1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Ukraine | Massengrab in Bucha
Фотографија: Rodrigo Abd/AP/picture alliance
Конфликти

Буча: Мрачната деспотија не смее да победи

Еуген Тајзе
5 април 2022

Светот е шокиран од грозните руски злосторства во текот на инвазијата врз Украина. Случајот со Буча покажува дека мир во Европа може да има само ако Русија си ги скрши забите на Украина, смета Еуген Тајзе.

https://p.dw.com/p/49Sph

Буча, Ирпин, Хостомел, Мариупол, Тростјанец – пописот на украински места кои во очите на светската јавност ги симболизираат свирепостите на руската агресорска војна станува сѐ подолг. Мажи со врзани раце убиени со куршум во тилот, жени убиени од огнено оружје само затоа што се осудиле да излезат од подрум, разорени училишта и болници од бомби –  целното убивање цивили  изгледа карактеристично за постапувањето на Русите против Украинците во оваа војна. Социјалните мрежи се вистински преплавени од извештаи на украински очевидци и  потресни слики  по ослободувањето на некои места.

Некогаш Германците, сега Русите

Еден од таквите руски варварски злосторства – во меѓународната јавност многу помалку познато откако Мариупол или  Буча,  е Перемоха. И тоа село, оддалечено околу 50 километри источно од Киев, по едномесечна  окупација е речиси целосно разорено и ограбено. Трагичната коб на Перемоха има посебно значење.

Тоа село до 1945 година се викало Јадливка и еднаш веќе било симбол за окупаторски злосторства. Во Втората светска војна Германците целосно го запалиле Јадливка, што било ѕверска одмазда за нападите на партизаните. По војната селото било повторно изградено и преименувано во Перемоха – што на украински значи победа. 

Шест децении подоцна, како студент имав прилика да соработувам на посебен проект – млади Германци и Украинци со години во летни работни акции го обвновуваа училиштето во Перемоха. Тој доживеан знак за помирување за цел живот ме импресионира мене и бројни други во Украина и во Германија. Да се прави добро за заеднички да се надвладеат злосторствата на претходните генерации, тоа е посебен темел за вистинско пријателство, за заеднички поглед во иднината. Најдобра гаранција за грозотиите на минатото да не се повторат никогаш повеќе. 

Пријателство по помирувањето со Германија

Среќен сум што денешна Германија и Украина ги поврзува пријателство, кое почива на еднакви вредности, како што се демократија и слобода. Покрај сите оправдани критики од Украина поради сомнителните германски деловни односи со Русија и неподносливото долгогодишно гледање низ прсти кон диктаторот во Москва, Германија сепак во најтешките моменти ја помага Украина, било преку помош на бегалците или преку испорака на оружје за самоодбрана.

DW I Kommentarbild  Eugen Theise
Еуген ТајзеФотографија: Privat

Осум децении по германската, сега Украина ја гази руска војна на уништување. Како и германските окупатори некогаш, ни денешните руски окупатори не покажуваат никакво сочувство кон цивилното население. За Русите тие денес се смртен непријател кој треба да се елиминира, зашто нивниот стремеж за слобода и самоопределување го доживуваат како егзистенцијална закана за своето руско постимперијалистичко сфаќање за себе.

Омраза кон „украинските предавници“

Во главите на мнозинстото Руси никогаш не престанала да постои нивната загубена империја. А свртувањето на Украина кон Запад во тој шокантен ретрограден начин на размислување претставува велепредавство. 86 проценти од Русите, според најновите анкети на независниот руски институт за испитување на јавното мислење, Левада, ја одобрува интервенцијата на руската војска во Украина.

Во сталинистичкото општество, какво што настана повторно под Владимир Путин, за „непријателите на народот“ секогаш важи најстрога казна. Тоа Украинците го знаеја и пред оваа војна, и во Перемоха. Само 30 километри од тоа село, во едно киевско предградие, непосредно пред Втората светска војна систематски се убиени илјадници Украинци и закопани на местото на убиството во една шума. Само затоа што московскиот режим на Јосип Висарионович Сталин ги прогласил за непријатели. Денес се сите Украинци предавници и непријатели ако не го дочекаат окупаторот со аплауз. 

Украинците можат само да победат

Колку и да е шокантно убивањето и ограбувањето од страна на агресорите, охрабрува  успешната одбрана на Киев  и другите градови. Западните партнери не смеат да се обесхрабрат и да потклекнат во поткрепувањето на  Украина  со сите средства, па дури и во случај на натамошна ескалација од Москва. Зашто, победата на Украинците против руската деспотија би била шанса за цела Европа. Европа која токму сега, на страната на Украинците, наново се дефинира како заедница на вредности. 

„Одете си од нашиот град“

Станува збор за мирната иднина на Европа. Само во случај на фијаско на овој срамен напад, овој со децении негуван руски култ на војна ќе добие пукнатини. Агресивната диктатура во Москва со својата масовна пропаганда своето сопствено население го замајува со војната. Перфидно е што злосторничкиот режим својата легитимност ја темели на митот на советската победа над нацистичка Германија. Сѐ додека Русите во своето ревизионистичко лудило се чувствуваат непобедливи, нема да има траен мир во Европа. Зашто, додека ние во Европа од Втората светска војна научивме дека такви стравотии веќе никогаш не смеат да се повторат, во Русија омилено мото е „тоа можеме да го повториме“ (Mожем повторить).

Притоа не станува збор за ништо друго, туку за освојување на Берлин.

Перемоха значи победа. Разурнатото село, по победата над агресорот Русија, повторно ќе биде изградено. Дали Русите, барем неколку генерации подоцна, ќе размислуваат за судбината на тоа село, како некогаш Германците, зависи од тоа што уште по урнатините од оваа војна ќе остане од Путиновиот злосторнички режим.

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Северна Македонија Протест

Кога градот престанува да биде Град

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница