1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона-криза: Леб или живот?

14 октомври 2020

Ако носиме маска и одржуваме дистанца нема да мора да бираме помеѓу леб или живот. Обратно, ако не ги почитуваме овие екстремно едноставни обврски тогаш со сигурност наскоро ќе мора да избереме. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/3juTB
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Повеќе од јасно е дека оваа година ќе биде запаметена како корона година. Пред некое време разговарав со еден доктор кој работи во една од најдобрите универзитетски болници во Италија и тој беше прилично сигурен дека и наредната 2021 година во најголем дел ќе биде окарактеризирана како корона година. Ова е застрашувачка помисла, но за жал истовремено е и болна реалност. Колку и да кажуваме дека мораме да се навикнеме да живееме во услови на пандемија и колку и да се обидуваме тоа да го постигнеме, сепак оваа состојба на постојан страв во комбинација со комплетно променет режим на живот, како и постојаното броење на заразени и мртви преставува една сложена ситуација која несомнено сериозно влијае на човековата психа, начинот на размислување, расудување, но и делување. Како резултат на ова можеме да заклучиме дека постојат различни реакции на луѓето кои одат од една крајност- да не се признава постоењето на болеста па се тврди дека се е измислено- до друга крајност- да не се излегува од дома и да не се контактира со никого. Крајностите секогаш се екстремни, па затоа секогаш треба да се најде некоја медијана за тоа како ќе се постапува. На крај, како и во многу други случаи, можеме да заклучиме дека сé од нас зависи.

Сé зависи од нас

За жал бројките на заболени во нашата земја се загрижувачки. Слично е и во многу други земји во Европа и светот. Како резултат на зголемениот број на случаи, многу земји повторно почнаа да воведуваат рестриктивни мерки за сопствените граѓани и бизниси. Како и да ја вртиш работата резултатот на крај се сведува на следното: Целосното затварање на економијата и животот води кон драстично намалување на бројот на случаи и истовремено води кон целосен крах на економијата. Ова се повторно двата екстрема. Исто како и во претходниот пример можам да потенцирам дека се крајно непожелни и неприфатливи. И, да сé од нас зависи.

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Изборот секогаш е нашФотографија: DW/Petr Stojanovski

Имам чувство како голем број на луѓе да се подолабавија малку, како да заборавија на стравот и на последиците, па почна масовно непочитување на мерките. Неносењето на маска, неодржувањето на дистанца, масовните прослави и журки, директно придонесуваат бројот на заболени многу да порасне. Огромниот број на заболени доведува до тоа да се преполнат болниците, а со тоа да се зголемува и бројот на смртни случаи. Воедно растат сериозно и трошоците на здравствениот систем и се намалува издржливоста на медицинскиот персонал. Преоптеретеноста на медицинскиот персонал води кон можни грешки, нервозни ситуации и растечка нетолеранција, што подоцна може да доведе до откази и тужби како една од помалку опасните последици. Поголемиот проблем е што оваа ситуација на постојана напнатост на медицинскиот персонал може да доведе и до грешки кои ќе земат нечиј живот. Докторите, медицинските сестри и сите останати медицински лица не се роботи или машини и не можеме да очекуваме ниту да бараме од нив да бидат тоа што не сме ние. Тие се исто така луѓе кои имаат семејства, свои животни проблеми и своја граница на издржливост и толеранција. Затоа треба на сите да ни биде јасно дека преоптоварувањето на здравствениот систем значи пред се нивна преоптовареност. Нашето однесување, однесувањето на секој поединец во секоја можна ситуација е во директна корелација со нивната преоптовареност. Запрашајте се, дали можете да кренете товар тежок 300 килограми? Не, нормално, е па и тие не можат. Секој човечки напор има граница.

Други колумни од авторот:

Како ВМРО-ДПМНЕ повторно да почне да победува

Зошто ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски не може да победи?

Мегаломанијак

Корона образовен модел

Бели марамчиња за селекторот

Од што ова зависи? Од нашето однесување и придржувањето до мерките. Звучи повторувачки, памфлетски, дегутантно, како сакате, ама тоа е единствениот начин. Еве на пример, доколку постои вакцина и доколку човек одбие да ја прими, постои поголема шанса да заболи. Доколку постои лек и доколку пациентот одбие да го прими, може да му се влоши состојбата и да почине. Доколку мора да се носи маска, а не носи, доколку мора да се држи дистанца, а не држи е слично како да не прими вакцина или да одбие да прими терапија односно лек. Велам слично затоа што не е исто. Доколку не прими лек самиот си го загрозува животот, но доколку не прими вакцина или доколку не носи маска или не држи дистанца го загрозува покрај својот и животот на неговите блиски, но потенцијално и на сите останати.

Ние сме економијата

Истото се однесува и на економијата. Доколку не носиме маска таму каде треба, доколку не држиме дистанца толку колку што е неопходно, правиме страшна штета на економијата. Ама мора да знаеме дека ние сме и економијата. Ако многу се зголеми бројката на заболени ќе се затвори економијата и ќе нема кој да работи. Ако се затвори економијата нема од каде да се полни буџетот. Ако нема од каде да се полни буџетот нема да има доволно ни за плати, ни за пензии ни за лекови. Ако се затвори економијата приватниот сектор ќе бележи страшни загуби, ќе отпушта вработени, ќе намалува плати или воопшто нема да исплаќа плати. Ако приватниот сектор пропадне нема да има плата ни за образование, ни за судство, ни за здравство ни за администрација. Колапс и на економијата и на животот воопшто.

Затоа велам, корона кризата не стави пред изборот Леб или Живот. Или поточно, тие што не ги почитуваат мерките не ставаат пред изборот леб или живот. Зошто сега да ги затвораме угостителските објекти, затоа што некој не ги почитувал протоколите. Зошто да се преоптоварени болниците, затоа што некој не ги почитувал протоколите. Зошто докторите и медицинските сестри да се на раб на издржливост, затоа што некој не ги почитувал мерките и протоколите. Зошто да ја затвориме економијата и животот затоа што некој не ги почитувал мерките и протоколите.

Директорот на Американскиот центар за контрола на болести и превенција Роберт Редфилд во своето сведочење пред Сенатот кон средината на септември оваа година изјави дека сите ќе бидеме далеку позаштитени доколку носиме маски, па отиде дури и малку подалеку и изјави дека носењето на маската е поголема гаранција за заштита од корона вирусот отколку евентуална вакцина против Ковид-19. Сите ја чекаме вакцината, а решението го имаме за малку пари и малку напор. Малку е тешко  и непријатно, пречи, изгледа лошо, но во секој случај е далеку подобро од колапс на економијата или тешките последици по здравјето кои може да ги предизвика вирусот, вклучувајќи и смрт. Да потсетам дека, иако поретко, тие што еднаш го прележале вирусот, може повторно да се заразат.

Колку и да звучи чудно, ама се додека нема делотворна вакцина или лек, помеѓу изборот „Леб или Живот?" стои маската и дистанцата. Ако носиме маска и одржуваме дистанца нема да мора да бираме помеѓу леб или живот. Обратно, ако не ги почитуваме овие екстремно едноставни обврски тогаш со сигурност наскоро ќе мора да избереме: Леб или живот, ако воопшто е можен тој избор. До нас е и до нашата свест, култура, воспитание и однесување.