Брегзит и натаму предизвикува кавги | Свет | DW | 09.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Брегзит и натаму предизвикува кавги

Во Велика Британија за Брегзит дискутираат жестоко не само политичарите, туку и граѓаните. Застапниците и противниците на излез од ЕУ имаат сосема спротивни мислења за начинот на кој треба да оди разводот од Унијата.

Мало пазарче во една тесна уличка во Кентербери. Џеф Ричардсон со своето подвижно комбе продава колбаси. „На божиќниот пазар сите се збудалени по германските колбаси“, вели Ричардсон за ДВ. „Затоа си рековме: ова може да го правиме цела година.“

Значи, апсолутна љубов кон континенталните колбаси. Се разбира, работите не би требало да се мешаат со ставот кон континентот во целост. На референдумот за Брегзит овде, во историскиот град на југоистокот на Англија, 49% од избирачите се изјаснија за останување во ЕУ. 51 процент сака излез од Унијата. Град кој е поделен исто како и целата земја.

Brexit spaltet Großbritannien (DW/A.F.Rouch)

Сите сакаат германски колбаси. Кој сака Брегзит?

Отворени јазови

Да или не? Така гласеше прашањето на референдумот минатиот јуни. Но, гласачите беа конфронтирани со многу теми. Таборот кој беше за излез од ЕУ зборуваше дека со тоа ќе се врати контролата врз доселувањето. Во дискусијата беа вметнати темите како преоптоварена инфраструктура, непопуларните прописи од Брисел, бавната бирократија и трошоците што ги со себе ги носи членството во ЕУ. Оние кои беа за останување во Унијата, пак, имаа контрааргументи, кои рака на срце ги бранеа сѐ помлако: со излезот се загрозува солидарноста и стабилноста, британскиот пазар има потреба од мигранти, финансиските пазари на ЕУ се добри за Лондон и генерално треба да се стравува од неизвесноста која со себе ја носи Брегзитот.

Референдумот на виделина ги извади јазовите во британското општество појавени од „пред околу една деценија“, вели Крис Мореј кој се занимава со демоскопски истражувања на Универзитетот Саутхемптон. „Со тоа во политичката дискусија влегоа и вообичаени станаа определени предрасуди кон мигрантите, па дури и омразата кон судиите.“ Судиите од страна на десничарски настроените медиуми беа навредувани поради тоа што ѝ забранија на Владата излез од ЕУ без согласност од страна на Парламентот. „Владее чувство дека во Обединетото Кралство сега има помало единство отколку пред референдумот за Брегзит“, вели Мореј. „Поради дебатата за Брегзит на земјата се гледа како на помалку отворена, помалку толерантна за различни мислења и генерално - како повеќе поделена.“

Гледај видео 00:38

Шкотскиот парламент против Брегзит

Расипано пријателство

Но колку земјата е навистина поделена? Во Кентербери, градот со сооднос 49-51, многу минувачи за ДВ рекоа дека за Брегзит воделе жестоки дискусии на социјалните мрежи и со пријатели, членови на семејствата и колеги, но дека сега тие дискусии се минато.

Двајца пријатели дури при изјавите за ДВ забележаа дека гласале различно на референдумот. Ричард Борд, кој за разлика од сопругата гласал за излез од ЕУ, е на мислење дека референдумот не предизвикал расцеп во општеството. Тој нагласува дека сега луѓето повторно активно се занимаваат со политички теми. Само кај еден од интервјуираните граѓани, противникот на Брегзит Џон Лаки-Дауни, кој работи во финансискиот сектор во Бахреин, Брегзитот бил причина за расипување на едно пријателство.

Brexit spaltet Großbritannien Rory Edwards Elliot Hawkins (DW/A.F.Rouch)

Пријателството на Рори Едвардс и Елиот Хокинс го „преживеа“ референдумот за Брегзит

„Сега мора да го спроведеме“

Кај многумина застапници на опцијата за останување во ЕУ фрустрацијата во меѓувреме се претвори во прагматизам. Деветнаесетгодишниот Крис Бол, кој посетува училиште за глума, прво бил разочаран од „лагите на кампањата за излез од ЕУ“. „Сега тоа мора го спроведеме и притоа да одржиме што е можно постабилен однос со ЕУ, доколку е тоа изводливо.“

Дури и да не е изводливо: „Сеедно ми е ако на крајот имаме лош трговски договор со ЕУ“, вели пензионерката Лин Филдинг, додавајќи: „Ние сами ќе се снајдеме“. Нејзиниот сопруг Кевин Бардет додава дека се радува на поголема трговија со земји како Индија и Кина.

Шанса за смирување на непријателствата меѓу застапниците и противниците на Брегзит има. И тоа не само во местенца како Кентербери, туку во целата земја. Зашто на Брегзит-скептиците им недостига лидерска фигура која поттикнува и агитира, како што тоа го направи Најџел Фараж за Брегзит-таборот. Во наредните месеци и години ќе се покаже колкаво е навистина единството во Обединетото Кралство. Ако омразата против сѐ што е странско и натаму се зголемува, Британците би можеле да се оддалечуваат едни од други уште повеќе отколку досега.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама