Вадефул: За датумот за преговори - во септември | Северна Македонија | DW | 30.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Вадефул: За датумот за преговори - во септември

Заменикот шеф на пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) во Бундестагот, Јохан Вадефул вели дека за датумот за преговори на Северна Македонија и Албанија ќе се одлучува во септември.

Нема да има брза одлука по препораката на Европската комисија за давање статус на кандидати за приклучување на Албанија и Северна Македонија, изјави денеска заменикот шеф на пратеничката група на Унијата (ЦДУ-ЦСУ) во германскиот парламент, Јохан Вадефул. „Ваква проверка не може да се случува набрзина. Тоа не би можело да се оправда пред германското население, ниту пак би било соодветно за погодените земји“, ја пренесува агенцијата Ројтерс денеска оценката на Вадефул

Тој додава дека „германскиот Бундестаг дури на крајот на септември ќе може да одлучува за почеток на преговори за приклучување, онака како што е договорено со колегите од пратеничката група на СПД“.

Вадефул ја критикува Албанија дека досега не исполнила ниту еден од условите за почеток на преговори наведени на 26 јуни 2018 година. Сѐ уште нема функционален правосуден систем, ниту е основана Антикорупциска комисија, вели тој. Слично слаби, според него, се и напорите за борба против организираниот криминал во Албанија. „Оттука на Албанија ѝ е потребно уште време за да се подготви за преговори за приклучување“, оценува Вадефул.

Повеќе:

Одлагање на преговорите со ЕУ ќе донесе разочарување

Препораката е убедлива, секое одложување од ЕУ би било нефер кон Северна Македонија

Претходно, државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот (СПД), побара согласност со препораката на Европската комисија за почеток на преговори.

Министрите за надворешни работи на ЕУ во јуни треба да разговараат за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија. Агенцијата Ројтерс оценува дека Северна Македонија има добри шанси поради решението на спорот за името со Грција.

DW.COM

Реклама