Битно Америка мирна | Свет | DW | 05.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Битно Америка мирна

Можностите за радикализација на состојбите до вжештување и експлозија се сеуште можни, зависно од поведенијата на Трамп соочен со пораз на избори и желба да биде спасен од Врховниот суд. Пишува Арсим Зеколи

What a difference a day makes

Twenty-four little hours”  – Dinah Washington

Независно од финалниот резултат на изборите во САД, извесно е дека Џо Бајден е ликот кој го има одбележано изборниот натпревар 2020. Па согласно традицијата, преостанува да почекаме на продолжување на традицијата на издавање постизборни книги со сочни и проникливи детали за се што се има случувано во мизансценот на изборите и педантно криено од јавноста. Традиција започната со „Примарните бои” на авторот Џо Клајн за предизборната кампања на Бил Клинтон во 1992 година и напишана во roman a clef стил на фикција базирана врз реални ликови и настани.  Изборниот натпревар меѓу Ал Гор и Џорџ Буш Јуниор во 2000 година беше екранизирани во „Пребројување”, филм за случувањата во Флорида по изборното пребројување.  Битката на Џон Мекејн и Барак Обама е детално опишана во „Изменета игра” како фуриозен опис за ерозијата во републиканскиот кампус под наплив на цунамито Сара Пелин. Иако за Доналд Трамп и неговиот подем се напишани десетици книги, книжевното сведоштво за изборната му кампања по кое ќе остане запаметен е секако „Извештајот на Роберт Мулер”, происход на истрагата за наводната импликација на Русија во изборите во 2016 година.

Демократски кампус

За очекување е дека книгата за Бајден vs Трамп 2020 ќе понуди повеќе увид во причините за дебаклот на очекуваниот демократски син бран и освојување на упориштата на Републиканците; за скромниот успех на демократските кандидати во сенатската трка, две години по нивниот триумф во 2018 година; за односите во демократскиот кампус и односот помеѓу демократскиот партиски естаблишмент и прогресивните млади сили предводени од Сандерс (sic!) и Октавија Кортез, за отсуството на Клинтонови итн. Овие, и многу други дилеми, ќе бидат ставени во сенка доколку Бајден успее да извојува победа во оваа неверојатно напната, неизвесна и неверојатно возбудлива изборна трка. Ако ништо друго, соочувањето ќе се одложи до посакуванот јануарски трансфер на моќта. Дотогаш, неизвесноста и тензиите ќе продолжат да ја потресуваат јавноста.

Фантастичен одзив на гласачите

Изборниот ден, ноќ, утро и повторно ден беа (и сеуште се) вистинска посластица за секој политички був, настан за историски читанки и прирачник за глобалната политичка каста. Иако првичните оценки се дека, независно од победникот, Америка ќе остане длабоко поделена нација, сепак претпочитам да акцентот за развојот за настаните досега, го ставам врз позитивното. Пред се, на мирниот, демократски, безбеден процес на гласање, спротивно од алармантните очекувања (и потпалувања) за можни насилства и нереди ширум земјата.  Сите тие злобности не го спречија неверојатниот, фантастичен одзив на гласачите, чиј број ја ревитализира демократијата и интересот на граѓаните за активно вклучување во политиката и процесот на одлучување за сопствената судбина. Изборниот систем успеа да одговори на таквиот историски предизвик без преседан со транспарентност, кредибилност и смиреност, давајќи предност на административната прецизност и одолевајќи на политичкиот притисок. Институциите, и огромната армија волонтери, секако заслужуваат пофалба за мирното одвивање на процесот.

Други колумни од авторот:

Авторитарност без авторитети

Вето

Кој тоа спори со Бугарија?

Полилатерала и Балканска Шенгенијада

На секогаш гладниот за пофалби и симпатии Доналд Трамп треба да му се оддаде признаниие дека тој самиот е можеби најзаслужниот за масивниот одзив на гласачите и разбивањето на аполитичката апатија на американското општество. Стратегијата на Трамп за распалување на страстите кај сопствените поддржувачи се чини дека делува уште поефективно кај другата страна, Демократите, како што може да се заклучи по повторната доминација на демократските кандидати во освојување на популарната подршка. Тесната борба со Бајден (за разлика од онаа со Хилари Клинтон) потврдува дека Трамп го има достигнато зенитот, без можност за ширење на базата и со веќе видливи пукнатини во Републиканската партија. Обезбедувањето на конзервативната доминација во Врховниот суд за децении по ред е секако причина за негово китење со заслуги, но подеднакво е и мотив за Републиканците да со смиреност се вратат кон сопствените базични принципи и имаат поодврзани раце во односот кон Белата куќа, независно од тоа кој ќе живее во неа. Републиканците ќе имаат поголем простор за притисок врз администрацијата, подеднакво како и можност за ревитализација на бипартизанско делување со Демократите во спречување на понатамошната пенетрација на трампизмот во сопствените редови.

Партиски предизвици

И двете големи партии се соочуваат со исти предизвици во сопствените редови. Кај Републикаците предизвикот е самиот Трамп како единица мерка на конфликтуозност во општеството и фактор на поделба во партијата помеѓу умереното класично републиканство и налудничавата секта на конспирациски и лумпен-капиталистички полусвет изучен од Универзитетот Свети Фејсбук и Јутјуб. Изнуденото примирје во име на поголема кауза (читај: рушење на Трамп) го диктираше мирот во Демократската партија, до вторник навечер или барем до 21 јануари. Сепак, пожртвуваноста на двоецот Сандерс-Ортез секако ќе има сопствена цена, која ќе биде исплатена низ кабинетски позиции и социјални политики (во случај на победа на Бајден) или пак во фронтален напад врз класичниот, ионака веќе разнишан естаблишмент на Демократите.  Во случајот со Републиканците, предизвикот на шизмата е културолошки, додека пак кај Демократите е генерациски.

Најпозитивната димензија на изборите е дебаклот на руските и останати обиди за замешување во изборниот процес преку ширење дефетизам и антагонизација на гласачкото тело, посебно во однос на расните односи. За Демократите непријатната, но за земјата позитивната дифузија на црните и хиспано гласови низ двете партии е потврда за крајот на манипулацијата со политиката на идентитаризмот која беше сржта на надворешните интервенции. Фокусот врз економијата и пандемијата не ги истисна подеднакво битните прашања за расните односи, но сепак ја истакна заедничката свест дека паролата „it’s the economy, stupid!” е подеднакво отрезнувачка за сите граѓани, независно од бојата на кожата и јазикот на комуникација.

Сето наведено не подразбира дека Америка е излезена од мрачните шуми и чекори весело кон Канзас по патот поплочан со жолто-златни цигли. Можностите за радикализација на состојбите до вжештување и експлозија се сеуште можни, зависно од поведенијата на Трамп соочен со пораз на избори и желба да биде спасен од Врховниот суд. Подеднакво како и од реакцијата на Демократите доколку почуствуваат дека може да им се повтори Флорида 2000 година и губење на победата со судска одлука. Развлекувањето на изборниот процес и прибирање на резултатите може да биде измачувачки, исцрпувачки, иритирачки момент, подеднакво како што може и да ја ублажи тензијата на реакција набиена во една избирачка ноќ. Поразот на Ал Гор во Флорида резултираше во пакост на Демократите искалена низ кршење на буквата „W” од тастатурите на компјутерите во Белата куќа. Но тогашниот процес на преговори сепак беше воден од грамадни ликови како Џемс Бејкер и Ворен Кристофер, кои умееја да балансираат помеѓу жестоката реторика и физичка умереност. Дваесет години подоцна, нештата не можат да бидат поразлични ....

Воздржаност и наметливост

Останува со трпение, позитивна љубопитност и добри желби да ги проследиме настаните кои ќе се одвиваат во земјата која сакаме да ја именуваме како стратешки партнер. Граѓаните во Македонија се веќе определени за едната или другата страна, и тоа е сосема легитимно и неконтроверзно. Притоа, за поздравување е што нашите политичари – посебно од големите партии – се имаат воздржано од давање јавни изјави или индикации на наклонетост кон било кој од ривалските кандидати за претседател на САД. За разлика од не мал број политичари од соседството кои ниту повикани, ниту надлежни, се обидуваа да наметнат свои видувања и симпатии, преценувајќи ја сопствената битност. За Македонија како држава, и за Македонците и Албанците воопшто, најбитното во тековниот (пост)изборен процес беше, е и ќе биде да САД го изберат својот претседател на мирен и достоинствен начин, како што заслужуваат. Америка, под републиканско и демократско водство, нѐ има поддржувано, помагано и спасувано независно од нивната идеологија и согласно поклопеноста на нивните и нашите стратешки интереси. Да се има симпатии за Трамп или Бајден е убава занимација за граѓаните. Да се има стабилност во САД е суштинска неопходност за Македонија и Балканот. 

Реклама