1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставка на министерот за Брегзит

Барбара Везел
15 ноември 2018

Британскиот министер за Брегзит, Доминик Раб, поднесе оставка поради планираниот договор со Брисел за излегување од ЕУ. Тереза Меј вчеравечер соопшти дека нејзината влада му дава поддршка на договорот за Брегзит.

https://p.dw.com/p/38Htw
Brexit-Minister Dominic Raab
Доминик Раб го напушта бродот на МејФотографија: AFP/Getty Images/P. Nicholls

Доминик Раб својата оставка на Твитер ја образложи пред сѐ со несогласувањето со деловите од планираниот договор со Брисел околу идниот истатус на Северна Ирска. Предлозите за статусот на Северна Ирска, според него, се „вистинска закана за интегритетот на Обединетото Кралство“. Пред да биде објавена оставката на Раб, беше соопштено дека оставка поднесува државниот секретар за Северна Ирска, Шаилеш Вара.

Преговарачите на ЕУ и Велика Британија за Брегзит по повеќемесечни преговори во вторникот постигнаа пробив и успеаја да се договорат за предлог текст за излез од ЕУ. Вчеравечер, по петчасовна расправа и британската влада му даде зелено светло на предлог договорот. На крајот пред познатата црната тешка врата на Даунинг стрит 10 излезе Тереза Меј и со видливо олеснување изјави: „Овој договор е најдобриот што можевме да го издејствуваме.“ По жестоката дискусија кабинетот одлучи да му даде поддршка на договорот, рече Меј и додаде: „Со чист разум и полно срце верувам дека оваа одлука е најдобра за цела Велика Британија.“ 

Речиси една третина од министрите има тешки дилеми, се дозна подоцна по средбата, а мнозинството било постигнато по жестока расправа. И премиерката избегна во својата изјава да го употреби зборот „едногласно“.

Умешноста на Меј за преживување

Колку подолго вратата во Даунинг стрит беше затворена, толку повеќе растеа шпекулациите меѓу новинарите кои го чекаа исходот од владината средба. Имаше информации дека повеќе министри се подготвени да дадат оставки. Прес-конференцијата која Меј ја закажа за вечерта, беше откажана. Дали сѐ пропадна? Но премиерката е уметник за преживување во политиката и таа ја преживеа и оваа пречка на патот кон Брегзит: „Британските граѓани гласаа за ова", рече таа. 

Theresa May
Тереза Меј: Пред нас се тешки деновиФотографија: Reuters/H. Nicholls

Кратко откако беше објавена веста за позитивен исход од гласањето од Лондон, преговарачите го објавија договорот од 586 страници на своите веб-страници. Сега и министрите можат детално да го прочитаат договорот за којшто дадоа зелено светло. Бидејќи, изминатата ноќ премиерката им овозможи само да фрлат поглед врз предлог договорот, без можност да го читаат темелно.

Незадоволство на сите страни

И покрај одлуката на кабинетот, работата сѐ уште не е завршена. До вчеравечер не беа собрани потребните 48 писма во пратеничката група на Ториевците со што би се побарал импичмент на Тереза Меј. Но заканата сѐ уште е надвисната над неа. Исто така е можно да следат уште оставки на министри до почетокот на седницата во парламентот, така што ситуацијата може да се менува.

Жестоките поборници за Брегзит како Џејкоб Рис-Мог или Борис Џонсон веќе жестоко го критикуваа договорот. Според нив, тој води кон „вазалство“ и декларација за банкрот на премиерката. Ултра-брегзитерот Најџел Фараж, кој нема политичка функција, изјави дека е ова „најлош договор на сите времиња". Оваа група го гледа договорот како предавство на тврдиот Брегзит, со кој кралството би се ослободило од сите врски. 

Повеќе: 

Брегзит: Буричкање во магла или бел чад?

Брегзит: Џереми Корбин, заборави го егото!

Брегзит без договор нема да биде „крај на светот“

Пратениците од северноирскатата ДУП веќе изјавија дека не можат да го поддржат договорот. Тереза Меј дури вечер ќе се сретне со лидерот на ДУП, Арлин Фостер, која веќе се закани со консеквенции доколку не ѝ бидат исполнети барањата. И покрај нејзиниот постојан отпор, договорот содржи еден вид специјален третман на Северна Ирска. Регионот треба да биде повеќе врзан со регулативите на ЕУ отколку останатиот дел на Велика Британија, за граничните контроли по Брегзит да бидат непотребни.

Тереза Меј вели дека т.н. Бекстоп, осигурувањето за Северна Ирска, никогаш не треба да биде реализиран. Идните релации со ЕУ би го решиле приблемот со границата. Но, ретко кој верува дека 20-те месеци преодна фаза се доволни за да се испреговара нов трговски договор. Поддржувачите на Брегзит се лути што нема унилатерална клаузула за напуштање на Бекстоп, односно за привремена царинска унија на која се заснова тој. Само двете страни заеднички може да договорат крај и со тоа Велика Британија може да остане со години врзана на европската регулација.

Symbolbild Brexit
Фотографија: picture-alliance/D. Kalker

Ѓаволот се крие во деталите

Откако сите пратеници и политичари ќе ги изанализираат 500-те страници од Договорот за истапување, веројатно ќе се најде уште по некоја игла во сеното. Отпорот веројатно ќе расте. Па така, шкотските Ториевци протестираат против одложувањето на прашањето за рибарење. Премиерката Никола Стерџен од СНП се жали дека Шкотска не добила толку блиски релации со ЕУ како Северна Ирска.

Пристапот до ЕУ и финансискиот пазар ќе унесреќи некои луѓе. По Брегзит и тука ќе има повеќе ограничувања од очекуваното. Во деталите може да се најдат работи кои уште повеќе ќе го зголемуваат отпорот кон Договорот.

Политичката изјава за идните релации е исклучително штура и брои едвај 7 страници и не навестува ништо повеќе од рамка во кој правец ќе се движат преговорите по Брегзит. Јасно е дека Договорот е само првиот чекор. За правното регулирање на идните релации повторно ќе се преговара збор по збор во макотрпни средби. Постои ли уште опција „контра Брегзит"?

Тереза Меј во својата изјава експлицитно објасни дека ќе го има само овој Брегзит договор, или нема да има никаков договор, илии пак нема да има Брегзит. Тоа е појдовна точка за поддржувачите на втор референдум, кои изминатите недели земаа замав. Голем број пратеници на Лабуристите во меѓувреме го осудија Договорот како најлошо можно решение. Шефот на партијата Џереми Корбин изјави: „По сеѐшто видов досега, овој Договор не е во национален интерес."

Познавачите на состојбите во Лондон сметаат дека меј моќе да нема мнозинство за да го спроведе Договорот во парламентот. Со тоа би можела да се отвори вратата за втор референдум. Многу Британци се затекнати од овој Брегзит кој нема да им ги донесе ветените придобивки, но ќе им добнесе загуба на права, губење на можност за одлучување во ЕУ и веројатно намалување на економската моќ. Или, како што рече Меј на крајот на изјавата: „Пред нас се тешки денови.”