во тој реон со години се водат борби. „Прво дојдоа од ИД. Нивните борци ни бараа пари. Ние ја имавме само куќата, поради што ни се закануваа дека ќе не убијат."

Брат му живее во Западна Европа. Тој на алчните воени профитери им исплатил голема сума пари за да може неговите роднини да преживеат. Но, потоа дојдоа американските бомбардери. Борците на Исламската држава се криеја во курдските куќи, поради што беа бомбардирани. Амила и Сарбас се решија да избегаат со своите деца преку Турција и Бугарија во правец на Европа – но, заглавија во Србија. Дали Сарбас користел услуги од шверцерите на мигранти? „Јас сум сиромашен човек. Или некој нѐ превезуваше за без пари или одевме пеш."

Serbien Belgrad Flüchtlinge (DW/D. Dedovic)

Дијана Корач – Мандиќ од Хуманитарниот центар

Во правен вакуум

Дијана Корач – Мандиќ од Хуманитарниот центар е главен координатор на проектот за бегалци на нејзината организација во Србија. Според неа, бројот на бегалци во Србија не е алармантен, особено ако се спореди со ситуацијата од пред две години. Речиси сите бегалци кои поминуваат низ Србија сакаат да одат понатаму во западноевропски земји. „Тие доаѓаат во Белград и се пријавуваат како бегалци. Тоа се вика 'Декларација за намера на поднесување барање за азил'. Тие имаат 72 часа да се пријават во некој од прифатните центри. Ако до тогаш не поднесат барање за азил тогаш се наоѓаат во правен вакуум."

Податоците од Агенцијата за бегалци на ОН – УНХЦР го потврдуваат ова. Во јуни 2018 година во Србија се регистрирани 739 нови бегалци, но само 22 од нив поднеле барање за азил. Сите други чекаат во Србија можност да продолжат понатаму. Речиси никој не сака да остане во чекалницата на ЕУ.

„Доколку бегалците не поднесат барање за азил – а тоа е случај кај поголемиот дел од нив – тогаш тие овде кај нас добиваат кров над глава и нешто за јадење. Преку српската држава добиваат и здравствено осигурување, а поголемиот дел од трошоците го сноси ЕУ. Правно тие се сметаат само како гости на одредено време, кои чекаат да им се отвори вратата на границата," вели Даниела Корач-Мандиќ.

Повеќе: 

„Европа не смее да се распадне поради бегалците“

Ирански бегалци изгубени во Белград

Заглавени на Балканот

Расте насилството

Амира и Сарбас го потврдуваат ова непишано правило. Тие сакаат да одат во Германија, каде ќе бидат згрижени од роднини. Дел од роднините им живеат и во Холандија. Сарбас сѐ уште не знае дали и по осми пат преку Босна ќе одат во Хрватска. „Или можеби ќе се вратам назад во Ирак, во војната...“ Неговата инаку секогаш присутна насмевка полека попушта.

Дали има доживеано лошо искуство на Балканот? „Не, луѓето во Србија не ни прават никакви проблеми. Во Босна исто така се благородни и ни помагаат, без разлика на нивната религија. Веројатно затоа што и самите знаат што значи војна." Тој додава дека неговото семејство немало прилика во Хрватска да се сретне со нормални граѓани, само строгите полицајци се единствените со кои биле во комуникација.

Семејството на Амира имаше среќа. Во заедничкиот годишен извештај на повеќе српски и македонски невладини организации за 2017 (Помош на бегалска рута - Help on the Route) се критикува редовното полициско насилство при присилното враќање на бегалците од неколку земји. Според нив, Бугарија најлошо ги третирала бегалците а зголемено насилство и психолошка тортура е регистрирано и во Унгарија, Хрватска и Романија. Има и два смртни случаи во близина на Рума, која е 50 километри северо-западно од Белград: двајца мигранти се застрелани од непознат напаѓач.

Serbien Belgrad Flüchtlinge (DW/D. Dedovic)

Миксалиште – прифатилиште за мигрантите

„На хартија сѐ е во ред“

Во Србија има 13 прифатни центри. Таму главна организација е Комесаријатот за бегалци и миграција која е под капа на државата. Комуникацијата со јавноста е строго регулирана. Државниот монопол во однос на толкувањето на миграција, како и прилично тешкото партнерство на српската држава со граѓанските невладини организации се постојана придружна компонента на бегалската криза, вели Тања Б, која раководи со еден бегалски проект во Миксалиште, финансиран од скандинавска помош. „На хартија, сè е во ред. Но во реалноста тие имаат работа со арогантни и често неспособни јавни службеници", вели таа. „Тоа може да биде утеха, бидејќи државата исто така ги третира и своите граѓани па ова може да се нарече дека имаат ист третман", додава таа.

Миксалиште до 2016 година беше во еден друг објект во истата населба. Но зградата требаше да биде урната за да се гради луксузниот проект „Белград на вода". Арапските принцови и српските инвеститори кои градат таму сакаат „чисто соседство". И новиот објект за бегалци не им се допаѓа на соседите. Особено против е еден сопственик на малку полуксузен хотел во близина кој постојано пишува жалби до градските служби.

Дали сте свесни дека храните ѕверови"

Сепак, бараките во виолетова боја досега ги преживеаа сите непријателства. За среќа на Амила, Сарбас и нивните четири деца, кои можат да поминат неколку тивки часови таму. На надворешниот ѕид на центарот, еден уметник заедно со бегалците нацрта мурал: торта со европски ѕвезди која е обиколена со бодликава жица. Во моментов, курдското семејство од Ирак може само да копнее за ЕУ во нејзината чекалница.

Бројот на бегалците во Србија не е голем: 3.500. За споредба, во октомври 2015 година, беа регистрирани над 180.000 бегалци кои поминаа низ Србија. Повеќето доаѓаат од Авганистан. Во Србија сѐ повеќе се чуствува сиромаштијата. Социјалната завист, дури и омразата не се видливи, но се латентни. Еден анонимен коментар на веб-страницата на Миксалиште брутално ја изразува официјално потисната емоционална состојба: „Дали сте свесни дека храните ѕверови?“

 

DW.COM

Реклама