1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Во корона-пандемијата потребен е повеќе здрав разум

30 септември 2020

Се чини многумина се уште не ги сфаќаат опасностите од Ковид 19 пандемијата. Ова не може да го поправи ниту политиката. Па сепак мора да се обиде, смета Кај-Александер Шолц

https://p.dw.com/p/3jCO9
BdTD Coronavirus in Frankfurt ein Herz für Merkel
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenabach

Одрекувањето е стара германска доблест. Но, одрекувањето може да се научи. Дали особено ризичните постари луѓе од Тирингија мора среде пандемија да патуваат со автобус во Прага каде бројот на заразени е особено висок? Назад дома многу тестови се позитивни.

Дали мора во населбата Берлин Мите луѓето навечер да седат еден до друг во рестораните или групи до доцна во ноќта да пијат пиво пред трафика? Сега централниот дел од главниот германски град е високо-ризична област.

Дали мора во периодов да се прават големи свадбени веселби? За неколку дена подоцна десетици да мора да бидат ставени во карантин?

Што е исправно за луѓето?

Се чини дека многумина се уште ја немаат сфатено постојаната закана од пандемијата. Нивната девиза гласи - што побрзо враќање на стариот начин на живот. Наместо ова треба да гласи: и понатаму држење дистанца, намалување на контактите надвор од домаќинството, без забави додека да дојде докторот.

Scholz Kay-Alexander Kommentarbild App
Кај-Александер Шолц, автор на коментарот

Вирусот не научи дека премногу често сме напикани еден до друг. Во модерните големи канцелерии, во преполните возови, во авионските кабини, со илјадници други на брод за крстарење. Што е исправно за луѓето? Историјата на пандемии одново покажува – дека ако недостасува хигиена и луѓето се наоѓаат во тесни простории, вирусите и бактериите имаат најдобри можни шанси да стават крај на животот.

„Повеќе маски, помали забави, помалку алкохол“

Сега политичарите сакаат да преземат контрамерки – релативно меки и пред се регионално адаптирани. На средбата на Ангела Меркел со покраинските премиери беше претставена мерка за регулирање забави и дозволениот број на гости. Треба да има и одредена забрана за продажба на алкохол и полициски час.

Повеќе:

-Германија: Нова стратегија против коронавирусот, Меркел е загрижена

-Коронавирус: Германија ќе ги откаже и Божиќните пазари?

-Германија планира нови корона-мерки спроти сезоната на грип

Сопствениците на ресторани треба да платат казни доколку во формуларите за пријавување на гости се запишани измислени имиња. Ако бројот на заразени на едно место екстремно расте – за тоа сега има две гранични вредности – правилото гласи: повеќе носење маски, помали забави, помалку алкохол како што тоа го сумираше баварскиот премиер Маркус Зедер. На крајот, пандемијата не е лична работа.

Добро е што нема нови препораки на ниво на цела држава, бидејќи бројот на инфекции е премногу различен од едно место до друго. Но останува прашањето: Кој ќе го контролира сето ова? Веќе сега се кубури со персонал насекаде. Во оваа насока и размислувањата: дали навистина сакаме држава која сѐ и секого следи и казнува? 

Прашање на лична одговорност

„Суштината е во тоа да не се загуби довербата и да се мотивира и понатаму,“ пишуваат научниците од Леополдина како препораки во пресрет на средбата кај канцеларката. Успешно справување со пандемијата ќе зависи од тоа дали познатите мерки од претходно ќе успеат да се спроведат уште поконсеквентно од до сега.

Полтичарите не можат тоа сами да го изведат. Тоа го истакна и канцеларката Меркел. Сигналите и пораките од политичарите според Меркел може да функционираат само доколку постои подготвеност да се почитуваат правилата и да се даде личен придонес. Колку е ова вистинито! Во спротивно алтернативата е нов целосен карантин – а тоа никој не го посакува.