Манипулант | Северна Македонија | DW | 03.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Манипулант

Христијан Мицкоски не сака да дојде на власт во државата. Вака му е најдобро, има пари, статус, возач, обезбедување, негова слика во секој партиски штаб во државата, како да е Тито. Пишува Никола Тодоров.

1.         И на 100 илјади гласови да падне ВМРО, не си одам. Вака Мицкоски му кажал на еден човек со кој се сретнал. Човеков со неверување ја дочекал констатацијата и нивото на авторитаризам кое го манифестирал претседателот на опозициската партија.

2.         И десет порази по ред да имам, не си одам и не ја оставаме партијата на друг. Вака му кажал на еден друг човек, негов пријател, кој потоа истово ова гордо и арогантно, го потенцирал при секоја негова средба со кој било партиец или непартиец.

3.         Еден човек близок до ВМРО-Народна, кој Мицкоски го познава уште од времето на Либерална партија, неодамна ми рече: Мицкоски добро почна, но само по неколку месеци престана да ги слуша сите оние кои во една реченица немаше да го полеат со воспевање за тоа колку е добар, паметен и политички брилијантен. Вели, доколку не го фалиш постојано, ја прекинува комуникацијата. Велам, а замисли да му изразиш несогласување или да му образложиш различен став од неговиот и тоа да го направиш со аргументи? Вели, тогаш ќе те снајде тоа што тебе те снаоѓа, ќе измисли за тебе куп лаги, ќе даде налог да те масакрираат на ФБ, ќе те прогласи за предавник и секој кој ќе си дозволи да ти направи муабет или да се види со тебе, ќе го снајде истото. Без милост! 

-претходни колумни: Мицковски во ВМРО, СДСМ на власт

Почитувани мои, обидете се преку едно релативно едноставно истражување на јавното мислење, да ги дефинирате овие ставови преку призмата на обичниот граѓанин. Направете една фокус група. Ова е едноставна алатка која дава исклучително важни резултати за некоја личност, процес, политика или проект. За да направите едно вакво аматерско истражување, побарајте од неколку ваши блиски пријателки и пријатели, на различна возраст и со различно ниво на образование, да ги прочитаат овие три реченици, анонимизирани, и да го опишат со еден збор, за секоја реченица посебно, човекот кој има вакви ставови. Јас ова го направив и добив неколку клучни зборови кои го опишуваат човекот кој стои зад овие ставови. За жал анонимизирањето не ми успеа, па уште првиот веднаш се досети, и ми рече ова сто посто на Мицкоски се однесува. Знам очигледно беше. Но, обидете се и вие и споделете со блиските или пријателите каков резултат ќе добиете.

Запомнете, важно е за оваа фокус група описот да биде само со еден збор за секоја реченица, односно за секој став. На пример, мене првата реченица или првиот став, како сакате, ме асоцира на авторитарност, вториот на арогантност, а третиот став на самобендисаност. Верувајте, иако станува збор за релативно едноставна мисловна операција, ќе се изненадите од резултатот. Потоа напишете ги зборовите на еден лист хартија, прочитајте ги и запрашајте се дали сакате човек со такви особини да ве води и да ви ја води државата.

-претходни колумни: Политика на бојкот и лажната надеж

Можеби се прашувате зошто е ова важно и зошто ова го пишувам? Ова е многу важно во политиката, бидејќи оваа вежба, несвесно, но постојано, ја прави секој еден обичен човек кога гледа вести или некоја политичка емисија, или пак кога чита портали или следи социјални медиуми. Секој од нас гради ставови кои обично се потпираат на еден збор преку кој може да се опише еден политичар во еден даден момент. Во зависност од тоа колку повеќе ќе преовладаат позитивните зборчиња за еден политичар, толку ќе биде поголема неговата популарност, но што е уште поважно, довербата што граѓаните ја имаат во неа или него. И обратно. Е сега, дали е појасно зошто ВМРО-ДПМНЕ постојано губи?!

1.         Секој може на референдумот да гласа по сопствено убедување. Секој кој нема да бојкотира е предавник.

2.         Бараме предвремени избори. Бараме да се одложат предвремените избори заради пандемијата за да не броиме мртви наместо гласови. Ќе одиме на избори ако изборите бидат закажани 10 дена подоцна од тоа што предлагате. Пандемијата веќе не е важна, ниту пак здравјето на луѓето.

3.         Во Штип се брани Македонија. Победата почнува од Штип. Ќе ги бојкотираме изборите во Штип заради пандемијата, за да не броиме мртви наместо гласови. Бараме предвремени избори!

4.         Попис не треба да има во услови на пандемија, се грижиме за здравјето на нашите граѓани. Собравме 100.000 потписи против пописот. Ги повикуваме сите наши иселеници, нашата дијаспора, масовно да се попише!

5.         Доколку изгубам на изборите или доколку не формирам влада, ќе се повлечам. Кукавички е да се повлечам.

Сега обидете се повторно со истата вежба и опишете ги овие ставови со еден збор. Само со еден. Веројатно се размислувате помеѓу зборовите неконзистентност, неодлучност, незрелост, мајтаплук, потценување, лажливост, несигурност, неискуство. Знам, ви доаѓа на памет и по некој непристоен збор. 

-претходни колумни: Последниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ?

Јас би одел со зборот манипулант. Според дигиталниот речник на македонскиот јазик манипулант е човек што на нечесен начин искористува податоци за постигнување лични цели. Во конкретниов случај личната цел е изразена преку останувањето на власт во партијата и уживање во привилегиите што таа власт ги носи. Мицкоски не сака да дојде на власт во државата. Вака му е најдобро, има пари, статус, возач, обезбедување, негова слика во секој партиски штаб во државата како да е Тито, а притоа никому не треба да даде отчет за сработеното, ниту пак да даде отчет како ги троши државните и партиските пари. А станува збор за многу пари. Милиони евра годишно. Никој не знае и не смее ни да праша како се трошат партиските пари, кој одлучува кој колкава плата ќе зема од партијата, кој колку смее да потроши на ручеци и патувања, кого ќе вработи, а кого ќе отпушти, со кого ќе склучи договор за набавка на рекламни материјали за партијата за време на избори и по кои цени и.т.н. Располага со милиони, одлучува како ќе се гласа во Собрание, одлучува за иднината на нашиот народ, а никому не поднесува сметка. Дури ни на тие што го избрале. Одговара само пред себе. Е, затоа драги мои, јас би одел со зборот манипулант. Затоа што е нечесно да имаш неограничена моќ, неконтролирана од никого, да глумиш отчетност и да имаш полна уста зборови за транспарентност и чесност, а кога ќе ти побараат да дадеш отчет, веднаш и без размислување тој што се осмелил за ова да праша, да го прогласиш за одметник, предавник, нечиј слуга и што ли уште не. Очигледно е, на крај, за жал, за пари и моќ се работи. За лично богатење и лични привилегии. Ништо повеќе, ништо помалку. Помалку е смешно, а некој ќе рече дека можеби станува збор за коинциденција или случајно совпаѓање, но дали знаете дека второто значење на зборот манипулант е следново: Манипулант е тој што се грижи за алатот, апаратите и за предметите за обработка во едно претпријатие.

Се сеќавате на оној несреќен спот, каде Мицкоски е со алатот во рака, од катастрофално лошата кампања за последните парламентарни избори на кои, само според Мицкоски, ВМРО победи? Да, да, мајстор беше!

DW.COM

Реклама