Брегзит: ЕУ нема да ѝ излезе пресрет на Меј | Свет | DW | 14.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Брегзит: ЕУ нема да ѝ излезе пресрет на Меј

Британската премиерка се враќа со празни раце во Лондон. Ветувањата на ЕУ за соодветна интерпретација на договорот за Брегзит, се правно необврзувачки. Драмата продолжува.

Нешто по девет часот, по еден час заедничка вечера, британската премиерка го напушти самитот во сино капутче и чантичка в раце. Не се насмеа и ништо не кажа, со поглед вперен во црвениот тепих се качи во црна лимузина и исчезна во правец на нејзиниот хотел. Од брзото заминување не можеше да се заклучи дали 27-те премиери ќе ги исполнат барањата за дополнителни појаснувања и гаранции на премиерката чија позиција е разнишана и која нема мнозинство во парламентот за договорот за Брегзит. Тереза Меј уште по пристигнувањето во Брисел ретерираше од големите очекувања во Лондон која самата ги напумпа. До пред само две недели, на специјалниот самит, договорот за Брегзит уште го бранеше како ‘најдобар можен'. Меј рече дека не очекува голем исчекор без да опише што тоа би значело.

Повеќе: Британијо, времето ти истекува!

Нема придвижување во ЕУ

Веројатно е во право. На самитот во заклучокот само се повторува дека нема да има нови преговори. Нема правно обврзувачки текст за начинот на интерпретирање на договорот за ирската, односно северноирската граница. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека „сакаат тесно партнерство со Велика Британија. Преговорите за нов договор треба да почнат по истапувањето од ЕУ.“ Не било намера на ЕУ да го користат т.н. „Бекстоп“ за да ги држат Северна Ирска или Велика Британија во царинска унија со ЕУ, уверуваше Туск. 

„Тоа би се случило само ако не се постигне нов договор за идните релации, што пак ЕУ по секоја цена сака да го спреч“', вели Туск.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, ја пофали Меј што напорно и храбро се борела за договорот за истапување, но како што вели „сѐ уште не виделе резултати“ од тоа.

Дипломати на ЕУ сметаат дека држењето на 27-те премиери или претседатели може да е дел од преговарачката тактика. Не смеело прерано да се прават отстапки за да не се појават уште повеќе барања од британска страна за промени. „Сето ова е само прашање на тајминг“, вели дипломат од ЕУ. Не е исклучено Тереза Меј на почетокот на јануари уште еднаш да се обрати во Брисел. Гласањето за договорот во британскиот парламент е најавено за почетокот на јануари.

EU-Gipfel zu Brexit Juncker und May (picture-alliance/AP Photo/A. Grant)

Жан-Клод Јункер ја пофали Меј, но...

Нема нови преговори

Многу премиери и претседатели пред заедничката вечера појаснија дека текстот на договорот не може веќе да биде променет.

„Важно е да се избегне секоја двосмисленост и не може да има нови преговори, бидејќи и овој договор се преговараше со месеци“, вели францускиот претседател Емануел Макрон.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека договорот за Брегзит е „испреговаран и стои“. Таа би сакала да има и договор за идните релации за да не мора по крајот на преодната фаза во 2021 година да се применуваат правилата за избегнување на цврста граница помеѓу Ирска и Северна Ирска, која е дел од Велика Британија.

Повеќе: Брегзит под божиќната елка

Британците сакаат да го ограничат „бекстопот“

Британските дипломати на предбожиќниот самит се надеваа на една поумерена ЕУ, која ќе ѝ излезе пресрет на британската премиерка поради сопствен интерес. Бидејќи, без договор за Брегзит со согласност на Долниот дом на парламентот во Лондон, автоматски се заканува цврста граница на ирскиот остров на 29 март 2019, што ЕУ апсолутно сака да го избегне.

Но, ЕУ сепак не сака да се откаже од гаранција за Северна Ирска. Во неа се наведува дека целото Обединето Кралство останува дел од царинската унија на ЕУ, а за Северна Ирска такаречи и натаму важат правилата за внатрешниот пазар на ЕУ сѐ додека не биде заменет со нов договор меѓу ЕУ и Обединетото Кралство. Членовите на британскиот парламент особено се иритирани од оваа неограничена важност, бидејќи Британците и понатаму би биле тесно поврзани со ЕУ и покрај тоа што не би имале право на глас во однос на царинските регулативи или буџетските договори.

Belgien | EU-Gipfel in Brüssel (Reuters/Pool/P. v. d. Wouw)

Британските желби беа доминанта тема на првиот ден од самитот на ЕУ

Крај на трпението?

Литванската претседателка Далиа Грибаускаите веројатно не е единствената од кругот на 27-те ЕУ-земји која полека го губи трпението. Таа на Твитер напиша божиќна желба за самитот и Брегзит: „Решете се еднаш што навистина сакате, па Дедо Мраз тоа ќе ви го оствари.“

Долготрајната драма со Брегзит и договорот за излез од ЕУ ќе има свое продолжение во Лондон следната недела. Тогаш британската премиерка ќе поднесе извештај пред своите пратеници. За Тереза Меј, самитот во Брисел е само почетокот на преговорите. Останува уште некое време до Божик да се испрати нова листа со желби до Брисел.

Освен Брегзит...

Британските желби беа доминанта тема на првиот ден од самитот. Речиси попатно беа донесени и други заклучоци: ЕУ едногласно ја осуди најновата агресија на руската морнарица против Украина и едногласно ги продолжи економските санкции и санкциите против руските граѓани.

Беа усвоени и насоки за преговорите за буџетот за периодот од 2021 до 2027 година. До следната есен треба да се постави среднорочната финансиска рамка во висина од 1,3 милијарди евра. Проблематично во моментов е тоа како да се надополни „дупката од Брегзит", односно делот кој досега го уплаќаше Велика Британија. Многу нето-плаќачи одбиваат да го зголемат својот удел. Досега само Германија изрази подготвеност да го зголеми својот финансиски придонес.

DW.COM

Реклама