1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворено писмо до нашите сојузници

3 февруари 2021

Како поинаку да се чувствуваат моите сограѓани кога никој од сојузниците не сака да одвои ни трошка од своите ресурси за помош, а други кои не се дел од сојузот се спремни да одвојат и многу повеќе. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/3onAH
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Драги и почитувани сојузници,

Мојата земја неодамна стана ваш рамноправен сојузник во најголемиот и најмоќниот воено политички сојуз на планетава Земја. За да ја постигнеме оваа цел која беше сон на многу генерации родољуби и демократи, моравме да направиме до сега невиден и многу болен и тежок компромис со Грција, која за жал, формално беше дел од овој сојуз пред нас. Мојата земја која се викаше Македонија, денес се вика Северна Македонија и тоа од една и единствена причини, а тоа е можноста да седнеме на иста маса со сите Вас, ценети наши сојузници. Ништо друго, ниту добро ниту лошо, не можеше и немаше да не натера  или примора да направиме ваков компромис, до сега нечуен во светската политика.

Да, направивме храбар потег, си го сменивме името и сега се викаме различно само за да можеме да го оствариме и живееме сонот на многу генерации. Верувавме и веруваме дека со нашето полноправно членство во НАТО ќе имаме подобар живот, повисок стандард, силни, но искрени пријатели, помала невработеност, повисоки плати, поголема сигурност и безбедност. Денес, како и во последните 9-10 месеци и ние сме во војна. Се бориме и ние со истиот опасен и подмолен непријател кој досега успеа да земе многу жртви во нашиот сојуз. Вие, најсилните и најбогатите во сојузот измисливте делотворно оружје, вакцина, со која ќе можеме да го победиме овој наш заеднички непријател. 

-претходни колумни: Корона-криза: Леб или живот?

За жал, останатите во сојузот го имаат ова оружје-вакцина, а ние не. Веројатно ова е и наша вина, но еве ви потврдувам, ние нема со што да му се спротивстави на овој непријател. Да ве потсетам, ние сме мала земја и не ни треба многу оружје. Потребно ни е занемарлива за вас количина, односно потребна ни една четвртина од тоа што некои од нашите сојузници го трошат дневно. Не ни е потребна целата количина веднаш, туку потребно ни е барем мала количина од 7-8 илјади вакцини веднаш, а остатокот во неколку испораки во наредни 5-6 месеци. Само со толку малку може еден ваш сојузник целосно да го победи непријателот и да помогне во конечната победа на нашиот сојуз над ова зло.Може да ни се случи катастрофа. Катастрофата може да биде во поглед на давање на уште повеќе жртви во оваа војна во која може да се каже дека голораки се спротивставуваме на овој подмолен непријател, но катастрофата може да биде и што земји кои не се дел од нашиот сојуз може да го искористат фактот што нашите сојузници не заборавиле, па да пенетрираат на сојузничката територија преку мојата земја. Ова може да има долгорочни и опасни последици и за мојата земја и за нашиот сојуз и ова малигно влијание мораме да го спречиме. Затоа велам, апелирам, да го почитуваме членот 5 од нашиот договор и да делуваме во рамки на нашето основно мото-еден за сите, сите за еден. И ние сме еден и ние сме земја и ние сме сојузнички народ! Помогнете, нападнати сме! Потребни ни се вакцини, итно!

Фрустрацијата на граѓаните

Вака некако би сакал да им се обратам на највисоките претставници на нашите сојузници доколку би имал можност за тоа. Не знам дали ова им го кажале на нашите сојузници и партнери, претставниците од власта или опозицијата, ама еве јас како претставник на опозицијата во опозицијата, директно и јавно сакам да им го пренесам за да барем малку придонесам во спречувањето на евентуална катастрофа.Се креира страшна фрустрација кај граѓаните. Се чувствуваат заборавени, напуштени, неценети, изолирани, препуштени сами на себе. Се чувствуваме како да сме несакано дете, кое ете се родило и сега од сите е избегнувано и шиканирано. 

-претходни колумни: Политика на бојкот и лажната надеж

Се плашам, навистина се плашам дека ова може да биде искористено од земји кои не се дел од нашиот сојуз за, преку алатки на модерна пропаганда, да го свртат расположението кон нив, наместо кон нашите западни сојузници. Сите ние кои ова не го посакуваме и кои на ова се спротивставуваме ќе бидеме немоќни да го спречиме. Како да ни се одземаат   сите аргументи за одбрана. Кога сме во најтешко, кога сме на голема мака, не ни помагаат нашите сојузници туку се нудат да ни помогнат други. Тие други, со тоа тежнеат да освојат симпатии, а нашите сојузници да освојат презир. Ова е длабоко чувство кое остава длабоки траги и тешко се заборава или се менува. Затоа и вака драматично, но искрено и добронамерно реагирам.

За да спречиме развој на една ваква длабока негативна емоција пред да биде доцна. Како поинаку да чувствуваат моите сограѓани и сонародници кога никој, ама баш никој од нашите сојузници не сака да одвои ни трошка од своите ресурси за да ни помогне, а други земји кои не се дел од нашиот сојуз се спремни да одвојат и многу повеќе од трошка за да ни помогнат. Покрај ова, истовремено, некои од нашите сојузници прават и да се чувствуваме понижено и деградирано. Бугарите, кога ни беше најтешко и најпотребно не разочараа. Дополнително на тоа, ни ветија дека ќе помогнат со вакцини и повторно не изиграа. Ни се преставуваа како браќа, а не пуштија по вода без никаква причина и кога најмногу ни требаше нивната поддршка. Грција планира да ги отвори границите за Србија, која не е дел од нашиот сојуз, а ги остава затворени за нас.

Деградирање до коска. Боли и прави горчина. И создава презир. Замислете пред само 30 години, Германија да ги затворела границите кон Австрија или Белгија, а да ја отвори границата кон Чехословачка. Дали ова би било можно, дали ова би била солидарна сојузничка политика? Ова, денес, 30 години потоа, ни се случува во НАТО. Една членка на НАТО да затвори граници за друга членка на НАТО, а да отвори за трета земја која не е дел од НАТО. Сојузници сме или не сме, со право се прашуваме!

Знам, ќе речете Србија почна со вакцинација, вие не, но тоа е и мојот апел, кога гледате дека сами не сме успеале да се снајдеме, да се избориме и да си набавиме вакцини, партнерски е, сојузниците да подметнат грб и да помогнат кога нашите граѓани се на мака. Сепак за луѓе се работи. Боли до коска и создава презир и понудата од Србија да ги однесеме здравствените работници со автобуси во Врање на „пелцовање“, со можност на враќање да скокнат и до Лидл. Пред повеќе од дваесет години заедно со тим на истомисленици ја формиравме младината на евро-атлантскиот клуб на Македонија. Ја формиравме младинската НАТО организација кај нас  во време на интервенцијата на НАТО во Србија и верувајте, ни беше многу тешко да ги објасниме и браниме нашите позиции во тоа време меѓу пошироката јавност. Денес се чувствувам слично и со жалење ве информирам дека станува прилично тешко денес да зборуваме за сојузништво и солидарноста на која почива тоа сојузништво.

Мислете на помалите

Точно е, наша вина е. Но, гледам дека и најголем дел од земјите во нашиот сојуз имаат проблем со испораката на вакцини и не можат да ја постигнат посакуваната брзина на имунизација, па властите и таму се под оправдан притисок од граѓаните. Сепак тоа не смее да биде причина да се заборави на помалите и послабите.

Да бевме поголеми и посилни, да бевме помудри и похрабри, па да влезевме во ЕУ заедно со Словенија и Бугарија, да бевме единствени, а не разделени и раскарани, да се занимававме со важни наместо со тривијални работи, рациото да ни беше пред емоцијата, да го сменевме мотото „да му цркне козата на комшијата“ и да не се боревме секој кој сака да излезе од казанот да го вратиме назад, туку да се боревме сите да излеземе од казанот во кој еве предолго се вариме, можеби денес ќе беше поинаку. Но, не е. И затоа наместо да се ослободиме со наша борба и наши сили, се надеваме друг да ни помогне.

Да биде појасно, не би сакал некој сето ова да го сфати како повик да се користат вакцини произведени исклучиво од нашите сојузници и да се исклучи можноста за избор и на други вакцини и тоа не е поентата на ова отворено писмо. Она што сакам да го пренесам е дека не смее да се развие вакцинален национализам внатре во нашиот сојуз.Затоа искрено велам, еве по трети пат, помогнете на вашиот најнов сојузник и партнер. Малку ни треба и знам дека буквално нема да осетите никаков трошок ниту загуба доколку ни помогнете. Подајте ни рака и не дозволувајте да ја загубиме вербата и да ни се уништи сонот, кој еве од неодамна го живееме како полноправна членка на НАТО. Сега, како никогаш порано, потребна ни е помош. Да делуваме сојузнички, да покажеме единство, солидарност и човечност. Лекцијата дека треба сами да се избориме мислам дека ја научивме, но сепак овој пат потребна ни е помош. Помогнете ни во битката со вирусот и не дозволувајте новиот феномен наречен вакцинален национализам да ги разниша темелите на нашиот голем сојуз.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи