Бајден: САД повторно се движат напред | Свет | DW | 29.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Бајден: САД повторно се движат напред

По неполни 100 дена на функцијата, американскиот претседател Џо Бајден го одржа својот прв говор пред двата дома на Конгресот. Во него тој предочи многу оптимистички поглед кон иднината - и не штедеше на самопофалби.

„САД повторно се движат напред, Америка е подготвена за полет“, рече американскиот претседател Џо Бајден во своето прво обраќање во Конгресот, речиси 100 дена откако го наследи Доналд Трамп на оваа функција. Поради пандемијата Бајден држеше говор пред мала, посебно одбрана група од околу 200 демократи и републиканци.

Првпат во историјата две жени ги зазедоа своите места зад претседателот, пред бројните камери - потпретседателката Камала Харис и претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот Ненси Пелоси. „Беше и време“, нагласи американскиот претседател, пропратен со громогласен аплауз, непосредно пред својот говор.

Опишувајќи ги здравствената и економската криза во земјата кога дошол на власт, но и нападот на Капитол на 6 јануари како „најлош напад на нашата демократија од граѓанската војна“. Бајден нагласи дека Америка е подготвена за нов полет. „Пред сто дена американската куќа гореше, но е подготвена за нов полет благодарејќи на плановите за спас и на реформите усвоени оттогаш. По 100 дена можам да кажам: Америка повторно тргнува напред претворајќи ја опасноста во можност, кризата во прилика, назадувањето во сила“, рече Бајден.

„Вакцинирајте се!

Во борбата против пандемијата, од почетокот на неговиот мандат се инјектирани 220 милиони дози на вакцини, објави Демократот. Повеќе од половина од возрасните во САД веќе примиле барем една доза од вакцина. Бајден зборуваше за едно од „најголемите логистички достигнувања“ во историјата на САД. Но, епидемијата сè уште не е поразена и САД мора да останат будни. Бајден затоа апелираше до граѓаните: „Оди и вакцинирај се, Америко!“

Во тој контекст Бајден го пофали историскиот план за опоравување со инвестиции од 1.900 милијарди долари, кој ќе биде од витално значење за американската иднина. Неговиот план вклучува милијарда долари за образование и грижа за децата за период од 10 години и 800 милијарди долари даночни олеснувања наменети за семејствата со средни и ниски приходи. Исто така, и 109 милијарди за бесплатен факултет.

Повеќе:

-Коронавирус: Учете од САД - 100 милиони вакцинирани

-Бајден ја турка ЕУ во Втора студена војна

-Американски тајни служби: Путин сакал да му наштети на Бајден на изборите

За негово финансирање, Бајден предложи ревизија на американскиот даночен систем. „Американскиот семеен план“ од средата е финансиран со подигање на највисоките граници на стапка на данок за најбогатите Американци, на 39,6 отсто од досегашните 37 насто. Речиси е удвоен данокот на приход од вложувања, познат како капитална добивка, за Американците кои заработуваат над милион долари. „Време е американските компании и најбогатите 1 посто Американци да почнат чесно да го плаќаат својот удел“, рече Бајден.

„Нема стремење кон конфликт“

Во однос на надворешната политика на САД, Бајден потврди дека нема да стреми кон конфликти со Кина и со Русија. Тој истакна дека му рекол на кинескиот шеф на државата Ши Џинпинг дека САД ќе ја поздрават „конкуренцијата“ со Кина и нема „да бараат конфликт“. Но, тој, како што рече „јасно ставил до знаење дека ќе ги брани интересите на Америка“. Бајден уште изјави дека и на рускиот претседател Владимир Путин јасно му ставил до знаење на дека САД „не сакаат ескалација“, но и оти „постапките ќе имаат последици“.

Бајден, како што рече, сака да ги постави на нови основи односите на САД со Русија и со Кина. Притоа тој ќе заземе цврст став кога станува збор за конфликтни прашања, но истовремено ќе настојува на соработка за прашања како што се заштитата на климата и контролата на вооружувањето. 

 

Поврзана содржина