Бугарија се′ уште не е подготвена за Европската унија | Северна Македонија | DW | 09.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Бугарија се' уште не е подготвена за Европската унија

Дали денес бугарскиот политички естаблишмент е свесен дека ги врати односите помеѓу граѓаните на двете држави во најтемниот период на едноумието? Пишува Никола Тодоров

Кога пред неколку недели излегов со интервјуто за бугарски Дневник, на прашањето на новинарот каде згреши Северна Македонија во односите со Бугарија, одговорив со она што одамна го мислам, а тоа е дека нашата најголема грешка е што не влеговме во ЕУ пред Бугарија. Моето деби како колумнист беше инспирирано токму од овој мој став. Доколку се сеќавате тогаш поставив една фикција за еден замислен премиер-предавник кој спротивно на интересите на тогашниот политичко-безбедносен џет сет, знаејќи дека националниот занес ќе пукне брзо под притисокот на празниот џеб и празниот стомак, одлучи да го затвори македонското прашање, па се одлучи да направи незамислив и „предавнички“ компромис со Грција и да го реши проблемот со името. Се разбира ова беше фикција, но за жал болната реалност e дека нашата држава, наместо да го фати чекорот со Словенија, Естонија, Чешка, Полска и останатите 6 земји кои во 2004 година пристапија кон ЕУ, ние го пропуштавме секој следен воз, за на крај да завршиме во чекалницата заедно со Албанија. Денес како резултат на тогашното политичко слепило имаме одлична шанса да ја испратиме и Албанија на патот кон ЕУ, а ние да останеме на перонот заедно со Босна и Херцеговина и Косово. Ние, со таа тогашна политика на големите патриоти, кои јавно се удираа во гради и се колнеа во Македонија, а всушност сакајќи или не сакајќи работеа против неа, заглавуваме се' подлабоко и подлабоко во дупката која сами си ја копавме. Кога велам ние, ни на крај памет не ми е себеси да се екскулпирам од одговорноста за оваа политичка кратковидост, но никако не можам да се согласам дека ова е исклучиво наша грешка. Напротив, сметам дека повеќе е грешка на политичарите од деведесеттите години, зошто тогаш можевме да имаме подобро решение од она што го имавме ние, и од она што го имаме прифатено денес.

Затворање во наша корист

Кога челниците на западноевропските земји и САД не' повикуваа да направиме храбар компромис, ние нив ги гледавме како непријатели и платеници кои дошле да ни го земат најсветото и да ни ја уништат државата. Не погледнавме 20 години нанапред како што тоа го прави секоја нормална и организирана држава која својата стратегија ја гради за период од 20-30 години, ако не и за 50 години. Тогаш имавме можност да го затвориме македонското прашање во наша корист. Ако тогаш бевме мудри визионери, а не вазали на претходниот систем и удбашките безбедносни структури, ние ќе бевме членка на ЕУ кога Бугарија ќе аплицираше за членство во ЕУ. Тогаш ние ќе бевме во позиција да поставуваме исти вакви барања како што денес нам ни поставува Бугарија. Тогаш на протестите во Софија, организирани од бугарското ВМРО, ќе протестираа Бугари возејќи се со возила со македонски таблички, Бугари кои имаат македонски пасош и државјанство. Многу веројатно дека ќе имаше стотина илјади бугарски државјани кои земале македонски пасош за да можат да купат поевтини возила, или за да можат без визи да патуваат или работат во ЕУ. Ќе имаше стотина илјади бугарски државјани кои потпишале изјава во склоп на барањето за државјанство дека нивните татковци и дедовци не биле Бугари, туку дека биле Македонци. Но, за жал како што потенцирав, ние тогаш се' уште живеевме во филмот на Сутјеска и Неретва водени од паролата „смрт на фашизмот- слобода на народот“. Бидејќи навреме не го затворивме македонското прашање, денес наместо бугарското ВМРО, македонското ВМРО организира протести на кои помеѓу Македонците има и неколку „патриоти" кои доаѓаат да протестираат против Бугарија со возила со бугарски таблички, и кои за да можат да купат за 600-700 евра поевтино возило потпишале дека нивните татковци и дедовци биле Бугари. Денес имаме над 100.000 Македонци кои за некаков финансиски бенефит, а некои и бидејќи така се чувствуваат, потпишале изјава дека тие и нивните предци биле Бугари. Денес македонското ВМРО протестира против можна или замислена трговија со македонскиот идентитет и јазик. Јас не гледам проблем во тоа што протестира опозицијата, напротив, мислам дека тоа на еден специфичен начин и' помага и на државата, но и на владата да дојде до подобро решение во спорот со Бугарија. Нормално е опозицијата да се обиде да го искористи овој проблем во своја полза и да добие некој политички поен плус, а да бидам искрен, мислам дека и СДСМ да беа опозиција во овој момент ќе постапуваа идентично. Овие протести прават еден специфичен притисок на двете преговарачки страни да не ризикуваат премногу во преговорите, но истовремено прави притисок и да се најде некакво решение со кои двете страни ќе може да живеат. Една замерка за протестите како долгогодишен член на ВМРО е што ВМРО денес протестира  под паролата „смрт на фашизмот- слобода на народот“. Како да е заборавено дека над 20.000 вмровци биле осудени од идеолошки причини за време на комунизмот (намерно велам комунизмот за да ги вознемирам кодошите од тоа време), а пресудите секогаш завршувале со паролата „смрт на фашизмот- слобода на народот“, за подоцна да се користи само кратенката СФСН. Заради тоа, по мене не е вмровски да се протестира под ова мото.

Други колуми од авторот:

Надувано его

Доста е историја

Мицкоски, омилениот вмровец на СДСМ

Игра по советски ноти?

Ако трезвено и објективно ги поставиме работите, ќе заклучиме дека ако спорот со Грција го решевме пред Бугарија да влезе во ЕУ, ова немаше да биде вака. Ама вака е!

И сега што правиме? Имаме две можности, да најдеме решение на спорот и да го фатиме возот за ЕУ заедно со Албанија, или да не најдеме решение и да го пропуштиме и возот за ЕУ кој ќе го фатат пред нас и Косово и Босна и Херцеговина. Да потсетам, кога во деведесеттите преговаравме со Грција, тоа беше само купување на време до следните избори, затоа што секој политичар знаеше дека решението на спорот за името е ние да го смениме името. Сите бараа решение за името, а никој гласно не кажуваше дека решение на спорот со Грција всушност значи промена на името на нашата држава. Зашто сите знаевме дека тоа е така и никој, ама баш никој не веруваше дека после 30 години спор со Грција, Грците ќе кажат, се шегуваме со вас 30 години, од утре можете да си го користите уставното име Република Македонија. Се плашам да не влеземе во истиот овој вртлог и со Бугарија.

Кого и да прашате кај нас, ќе ви каже дека додека бевме дел од Југославија, во споредба со Бугарија, па и со сите останати земји кои припаѓаа на Варшавскиот пакт, ние имавме многу повеќе слобода, многу повисок стандард на живот, можевме да патуваме по светот без многу ограничувања, кога во Бугарија и во останатите земји од источниот блок важеше правилото дека двајцата брачни другари не смеат истовремено да ја напуштат државата, за да не пребегаат од земјата. Ние имавме многу поубав и полесен живот од Бугарите цели четири децении, ако не и повеќе. Бевме спремни да влеземе во ЕУ пред нив, но таа предност што ја имавме, ние ја прокоцкавме, па дозволивме Бугарите да ги соблечат советските костуми и да станат Европејци пред нас. Но, дали навистина станаа Европејци? Дали навистина ги соблекоа советските костуми? Дали заслужија да бидат дел од овој прекрасен сојуз на слободни и напредни европски демократии? Дали Бугарија беше подготвена да влезе во ЕУ оптоварена со ова ниво на балканскиот национализам? Дали денес, бугарскиот политички естаблишмент е свесен дека ги вратија односите помеѓу граѓаните на двете држави во најтемниот период на едноумието? Дали се свесни дека во овој момент нема Македонец што не ја презира оваа нивна одлука, а со тоа и нив. Зошто ова им требаше? Играат ли уште по старите советски ноти или сé ова е кампања за некој процентен поен повисок рејтинг пред следните избори?

Да решиме што бил Делчев

Замислете Германија да почива на истото количество национализам на кое почива во овој момент бугарската политичка елита? Замислете како ќе изгледа Европа, па и светот, доколку ваков тип на ирационален и анахрон национализам ги води Германија или Франција во овој момент.

Мојот став по ова прашање е дека за овој спор со Бугарија е потребно трпение и време. Трпение и време од двете страни. Спор кој трае еден век, не може да се реши за еден ден. Во мојата претходна колумна насловена „Доста историја“ предложив наместо со историја да почнеме да се занимаваме со многу попродуктивни работи во интерес на граѓаните од двете страни на границата. Гледам дека во Бугарија тешко дека би можеле да се согласат со ова, односно фаќајќи не во тесно, се обидуваат преку една крајно непримерна и непријателска уцена да не' принудат на нешто што кога тие би биле во наша кожа никогаш не би го прифатиле. Затоа сега, повеќе од кога било, ни е потребна мудрост и стратешки пристап кон проблемот. Во никој случај не смееме да цимолиме, ниту пак да одговориме со реторзија. Треба да бараме решение со цел да го најдеме, а не да купуваме време или да глумиме дека преговараме. За јазикот и идентитетот не  може да се преговара, но ако можеше да се најде решение за Св. Кирил и Методиј, за Св. Климент и Наум и за цар Самоил, сигурен сум дека може да се најде решение и за Гоце Делчев и останатите револуционери од тој период.

Еве еден предлог: Бугарија во рамки на германското претседателство да го повлече своето вето и да ги почнеме преговорите со ЕУ. Имаат 5-6 години, во најдобар случај, да не' блокираат кога сакаат. За тоа време ајде да ги објавиме на нашите национални телевизии сите оригинални документи во кои Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин, а Бугарите на нивните национални телевизии да ги објават сите оригинални документи каде Гоце Делчев се изјаснувал за Македонец. Да видиме колку пати во неговиот живот Гоце рекол јас сум Бугарин, а колку пати во неговиот живот рекол јас сум Македонец. Ако Гоце барем еднаш се изјаснил како Бугарин, да признаеме дека бил Бугарин, но ако барем еднаш се изјаснил како Македонец, Бугарите да признаат дека бил Македонец. Ако се изјаснил и како Македонец и како Бугарин, тогаш да прифатиме дека бил и Македонец и Бугарин. И воопшто не е важно дали се изјаснувал како Бугарин во политичка смисла, или како Македонец во регионална смисла. Ако барем еднаш, тој лично пишал, кажал или се декларирал како Македонец или Бугарин, да прифатиме дека бил тоа што самиот тој кажал дека е. Би било глупаво денес, после повеќе од еден век од неговата смрт, ние да кажуваме што бил, доколку тој додека бил жив самиот кажал како се чувствувал. Вака потоа да продолжиме и со Јане Сандански, Ѓорче Петров, Никола Карев, Даме Груев, Тодор Александров, Ванчо Михајлов, Христо Татарчев, Димо Хаџи Димов, Панко Брашнаров, Павел Шатев. Ќе ни збоктиса од историја наредните 5-6 години, ама барем еднаш засекогаш вистината ќе биде иста и во Македонија и во Бугарија. Само ве молам, во меѓувреме во овие 5-6 години да го направиме автопатот Софија-Скопје, а, зошто да не, и брза железница помеѓу двата главни града. Зошто, сепак и во двете држави има луѓе кои во меѓувреме сакаат да имаат убав и нормален живот.