1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Болниците се полнат, црн рекорд на заразени и починати

ДТЗ /ДВ
21 октомври 2020

Инфективната болница е преполна, модуларната ги отвори вратите за пациентите, а во болниците во внатрешноста е критично. Состојбата, според лекарите, е алармантна. Полицискиот час се поизвесен.

https://p.dw.com/p/3kFVr
Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во последново деноноќие во Северна Македонија регистрирани се 641 случаи на новозаразени со Ковид-19. Починаа 12 лица како последица на опасниот вирус, а оздравеле 233 пациенти. 
Како што информира Министерството за здравство, во последните 24 часа се направени 2,688 тестирања. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 24,836, бројката на оздравени пациенти е 17,905, а досега починале 862 лица. Активни се 6,069 случаи. 

Модуларната болница во Скопје се полни со пациенти. Во монтажните бараки до Инфективната клиника за кусо време се хоспитализирани 15-тина пациенти кои поради комликации од вирусот имаат потреба од болнички третман. Вкупно има место за 70 пациенти. Во клиниката се потешко се доаѓа до слободен кревет, а критично е и на Инфективните одделенија во штипската, прилепската и струмичката болница, кои се преполни. Состојбата, според лекарите, е алармантна. Инфектолозите се загрижени од овој тренд и апелираат до пациентите кои имаат полесни симптоми да седат дома и да ги почитуваат насоките од матичните лекари.

„Верувам дека со овие бројки и состојби стравот кај луѓето драматично ќе расте. Но, немојте да ги пребукирате здравствените институции, сите оние кои немате симптоми или имате лесни симптоми на настинка седете дома и контактирајте ги редовно вашите матични лекари. Мораме да пружиме прво помош на оние кои имаат сериозни и тешки клиники слики“, порача д-р Милена Стевановиќ, директорка на Клиника за инфективни болести во Скопје.

На Инфективната клиника има 99 пациенти на болнички третман од кои дури 67 се на кислородна поддршка. Директорката на Клиниката за инфективни болести побара од граѓаните да ги почитуваат основните мерки за заштита за да не колабира здравствениот систем. Медицискиот персонал кој веќе седум месеци се бори со вирусот, е преморен.

Почитувајте ги мерките

„Ние немаме избор да не издржиме. Едноставно мораме да издржиме заради нас, заради вас, заради нашите и вашите семејства. Затоа помогнете навистина тоа да го спроведеме и почитувајте ги мерките“, вели Стевановиќ. Кога и модуларната болница ќе биде исполнета, следна е детската болница во Козле во која можат да бидат згрижени 40 возрасни, а има и посебен оддел за деца со корона и сомнителни на вирусот.

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Повеќе од половината од новозаразените се од Скопје.Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Македонија последниов период бележи драстичен скок на заразени со Ковид-19, а се зголемува и бројката на пациенти на кои им е потребна хоспитализација.

Од болниците во внатрешноста најкритично е на југоистокот. Струмичката остана без ниту еден слободен кревет, а има недостиг и на медицински кадар. И велешката болница забрзано се полни со пациенти - од 54 кревети во болниците, 35 се веќе зафатени. Есенскиот бран предизвика нагло зголемување на бројот на заболени во Куманово и во Тетово, кои се високо на табелата по бројот на заразени со вирусот. Во последните 24 часа најголем број на заболени има во Скопје - 325, Прилеп - 38, Куманово -26 и Штип, Тетово и Каварди по 25 нови случаи на коронавирус.

Полициски час како крајна мерка

Министерот Венко Филипче предупреди дека ако се преполнат инфективните одделенија низ државата, неизбежно ќе биде воведување на полициски час.

Мерките како носење на заштитни маски на отворено, ограничување на групирање до 22 часот и ограничување на семејните собири како дел од измените на Законот за заштита на населението од заразни болести се уште не се поминати на собраниска седница.

Опозицијата бара формирање на посебна и независна Комисија за справување со пандемијата, наместо постојната Комисија за заразни болести што функционира во рамките на Владата.

„Предложивме таа комисија да ја избира Собранието и да брои 11 члена. По функција тука би биле министерот за здравство и директорот за Центарот за управување со кризи, а во неа би членувале тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози и по еден имунолог и интернист“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

„Барањето за формирање нова комисија која ќе ја избира Собранието е само начин да се прикаже наводна грижа и конструктивност и тоа е целосно неиздржано. Во Комисијата за заразни болести членуваат врвни професионалци, експерти во својата област. Од почетокот на кризата, сите одлуки, препораки и мерки на Комисијата за заразни болести се носат врз издржани епидемиолошки анализи и единство во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните“, реплицираше министерот Филипче на Фејсбук.

Тече финалната клиничка фаза на корона-вакцината на Модерна

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема