Власта и опозицијата со „бомби“ се загреваат за изборите | Северна Македонија | DW | 10.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Власта и опозицијата со „бомби“ се загреваат за изборите

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат јавно да лицитираат со можниот датум за одржување на предвремените парламентарни избори додека преку Јутуб се објавуваат снимени разговори на нивните лидери.

Во пресрет на лидерската средба кај шефот на државата Стево Пендаровски во вторник, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ си ги „утврдуваат“ позициите за изборниот датум. Паралелно трае и Јутуб „војната“ со снимени разговори во кои наизменично се менуваат снимки од Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

СДСМ и коалициските партнери денеска (10.05.) одлучија дека средината на јуни е идеалниот термин за одржување на предвремените парламентарни избори и ќе го понудат тој термин на лидерската средба во вторник.

„Во ситуација кога пикот на коронавирусот е поминат, кога интензитетот се намалува, треба да се одржат изборите затоа што во такви услови нема никаков ризик по здравјето на граѓаните. Особено имајќи предвид дека наесен се очекува нов бран од вирусот“, порача Заев по состанокот со коалициските партнери. Начелниот предлог на СДСМ е 14 јуни, но со простор за договор со опозицијата. - повеќе на темата: ДИК треба да се раководи од ревидиран роковник

ВМРО-ДПМНЕ од претходно, преку партискиот лидер Мицкоски, инсистира дека изборите можат да се одржат најрано еден месец подоцна од она што го предлага СДСМ, односно на средината на јули. Мицкоски и неговата партија деновиве се повикуваат и на мислење на Венецијанската комисија, според кое, по вонредна состојба избори мора да се одржат по најмалку 60 дена.
На таквиот став се спротивставуваат од СДСМ кои наведуваат дека мислењето се однесува на Грузија каде и самиот Устав предвидува дека изборите може да се одржат 60 дена по прогласена воена или вонредна состојба.

Паралелно, преку социјалните мрежи, власта и опозицијата си фрлаат „бомби“. Откако пред два дена актуелни беа снимки од разговор на Христијан Мицкоски со Зоран Милевски-Кичеец, од вчера редот му дојде на Заев да објаснува за тоа што сакал да го каже во снимките стари неколку години во кои зборува за протестите против поранешната власт, СЈО и локален бизнисмен.

Денеска од ВМРО-ДПМНЕ ги објавија овие снимки и на прес-конференција и го обвинија Заев дека „го пцуе и дрско го навредува својот народ“.

DW.COM

Реклама