1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Божиќни пакети за децата без родители од Македонија

16 декември 2009

Покраините Мекленбург Преднапомеранија, Шлезвиг Холштајн и Хамбург испратија 1918 пакети наменети за децата без родители од Македонија. Зад донацијата стојат организациите „Децата им помагаат на децата” и „АДРА“.

https://p.dw.com/p/L2x8
Фотографија: AP

Божиќ е пред се’ празник за децата. Затоа и традиционално многу организации кои го имаат детето во средиштето на своите активности, организираат божиќни изненадувања за најмалите од сиромашните земјите од Европа и светот. Годинава за првпат 1918 пакети организирано ќе стасаат и до децата без родители од Македонија.

Ања Емерих од организацијата за помош „АДРА“ ги кажува крајните македонски адресанти: „Во Скопје тоа е домот ’Детско Срце’, во Македонски Брод домот кој се вика ’Среќа’. Во Крушево пакетите ќе стасаат во институцијата за хендикепирани деца. Крајни дестинации се и домовите од Велес и Битола, како и 120 семејства ширум Македонија во кои се згрижени деца без родители.”

Акцијата во Германија практично стартуваше во септември, со почетокот на учебната година, а заврши на почетокот на декември кога од десетиците и десетици собирни места, пакетите со камиони тргнаа на пат.

Порака со добри желби

За Македонија годинава пакетите ги подготвија учениците од покраините Хамбург, Шлезвиг Холштајн и Мекленбург Преднапомеранија, вели Едит-Естер Крук, одговорна за акцијата во Либек каде беа собрани околу 500, од вкупно 1918 пакети за Македонија. Таа ја водеше акцијата преку училиштата, градинките и вели дека замислата била родителите да се информираат и да се замолат доколку сакаат да донираат. Требаше да наполнат еден стандарден пакет, малку поголем од кутија за чевли. Содржината беше: употребени играчки кои веќе не се користат, но се цели и чисти, потоа употребени, но чисти ракавици, шал, капа. Она што е ново и што требаше да се купи беа тетратки, моливи, блок, боички за цртање, или средства за хигиена: четка за заби, паста, сапун. Можеше да се спакува и топол пуловер, но тогаш постоеше опасноста пакетот да се преполни само со него и затоа мораше и на тоа да се внимава.

Kinder unterm Tannenbaum
Подароците од Германија под елката годинава ќе добијат и децата без родители од МакедонијаФотографија: DW

Акцијата била популаризирана и преку локалниот печат каде имало редовни информации за бројот на пристигнатите пакети со што било разбудено и интересирањето на обичните граѓани за вклучување во проектот. Со тоа, секој пакет ги потврди солидарноста, добрите желби и учењето да се подели со другите. Ања Емрих подвлекува дека пораката е да се каже дека децата не се оставени сами на себе и дека некаде, во некоја друга далечна земја, има некој кој мисли на нив.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска