Борба за наследник на Меј: Деветмина против Борис | Свет | DW | 12.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Борба за наследник на Меј: Деветмина против Борис

Гужвата кај британските конзервативци е голема - за наследник на Тереза Меј се борат Борис Џонсон и деветмина други кандидати. Кој има најголеми шанси кај партиската база и конзервативните пратеници?

Откако за време на викендот Мајкл Гоув мораше да признае дека во своите „луди години“ понекогаш конзумирал кокаин, навалицата за наследник на Тереза Меј во британскиот печат се претвори во комедија. Печатот се прашува што ли десеттемина кандидати пушеле, шмркале или пиеле за до толку да ги преценат своите способности. Па сепак, сослушувањето во комитетот на т.н. „backbencher“, односно пратеници кои во британскиот парламент немаат некоја истакната функција или немаат никаква функција, почна без никакви опијати.

Повеќе:Тереза Меј: Најлоша премиерка на сите времиња?

Мајкл Гоув - сериски баксуз

Важеше за компромисен кандидат - поднослив за брегзитерите и носител на надеж за умерените во Конзервативната партија. Мајкл Гоув се надеваше дека дека ќе може да му ја одземе победата на својот стар ривал Борис Џонсон. Ветуваше дека ќе ги обедини поделените Ториевци, кои по европските избори се измачувани од стравувања дека паријата би можела да пропадне. Освен тоа, важеше за еден од поинтелигентните и покреативните министри во кабинетот на просечност на Тереза Меј.

Großbritannien London Minister Michael Gove (Getty Images/C. Furlong)

Мајкл Гоув како да чувствува дека веќе ја загубил трката

Откако во неделното шоу на Би-Би-Си мораше да признае дека на почетокот на својата новинарска кариера повеќе од еднаш шмркал кокаин, не му помогна ниту најдлабокото жалење. Тоа е казниво, на Гоув би можело да му биде забрането да влегува во САД и воопшто - кандидатот е лицемерен, триумфираат неговите противници. Зарем тој како министер за образование не им се закани на наставниците дека ќе бидат отпуштени доколку бидат фатени со дрога?

При официјалното претставување на неговата кандидатура во понеделникот, Гоув делуваше чудно закочено. Како да чувствуваше дека веќе ја загубил трката. По референдумот во 2016 година, тој еднаш веќе не успеа како кандидат за наследник на Дејвид Камерон, поради тоа што го предаде својот компањон Борис Џонсон. Сега втората шанса му ја упропастуваат неколку грама бел прашок. Мајкл Гоув, политички еден од поразумните Ториевци, веројатно отпаѓа како сериски баксуз.

Џереми Хант - полусигурен кормилар

Министерот за надворешни работи во меѓувреме ја има поддршката на Амбер Руд, влијателна претставничка на умерените Ториевци и про-Европејка. Таа ги зголемува неговите шанси да влезе во завршната рунда како втор победник, доколку Мајкл Гоув отпадне.

Jeremy Hunt London (picture-alliance/dpa/A. Pezzali)

Џереми Хант би можел да победи доколку конзервативците имаат премногу страв од алтернативите

Хант упадливо се „сончаше“ во сјајот на Доналд Трамп за време на неговата државна посета на Велика Британија и постојано го нагласува своето меѓународно искуство. Својата функција барем ја извршуваше без поголеми скандали, иако разбуди сомнежи во неговата способност за просудување кога минатата година ја спореди ЕУ со Советскиот Сојуз.

Хант ветува дека ја изведе Велика Британија од ЕУ на 31 октомври - со или без договор. Од друга страна, тој не се вбројува во вистинските Брегзит-хардлајнери и вели дека сака нов договор со Брисел. Хант важи за еден од „возрасните“ меѓу кандидатите за наследник на Меј, како и за можен сигурен кормилар, но во политичка смисла повеќе човек од центарот, ама без сјај. Тој би можел да победи доколку конзервативците имаат премногу страв од алтернативите.

Доминик Раб - Брегзитер

Поранешниот министер за Брегзит сака развод од ЕУ по секоја цена. Преговорите со Брисел, на кои тој учествуваше по налог на Тереза Меј, уште од почетокот биле предавство, уверен е Раб.

Ehemaliger Staatssekretär Dominic Raab (imago/ZUMA Press)

Доминик Раб сака развод од ЕУ по секоја цена

Негов најпознат поддржувач е Дејвид Дејвис, негов колега како екс Брегзит-министер. Се чини двајцата се радикализираа во Брисел.

Повеќе: Нови главоболки за Тереза Меј: Оставка на министерот за Брегзит

Освен Брегзит, Раб нема некоја препознатлива политичка програма. Неговите шанси да влезе на Даунинг стрит се сметаат за мали. Ториевците чувствуваат дека со него не можат да прават држава и не можат да победат на избори.

Борис Џонсон - неизбежен

Слабостите на противникот се негова најголема сила. Обложувалниците го гледаат Борис Џонсон како сигурен победник. Притоа, речиси сѐ зборува против овој кандидат: како министер за надворешни работи беше катастрофа, важи за лажго од навика, браколомец и дури и неговите приврзаници го сметаат за вагабонт. Противниците пак сметаат дека е опасен шарлатан, неработник, егоцентрик и безгранично амбициозен.

Џонсон ветува Брегзит на 31 октомври, со или без договор. Тој во принцип сака наново да преговара со ЕУ за договорот, но токму неговите шанси за тоа се лоши. Зашто, ЕУ не му верува. Го знае предолго и предобро. Освен тоа, Џонсон својот план за Брегзит го гарнира со малку уценување на Брисел: едноставно немало да ја плати сметката од 39 милијарди евра за ЕУ-касата и Европејците ќе попуштеле, вели тој. Така си обезбедува поддршка од тврдите Брегзитери во парламентот.

Борис Џонсон не без причина важи за непоправлив опортунист. И, што и да ветува сега, никој не може да биде сигурен дека подоцна и ќе се придржува до тоа.

Повеќе: Борис Џонсон си поднесе оставка

Зошто тогаш еден толку сомнителен кандидат има најголеми шанси за успех? Многу Британци го сметаат за забавен, неговите вицови за ексцентрични, а неговите грешки за нешто што може да се прости. И, кај конзервативците, наспроти сите сомнежи за неговата подобност, важи за човек кој може да ги добие изборите и да ги спаси Ториевците од Брегзит-партијата на Најџел Фараж. Доколку не се случи нешто неочекувано, речиси е неизбежен влез на Џонсон во завршната рунда и избор за наследник на Тереза Меј.

Brexit (picture-alliance/empics)

Меѓу кандидатите има и луѓе без никакви шанси: Борис Џонсон, Доминик Раб, Џереми Хант и Рори Стјуарт (горе, од лево кон десно); Естер Мекви, Мет Хенкок, Андреа Лидсом и Мајкл Гоув (долу, од лево кон десно)

Џавид, Лидсом, Мекви, Харпер, Хенкок и Стјуарт - малку надежни

Повеќето од овие имиња се непознати дури и во Велика Британија. Од нив се издвојува само министерот за внатрешни работи Саџид Џавид. Неговата приказна на подем од син на возач на автобус од Пакистан кон врвен политичар е впечатлива и на конзервативцџите би им отворила врати кон нови избирачи. Но, тој е премалку радикален по прашањето на Брегзит, преумерен околу миграцијата и генерално - преразумен за да победи во оваа трка.

Меѓу овие кандидати од вториот ред, има само еден кој е противник на Брегзит - Рори Стјуарт. Тој има интересно минато. Како момче се доселил од Авганистан и за тоа има напишано книга која предизвика внимание. И, покажува дека има храброст да застапува свое мислење, што во моментов кај Ториевците е нешто што не се бара.

Многу своеволна постапка на избор

Гласањето за кандидатите почнува меѓу пратениците во парламентот. Оној кој ќе освои помалку од 5% од нивните гласови, испаѓа од трка. Наредниот пат прагот е 10% освоени гласови. По низа вакви рунди, на крајот на јуни треба да останат двајца кандидати кои ќе влезат во интерна кампања. На 22 јули членовите на партијата го избираат својот кандидат, кој потоа без пречки станува нов премиер на Велика Британија.

DW.COM

Реклама