Брутална битка за лекари во Европа | Свет | DW | 21.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Брутална битка за лекари во Европа

Франкфуртер алгемајне цајтунг во денешното издание пренесува истражување на Институтот за меѓународни економски споредби од Виена кое дава песимистичка слика за состојбата со здравствениот персонал на Балканот.

Одливот на медицински персонал од Западниот Балкан кон земјите од Западна Европа и Северна Америка го руинира здравствениот систем во тој регион. Но западните земји водат и меѓусебна битка за привлекување на лекари и медицински сестри, покажува истражувањето на Инстутот од Виена кое денеска го пренесува ФАЦ. Германија, Швајцарија, Норвешка и Велика Британија се како магнет за привлекување на професионалците од овој сектор во нивните земји.
Рекордери во иселувањето кон Германија во бруто-број се Романците. До крај на 2019 година од Романија во Германија се доселиле 4,785 медицински професионалци.
„Двоцифрен процент од вкупниот број лекари доселеници се забележуваат и од Србија, Косово и Северна Македонија. Најголем раст на иселување на лекари во Германија забележила Албанија- 765 лекари со албански пасош биле регистрирани во Германија до крајот на 2019 година, а тоа е 21 отсто повеќе од претходната година“, пишува ФАЦ.
„Никаде во Европа бројот на здравствени работници по глава на жител не е така низок како во Албанија. И тој тренд се влошува. Во 2010 година, седум отсто од албанските лекари биле во странство, а кон крајот на минатата година, дури 18 проценти. И другите земјите на југоистокот на Европа покажуваат слична тенденција. Западниот Балкан не ги губи само лекарите. Од 2010 до 2017 година од тие простори во ЕУ се отселиле 423,000 жители- три отсто од вкупното население“.
Како реакција на овој тренд, државите од регионот го зголемуваат бројот на луѓе кои се школуваат во оваа професија. На пример, Романија, Хрватска, Словенија и  Србија школуваат повеќе лекари и медицински сестри во однос на просекот на ЕУ. Па сепак располагаат со помалку персонал.

Гледај видео 02:46

Што ги очекува македонските лекари во Германија?


„За разлика од нив, европските земји на западот и северот не школуваат доволно персонал. Сиромашните земји едвај да можат да го компензираат недостатокот на медицински персонал со носење на странски работници. Парите и надежта дека ќе се добие повисок животен стандард се голем поттик за преселба на лекарите“, заклучува ФАЦ.
Кон тоа секако придонесуваат и ниските примања во регионот, кои се за околу две-третини пониски од просекот во ЕУ. Просечната лекарска плата во Германија е околу 2,400 евра, а во Албанија, на пример, околу 900.
ФАЦ понатаму констатира дека одливот на медицинските работници од земјите од регионот на Западниот Балкан нема да се намали, иако владите во тие земји им ги зголемуваат платите на лекарите и исплаќаат премии за работа во пандемиски услови.
Во богатите земји ќе расте потребата од школуван медицински кадри, имајќи го предвид прекумерното одење во пензија и продолжениот животен век на населението што пак ја зголемува потребата за медицински услуги и нега. Зголемената побарувачка ќе се судри со намалената понуда. Тоа, според ФАЦ, ќе доведе до уште пожестока борба за здравствените работници.

 

DW.COM