1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-19: Седмичен биланс во април, колку дневен во октомври

9 октомври 2020

Вкупната бројка на заразени во пикот од 14-ти до 20-ти април изнесува 371, а вчера само за еден ден беа регистрирани 364 нови случаи.

https://p.dw.com/p/3jfF0
Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Есенскиот бран е тука, а состојбата може да ескалира, иако во земјата таа сѐ уште е стабилна, оцени вчера министерот за здравство Венко Филипче. Ако хронолошки се погледнат податоците од развојот на пандемијата на коронавирусот во земјата, тие говорат дека состојбата веќе ескалирала. За илустрација, седмичен биланс од пролетниот период е идентичен на бројката на новозаразени регистрирани во претходното октомвриско деноноќие. Притоа, споредбата не е направена со период кога бројката на заразени била помала, туку со денови од април, кога се сметаше дека бројката се движи кон „пикот“, како што беше на 16-ти април, кога имаше тогашен „рекорд“ од 107 заразени. За споредба, вкупниот биланс на заразени во седумте дена од 14-ти до 20-ти април изнесува 371, а вчера само за еден ден беа регистрирани 364 нови случаи.

Дека состојбата со вирусот е галопирачка, сведочат и компарациите во последниот период: бројката на заразени во земјата од 28-ми септември од 4-ти октомври е за 35 % повисока од бројките регистрирани во претходната недела.  

Со смартфон-термометар против Ковид-19

Иако за надлежните беше очекуван есенскиот бран на епидемијата, се чини дека растечкиот број на заразени уште во почетокот на октомври ги изненади сите, како во регионот, така и глобално, со оглед дека во светот на неделно ниво се бележат по 2 милиони нови случаи на заразени. Светската здравствена организација вчера на глобално ниво регистрирала рекорд на заразени во еден ден, соопштувајќи дека бројката пораснала за нови 338.779 случаи за 24 часа. Претходниот рекорд (330.340) бил регистриран на втори октомври.

Капацитетите се полнат

Но, за разлика од пролетта и летото, кога домашните болнички капацитети не беа под притисок за хоспитализирање на поголем број болни од Ковид-19, денес тие капацитети се движат кон горната граница на исполнетост. До вчера во земјата имало 414 хоспитализирани лица, што според министерот за здравство, е најголема бројка од крајот на јули. До пред две недели министерот беше уверен дека здравствениот систем има доволно капацитети за хоспитализирање на заболени од Ковид-19.

„Клиниката за инфективни болести заедно со монтажната болница има капацитет од 180 болнички кревети, околу 150 има во ГОБ ’Осми септември’, 60 во болницата во Козле и по околу 30 во инфективните одделенија во 16 општини, а има и можност за реадаптација на тамошните болници“, изјави министерот.

„Аквариум“ на глава како корона-заштита

Две недели подоцна, состојбата е поинаква. Во моментов целосно се полни инфективните одделенија во Прилеп, Куманово, Струмица и Велес. Пациентите од овие места ќе мора да се препраќаат во други градови. Што останува на располагање?

„Подготвена е болницата во Кочани и Кавадарци, новото крило во струмичката болница и во други одделенија во тетовската болница, освен во инфективниот оддел. Во Скопје има 20 празни места на Инфективната клиника и 72 во монтажната болница. Првично ќе сместуваме пациенти во Инфективната клиника и монтажната болница, со цел болницата ‘8 Септември’ да може да продолжи со нормална работа и во другите оддели за други болести“, рече Филипче.

Според министерот, има места и во другите оддели на болниците, но смета дека тоа ќе влијае на лекувањето на пациенти со други заболувања. Тој верува дека системот на ротација на лекарите ќе функционира, и дека ќе може да се одговори на наплив на болни од Ковид-19.

Venko Filipce Gesundheitsminister Nordmazedoniens
Македонскиот министер за здравство Венко Филипче вчера соопшти план за нови рестрикцииФотографија: Gov. of North Macedonia

Во налетот на есенскиот бран, првата помош за земјата доаѓа од Алијансата. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по вчерашната средба со македонскиот премиер најави дека Алијансата на Северна Македонија ќе додели помош од 1,4 милиони евра за битката против коронавирусот, а пакетот вклучува 60 респиратори и друга неопходна медицинска опрема.

Аларм во регионот

Северна Македонија не е единствената која се соочува со зголем број на заразени од корона вирусот. Вчерашните бројки покажуваат дека и во соседните земји вирусот галопира. Во БиХ се потврдени рекордни 453 случаи  од 2.288 тестирања. И Хрватска забележа рекорден број од 542 нови случаи на 5.939 тестови. Слично е и во Словенија, каде беа регистрирани 387 нови заразени од 3.665 тестирани. Во Албанија од 971 тестирани позитивни на вирусот биле 169 лица. Во Грција вчера беа потврдени 436 нови случаи, а во Бугарија билансот објавен денеска е 516 позитивни од  5.209 тестирани. Сите земји најавуваат засилени рестриктивни мерки за заштита.

Македонскиот министер за здравство вчера соопшти дека по препорака на Комисијата за заразни болести ќе и’ предложи на Владата да усвоитри нови мерки за заштита: забрана за масовни семејни собирања, при што едно семејство ќе може да прими најмногу четворица гости; забрана за групирање на повеќе од четири лица на отворен и затворен простор по 22 часот; и носење заштитна маска или покривка на лицето и при престој на отворено, дури и кога лицето се движи само. Meрката не важи при спортување, за деца до шест години, при транспорт во приватно возило со членови на семејството, при седење во угостителски објекти со почитување на протоколите, и ако лицето е само во канцеларија.