Власта ќе мобилизира, опозицијата ќе блокира | Северна Македонија | DW | 20.06.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Власта ќе мобилизира, опозицијата ќе блокира

Владејачката коалиција бара поддршка за надминување на кризата, а опозицијата ќе тропне на секоја врата за да ги придобие незадоволните и неопределените со цел одржување на предвремени избори.

Блокада на институции и патишта се до договор за избори најавува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако владејачката коалиција во неделата ја зацементира одлуката преку Декларација дека избори ќе има, но редовни во 2024 година. И власта и опозицијата деновиве повикуваат на мобилизација. Додека владејачката коалиција повикува на поддршка за надминување на кризата и нејзино што подобро менаџирање, опозицијата ќе тропне на секоја врата со цел да добие поддршка и од незадоволните и од неопределените за да го отвори патот кон предвремени избори.  

Плановите на ВМРО-ДПМНЕ се да има активна блокада во текот на летото, а доколку не се постигне договор за предвремени избори наесен, се размислува за целосна блокада на институциите. По митингот пред владината зграда во саботата (18.06) во Скопје, кој се одржа под мотото „Премногу е“, партијата преку соопштение ги нотира главните пораки на партискиот врв кој повика на мобилизација за промени.  

Nordmazedonien Skopje VMRO-DPMNE Partei

Во текот на летото ВМРО-ДПМНЕ ќе преземе разни протесни активности ширум државата

„Во текот на летото ВМРО-ДПМНЕ ќе преземе разни протесни активности ширум државата. Тимови од Извршниот комитет на партијата и пратениците ќе ги посетат сите населени места со цел општа мобилизација на народот против власта која секој ден се повеќе не осиромашува“, велат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека штетата која се предизвикува со владеењето на СДСМ и ДУИ е поголема од која било друга штета. „Предвремени парламентарни избори се нужни за формирање на нова влада која ќе ја извади државата од кризите, ќе стави крај на криминалот и корупцијата. Потребни се промени. Народот бара промени. Колку и СДСМ и ДУИ да се трудат да ги спречат промените тие ќе дојдат“, велат од партискиот штаб.  

Nordmazedonien Skopje VMRO-DPMNE Partei Hristijan Mickoski

Плановите на ВМРО-ДПМНЕ се да има активна блокада во текот на летото, а доколку не се постигне договор за предвремени избори наесен, се размислува за целосна блокада на институциите, најави Христијан Мицкоски

Вакви пораки во саботата упати и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски. „Ќе се обратиме до земјоделците, професорите, невработените, стопанствениците, ќе побараме да ни се придружат. Потребна ни е општествена поддршка за целосен триумф врз мафијата во политиката“, рече Мицкоски. Тој побара поддршка и од Албанците и другите етнички заедници, од разочараните од СДСМ и од неопределените и ги повика „заедно да чекорат кон светлото на крајот од тунелот“.

„Да ја промениме власта и да обезбедиме наша заедничка перспектива и иднина, да ја вратиме надежта и еланот во нашите срца. Овие избори да не бидат избори за власт, туку избори со кои ќе обезбедиме иднина и кои ќе бидат референдум за Македонија. Да дојде нова генерација способни луѓе кои ќе направат нов пресврт, нова епоха“, рече Мицкоски. 

Избори не се решение  

Но, ваквите барањата на опозицијата наидоа на тврд став кај владината коалиција, која во неделата (19.06) му порача на Мицкоски да ги преиспита деструктивните политики и најавите за блокада. Според власта, во моментов не е време за избори, туку е потребно справување со кризата преку нови мерки. 

Владините партнери потпишаа Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис секторот во услови на глобална криза. Целта на оваа Декларација е да даде дополнителна и цврста гаранција, но и јасна политичка посветеност за прилагодување на политиките на неопходноста од справување со негативните последици од најголемата криза по Втората светска војна.  

Nordmazedonien Politiker Dimitar Kovacevski

Предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните, туку ќе ги продлабочат, вели Димитар Ковачевски

„Предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните, туку ќе ги продлабочат. Затоа, го затвораме ова прашање. Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Во наредниот период продолжуваме со одговорот на кризата, преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР", рече премиерот Димитар Ковачевски. 

Сличен став има и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој порача дека  избори во оваа ситуација не се решение. „Пред нас имаме една многу поблагородна мисија за граѓаните на Северна Македонија. Ние треба да ги започнеме преговорите со ЕУ. Пред нас имаме огромни значајни проекти, не само политички, не само економски, туку и геополитички и геостратешки, како што е Коридорот 8 и Коридорот 10“, вели тој.  

Nordmazedonien Ali Ahmeti, Vorsitzender der DUI-Partei

Ахмети им порача на ВМРО-ДПМНЕ да не „паѓаат во замките на апетитите што е можно поскоро да се дојде на власт“.    

Повици за мобилизација  

И лидерот на ДУИ повикува на мобилизација, но за справување со кризата.. „Ни треба подобра организација како да се соочиме со овие кризи, како да ги менаџираме кризите и како да направиме олеснителни околности на граѓаните во однос на менаџирањето на секојдневниот живот и да ја надминеме што е можно полесно оваа ситуација, оваа криза која што не владее само во Европа, туку во целиот свет“, вели Ахмети. Тој им порача на ВМРО-ДПМНЕ да не „паѓаат во замките на апетитите што е можно поскоро да се дојде на власт“.