1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хубрис синдромот во македонската политика

25 ноември 2020

Сум бил долго во политика, сум го почувствувал ова, па знам дека степенот на надуеност на егото е правопропорционален со времето поминато на власт, односно нивото на моќ кое го имаме. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/3lmZS
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Еден познат англиски историчар има кажано дека историјата на лудилото е историја на моќта.

На оваа тема ме натера да размислувам една статија што на почетокот на месецов ја објави Harvard Business Review (HBR) на тема „Егото е непријател на доброто лидерство“. Авторите се повикуваат на едно истражување кое го имаат објавено Дејвид Овен поранешниот министер за надворешни работи на Обединетото кралство, инаку невролог по професија, и психијатарот Џонатан Дејвидсон, насловено како Хубрис синдром (hubris syndrome): Стекнато растројство на личноста. Според Овен и Дејвидсон, Хубрис синдромот  е растројство на личноста до кое доаѓа како резултат на поседување на моќ (власт), особено власт (моќ) која е поврзана со некој поголем успех постигнат во определен временски период. Според Овен и Дејвидсон, Хубрис синдромот има пет есенцијални разлики во однос на Нарцисоидното растројство на личноста и тоа:
а) мешање/замена на себе со нацијата или организацијата;
б) употреба на кралското „ние“;
в) непоколебливо верување дека повисок суд (историја или Бог) ќе обезбеди оправдување;
г) немир, непромисленост и импулсивност; и
д) морална исправност која ги надминува практичностите, трошоците и резултатот.

Од друга страна според авторите на статијата на HBR „нашето его е како мета што ја носиме на нас. И како и секоја мета, колку е поголема, толку е полесно да биде погодена. Бидејќи нашето его копнее по позитивно внимание, тоа може да нè направи подложни на манипулација. Тоа нè прави предвидливи. Кога луѓето го знаат ова, тие можат да играат на картата на нашето его. Кога сме жртва на сопствената потреба да нè гледаат како големи, на крајот ќе донесуваме одлуки што можат да бидат штетни за нас самите, за нашите луѓе и нашата организација“. Според авторите на оваа студија надуваното его го корумпира нашето однесување и го стеснува нашиот видокруг, па поради ова, ние ја губиме перспективата и заглавуваме во т.н.лидерски меур каде го гледаме и слушаме само тоа што сакаме. Како резултат на ова, губиме контакт со луѓето што ги водиме и со културата на која припаѓаме, за на крај да ги загубиме нашите клиенти/поддржувачи. 

-претходни колумни:  Мицкоски, омилениот вмровец на СДСМ

Сум бил долго во политика, сум го почувствувал ова, па знам дека степенот на надуеност на егото е правопропорционален со времето поминато на власт, односно нивото на моќ кое го имаме. Што подолго еден човек е на власт и што е повисоко во хиерархијата, толку неговото его е по надувано и толку неговиот видокруг и способноста за учење од сопствените грешки е помало. После повеќе години на висока функција и со висок рејтинг помеѓу гласачите мислиш дека сé можеш да протуркаш, па почнуваш да делуваш и да се однесуваш како да не си ти. Ова го кажувам од искуство бидејќи денес после неколку години без никаква функција, се прашувам како сум можел да донесам некои одлуки што сум ги донел, а со кои и не се гордеам премногу. Сигурен сум дека со ова ниво на его денеска, никогаш не би донел некои одлуки. Факт е дека секој од нас има сопствено его и тоа во голема мера зависи и од степенот на образование и знаење, па повеќе знаење води кон помало его и обратно, освен во случај кога имаш моќ, бидејќи тогаш знаењето е потиснато од моќта, па важи правилото што повеќе моќ тоа поголемо его.

Четирите години

Затоа во демократијата е измислен мандатот односно временското ограничување на моќта. Знам, на секој политичар четири години власт му се гледа малку, а четири години опозиција му се гледа многу. Во основа сметам дека ова е перфектниот временски баланс кој овозможува контролирано надувување на егото додека си власт и контролирано издишување на егото додека си во опозиција. Посебно е важен периодот што еден политичар го поминува во опозиција од причина што, како што и е дефинирано во науката, Хубрис синдромот е стекнат синдром, односно не е вроден синдром, па недостатокот од власт и моќ, како и ограничувањата кои се карактеристични за опозицијата, овозможува „издишување“ на надуваното его, појасна перспектива и поширок видик. 

-претходни колумни: Доста е историја        

Освен, се разбира доколку не е во комбинација со нарцисоидно растројство на личноста, па тука и периодот поминат во опозиција не само што не го издишува надуваното его, туку дополнително го надувува и го комбинира со фрустрации базирани на она што штипјани, кога сакаат да дадат лоша карактеристика за некој човек, го дефинираат како „ја па ја“. Јас кога бев, ние кога бевме, јас ова направив, ние она направивме, тоа воопшто не помага надуваното его да издише. Напротив, го одржува и стимулира. Наместо ова, секој кој бил во позиција да има моќ, не треба да повторува и да се себе-глорифицира со тоа што го направил, туку треба да се преиспитува зошто нешто што било добро и можел да го направи не го направил, и зошто нешто што било лошо и не требало да го направи, го направил. Само на овој начин политичарите и политиката ќе еволуира кон подобро.

Порив за моќ

Кај нас за жал не е така. Многу ретко политичарите ги преиспитуваат своите постапки, ретко самите на себе си ги признаваат грешките, а уште поретко тоа го прават јавно, па така кај нас има политичари кои и по неколку децении постојано дополнително си го надувуваат егото, или пак  политичари кои влегуваат во политиката со пренадувано его, па мислат дека секогаш се најисправните и најпаметните. Ова е резултат на целосно загубена самокритичност, лажна самодоверба и порив за повеќе моќ по секоја цена. Кај нас моќта подеднакво уништува и на власт и во опозиција. Важно е да си неприкосновен, да имаш шофер, кола, обезбедување, да имаш отворена сметка во сите луксузни ресторани, сликата на лидерот да виси во секој партиски штаб, да ти се смеат на секоја глупава шега, да ти се восхитуваат на интелигенцијата, способностите, силата и патриотизмот. Ова влијае, овие его трип лидери да се чувствуваат како над-луѓе, непогрешливи стратези и заводници кои се обожувани од своите следбеници.

-претходни колумни: Корона-криза: Леб или живот?

За овие лидери оставката е кукавичлук, поразот е победа, критичарите се непријатели, критиката е платена пропаганда, зборот не е збор. Овие лидери не знаат за самокритичност, не применуваат тактики на себе-анализа, никогаш не ги преиспитуваат своите одлуки, ги мразат сите кои се осмелиле да мислат поинаку, ги осудуваат сите кои не се во нивниот табор и кои не сакаат понизно да ги одобруваат сите глупости кои семоќниот лидер ќе ги смисли. Овие лидери ги сметаат за предавници сите кои не се спремни заедно со его трип лидерот да се фрлат во бездната, затоа што умните знаат дека овој тип на лидер секогаш се преправа дека ќе скокне, вика скокај, а тој не скока. Тоа се лидери кои егото си го хранат со туѓата несреќа и се радуваат на туѓиот неуспех, па дури и на неуспехот на нацијата, затоа што во националниот пораз гледаат шанса за преземање, зголемување или задржување на моќта (власта). Овие се спремни да клекнат на колена пред својот народ и со лажна понизност да го молат народот да им ја даде моќта по која копнеат и од која се зависни, а во суштина народот го сметаат за потчинет и недоветен. Тоа се лидери кои страдаат од Хубрис синдромот иако немаат ништо поголемо постигнато низ годините. Дури и постојано да губи, а губи, овој его трип лидер смета дека големото постигнување му е што станал лидер, па затоа и страда од овој синдром, кој повторувам е стекнат, а не вроден синдром.

А нели, историјата на моќта е историја на лудилото.