Владеење на правото за владеење | Северна Македонија | DW | 21.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Владеење на правото за владеење

Во оваа изборна година Македонија влегува како земја во која натпреварот меѓу партиите е проширен и искомплициран со надворешнополитички влијанија без преседан. Пишува Арсим Зеколи.

Третата недела на јануари традиционално неофицијално го означува почетокот на политичката година. Оваа година, тој почеток е во знакот на сеопшта фрактура на домашната политичка сцена, манифестирана низ епидемијата на фракционерства во политичките партии, веќе пресликани и во длабока фракционизација на општеството. Домашно индуцираните линии на поделби, колку и да се длабоки и драматични, се сепак поподносливи и полесно совладливи во споредба со новиот момент за кој се' уште се преправаме дека не го забележуваме и констатираме. Во оваа изборна година, Македонија влегува како земја во која натпреварот помеѓу партиите е надграден, проширен и длабоко искомплициран со влевањето на надворешнополитички влијанија без преседан во тридецениската парламентарна демократија на земјата.

Можеме да дебатираме за степенот на диретно вмешување и транспарентност во делување, но на нашата политичка сцена веќе имаме јасно изразени – директни или прокси – влијанија на буквално сите земји од соседството и регионот. Сведоштвата на Каракачанов за поведенијата на домашните политици низ Софиски кафеани се веќе излишни за констатирање дека соседна Бугарија има сопствени адути и атови на нашата политичка сцена и борба, со аспирација за уште поголемо влијание. И намера за постигнување на баланс со и онака традиционално присутното влијание на Белград, било тоа низ директно национал-српско влијание или пак преку постјугословенскиот идео-профитерски шкарт „ухлебен“ во домашните елити. Албанија е дискретно отсутна и активно вклучена во протежирање на политичка понуда конципирана согласно нејзините надворешнополитички балансирања, адаптирани на овдешните специфики. Иако далеку подискретно и поумерено, „вмешателството“ на Грција е константа од разузнавачките променади низ државниот ни врв, скорешните медиумски инвестиции кај нас и посредното влијание низ имплементацијата на Преспанскиот договор. За хендикеп или благодет на Анкара, пропонентите на влијанието на Турција не само што не се стеснуваат да ја обзнанат јавно сопствената поврзаност, туку истата ја користат и како клучен столб на политичката понуда. Единственото отсутни и на пристојна дистанца од нашите внатрешно-надворешни политики се Косово, ЕУ, САД и Русија. Приштина поради преокупацијата со сопствените сцили и харидби, додека пак останатите самитарно определени за делување преку регионалните одделни или комбинирани прокси-центри.

Надворешни влијанија и домашни поделби

Евидентната констатација дека таквото соседско „замешателство“ е логичен нус-ефект на домашно индицураниот процес на десуверенизација, е полесниот дел од задачата. Поголем предизвик е да се согледа замрсениот преплет на нивните влијанија кои го хранат и ескалираат фракционерството низ домашните политички партии, растргнати од внатрешните черечења помеѓу (барем декларативната) определба кон сувереноста и наклонетоста кон комшиските влијанија базирано врз регионализам, клан-приватни интереси, етноклерикализам, историски традиционализам и геостратешки клиентелизам. Наведените фактори се длабинските двигатели на сегашната состојба, во која дел од СДСМ е понаклонета кон ВМРО, отколку кон сопственото раководство; делови на ВМРО повеќе се пронаоѓаат во стар-новите фобии на СДСМ, отколку во безидејноста на сопственото раководство; бескрајното прелевање од шупливо во празно помеѓу албанските опозициски партии; антагонизмите помеѓу двете нијанси на сивило во ДУИ.

Други колумни од авторот:

Десницата и одмаздата на „петкашите”

Година на биволот

Бајден и Македонија

Кон надворешните стратешки мешања се надоврзуваат и домашните линии на поделба помеѓу двете доминантни и заемно спротивставени политички школи на делување – логиката на „реформската” привилегија и пазарната нужда за промени. Првата, изразена низ наследната статична логика на македонските политички партии за „владеење на правото за владеење”, втората содржана во стратегијата на ДУИ за ново откривање на претприемништвото како одговор на промените во општеството. Логиката на првите за монополистичко зачувување на доминацијата ја обесмислува класичната поделба на опозиција-позиција и ја подрива секоја намера или очекување за спроведување на вистински реформи и обезбедување одржлив прогрес. Стратегијата на вторите е онаа на прифаќање промени се' додека тоа овозможува подлабок продор во општеството, стекнување нови приврзаници и јакнење на егзистенцијално-социјалниот на сметка на политичкиот резон. Среднорочно, таквата стратегија е мудра и полезна. Долгорочно, таа неминовно води кон истиот „златен кафез” на ретроградна привилегија, како во примерот на првите.

Поддршка за сопствените стратегии

Сепак, клучната дистинкција во пристапите на првите и вторите лежи во начинот на обезбедување поддршка во полза на сопствените стратегии. Додека првите се' повеќе се соочуваат со неминовноста за добивање надворешна (соседска) поддршка за гарантирање на „владеење на правото на владеење”, вторите се ограничени на потпирање на сопствените капацитети за претприемништво во економијата и иновативност во политиката надвор од координатите на службените координати на првите. Таа дихотомија е клучниот двигател на политичките, општествени и меѓуетнички триења и искричења, кои, со оглед на неспремноста за изнаоѓање компромисни решенија и доминацијата на менталитетот на исклучивост, нема да можат да бидат скротени се' додека промените на раководствата се парцијално-персонални наместо сеопфатно системски. Следствено, како последица на неподготвеноста за компромис, просецот на десуверенизација, на outsorcing на интегритетот во носење одлуки и динамиката на фрагментизација на политичкото организирање ќе продолжи да ја обесмислува секоја определба за „системски реформи” и ја зајакнува желбата на граѓаните за коренити промени на политичкото претставништво.

Неспремноста и одбојноста на домашната политичка каста кон искрени, динамични, опипливи, осетливи внатрешни реформи неминовно води кон предупредувањето на Алфред Тајер Махан дека е „невозможно за нацијата да си го задржи своето доколку тапка во место”. Тоа предупредување посебно доаѓа до израз во светло на се' поизвесното оддалечување на нашето приклучување кон ЕУ, како најодржлива демонстрација на позитивна експанзија и нашата потреба за бегство од себе. Венеењето на извесноста на ЕУ во чекор со неспремноста за прифаќање на внатрешните еволуции, води кон уште потрезвено соочување со ставот на Наполеон дека „познавањето на географијата на една земја е предуслов за разбирање на нејзината надворешна политика”. Наведените цитати се позајмени од книгата на Роберт Каплан со, за нашите внатрешни и регионално-контекстуални реалности, сосема самообјаснувачки и предупредувачки наслов – „Одмаздата на географијата: што велат мапите за претстојните конфликти и битката против судбината”. Кажано поинаку, секое наше понатамошно одбивање, избегнување, имитирање и саботирање на домашните реформи неминовно ќе води кон уште поизразена дегарадација на внатрешниот интегритет за самоодлучување и длабоки надворешнополитички импликации и компликации по нашата и онака разнишана сувереност и регионална стабилност. Сосема е реторичко прашањето дали тоа е опасност која ни претстои, или пак веќе сме до гуша заглавени во неа. 

Реклама