Бајден во историска посета на Европа | Свет | DW | 11.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Бајден во историска посета на Европа

Америка се враќа во Европа и во регионот со потврда и закана, дека договорите и преземените обврски мора да се почитуваат, доколку земјите во прашање сакаат да останат или да влезат во „Клубот на демократии“.

Почнувајќи од вчера и во наредните недела дена Бајден ќе биде гостин на Европа. Неговата задача, настрана густите средби и состаноци со европските лидери, ќе се состои во тешката дипломатска мисија да ја поврати централноста на Европа во новата агенда на американската надворешна политика. Од исходот од оваа недела ќе зависи насоката во која ќе се движи нашиот свет.

Самиот Бајден во текст потпишан за Вашингтон Пост ја најави и објасни важноста на своето патување: „Среда, 9 јуни, тргнувам за Европа, во првата странска мисија на моето претседателство. Станува збор за патување полно состаноци со нашите најдобри демократски партнери – вклучувајќи ги нациите од Г7, сојузниците од НАТО и лидерите на Европската Унија – пред завршниот самит со Владимир Путин. Во овој момент на глобална несигурност, додека светот се бори со пандемијата на столетието, мојата мисија ќе се состои во тоа да им ја докажам на партнерите и сојузниците обновената заложба на САД, притоа ставајќи го на тест демократскиот капацитет за соочување со новите предизвици и решавање на заканите од оваа нова епоха“.

Со учество на Г7 Самитот во Корнвол, Бајден ќе се обиде да ја валоризира улогата на најголемите демократии во насока на економско заздравување базирано на одржливост, во соочување со климатските промени, во борбата со пандемиите и околу оданочување на мултинационалните компании.

Самитот на НАТО во Брисел пак ќе биде можност Америка да ја потврди својата посветеност на валидноста на Членот 5 од колективната безбедност, но и да ги одоброволи Европјаните околу американските приоритети, особено оние поврзани со Кина и новите неконвенционални закани. Средбите со лидерите на европските институции ќе послужат да се потврди солидарноста и конвергентните интереси поврзани со глобалните предизвици и во односите со Русија и Кина. Конечно, билатералната средба во Женева со Путин, состанок кој доаѓа после консултации со сојузниците, всушност носи и најголеми непознаници. Состанокот треба да послужи за да се утврди под кои услови односите со Русија може да продолжат на двојната патека составена од закани и дијалог.

Други колумни од Ивор Мицковски:

-„Кинескиот вирус“ и американската „вистина“

-Лукашенко – уште еден силеџија пред портите на Европа

-Израел и Хамас си се потребни еден на друг

Тоа значи дека посетата на Бајден на Европа ќе помине во знакот на зајакнување на дијалогот и мултилатерализмот, како и на одново пронајдените односи со Европјаните. Идејата на Бајден е на јасен и разбирлив јазик да ја пренесе својата порака: после четирите дестабилизирачки години од претседателството на Трамп, Америка се враќа на своите корени и на своите обврски и одговорности на меѓународната сцена како светски лидер кој има намера да дијалогира и да се договара со своите историски и природни сојузници.

Не треба да се очекуваат спектакуларни резултати, но симболичниот гест од посетата на Европа, битните средби кои ќе се одржат лице во лице и кои некогаш вредат повеќе од заклучоците од самите состаноци, говорат дека Америка е вратена и дека повторно има намера да биде лидер на светските демократии. Тоа не значи дека патот ќе биде лесен и дека нема да постојат контроверзни теми околу кои целосната синтонија помеѓу САД и Европа допрва ќе треба да се пронајде. 

На Г7 Самитот ќе се потврди веќе утврдената заложба за глобалната минимална даночна стапка од најмалку 15% за мултинационалните корпорации. Но, проблемите ќе настанат кога ќе треба да се утврдат деталите и особено кога договорот ќе треба да се прошири на сите останати земји. Ирска, Унгарија и многу други земји планираат да се спротивстават на договорот. Исто, на Г7 Самитот ќе се констатира американското враќање на Климатскиот договор од Париз и меѓу најмоќните земји нема да биде проблем да се постават нови амбициозни цели. Проблемите ќе настанат кога ќе треба да се инволвираат големите земји надвор од Г7, одговорни за огромни емисии на јаглерод и со кои ќе биде тешко да се најде заеднички јазик околу прераспределба на трошоците за енергетската транзиција.

НАТО Самитот со задоволство ќе ја констатира обновената заложба на Америка за колективната безбедност и би требало без проблеми да конституира мандат за елаборација на нов „стратешки концепт“ на Алијансата, каде би се зеле предвид и новите глобални предизвици и неконвенционални закани (од сајбер безбедноста, вештачката интелигенција, до информатичките војни). Тоа што ќе биде проблематично е да се убедат европските сојузници во насока на исполнување на своите одбрандбени обврски и учество во заедничкиот буџет. НАТО воедно ќе биде повикана да ги прошири своите активности надвор од европскиот театар, се повеќе гледајќи кон Индо-пацификот. Со сигурност ќе биде побарано од Европјаните да станат дел од американската стратегија за конфронтација и ограничување на Кина. Бајден штотуку потпиша извршна наредба со која бројката на кинески фирми под ембарго се прошири на 59, затоа што се поврзани со војската и тајните служби додека се производители на технологија за следење и шпионирање. Европа е потребна доколку САД сакаат да воспостават ефикасен санитарен кордон околу продорот на кинеската технологија на Западот. Во таа насока ќе се дискутира за кинескиот „Пат и појас“, за Хјуавеи и 5Г мрежата, како и сите останати „Тројански коњи“ кои Кина ги употребува на штета на европските сојузници. Посебно внимание ќе биде посветено на Турција која се почесто игра независна улога помеѓу Истокот и Западот. Бајден ќе има посебна билатерална средба со Ердоган.

На економски и трговски план, веќе се видливи серија на олабавувачки пораки. САД се откажаа од санкции за германско-рускиот гасовод Северен поток 2, кој Вашингтон и понатаму не го посакува, но тактички се одлучи да направи пријателски гест кон Берлин, свесни дека со сила не може да влијаат на проектот. Европјаните од своја страна ја возвратија услугата преку замрзнување на ратификацијата на договорот за инвестиции со Кина во Европарламентот, договор кој воопшто не му се допаѓа на Вашингтон. Логиката на Бајден е јасна на темата: „Треба ние, демократиите со пазарна економија, да ги пишуваме идните правилата за трговија и технологија".

Кина и Русија остануваат за Европа и нејзините членки комплексни, далечни и недоверливи предизвикувачи кога станува збор за вредностите и принципите, но и понатаму важат за клучни економски партнери и неизбежни соговорници кога станува збор за глобални и регионални кризи. Затоа Европјаните се очекува да останат скептици околу идејата на Бајден за заеднички фронт на демократиите против автократиите.

И токму тука можеме ембрионално да ја воочиме природата на „Доктрината Бајден“. Демонстрацијата на добра волја, напуштањето на оддалечувањето од Европа, враќањето кон мултилатерализмот, способноста за дијалог со многу различни соговорници, бегството од идеолошките апории на Трамп или од хамлетовските дубиози на Обама за подобар свет, ги прават Бајден и САД одново способни да водат една поголема геополитичка игра.

Бајден ја презема старата идеја на својот пријател и поранешен колега сенатор, Џон Мекејн, за создавање на „Клуб на демократии“ благодарение на кои би се спречиле и соочиле со тоталитарните режими. Бајден припаѓа на генерацијата политичари кои веруваа во вредностите на Западот, не само во интересите. Идеолошки ослободен и не толку склон кон моралистички проповедања, Бајден одлично ги познава грешките и хоророт на историјата, додека во исто време е свесен за стратешката дилема со која се соочува.

Кина под водството на Џинпинг е стратешкиот ривал на Западот, додека Русија на Путин, економски слаба и системски корумпирана е проблематичен вазал кој претставува помал проблем. Судирот со Кина станува и веќе е тотален, економски, граѓански, културен, политички, технолошки, на секој континент од планетата, па дури и во вселената.

Џинпинг и Путин и понатаму се надеваат да профитираат од поделбите на Западот, испраќајки постојано нови провокации, сигурни дека ќе поминат неказнето. Инвазијата на Крим, репресијата во Хонг Конг, насилствата против дисидентите, репресијата против Ујгурите, апсењето и обидот за убиство на Навални, киднапирањето на Проташевич, се само последните во долгата низа на закани до западните демократии. Во таа голема игра, која е стратешка и економска, воена и технолошка, Америка влегува поделена како никогаш досега и со заморена јавност од постојаните војни на светската империја. Ако на тоа ги додадеме и европските поделби и слабости, јасно е зошто позицијата на Америка во 21-от век е ослабната и зошто нејзиниот одговор не секогаш може да биде силен, енергичен и едногласен.

Затоа Бајден одбира една двосмилена или двонасочна стратегија. Со Европа ќе се обиде да изгради ново партнерство соодветно за предизвиците на 21-от век, со Русија ќе разговара без илузиите на своите претходници, прагматично и директно, со Кина ќе се судри затоа што е единствениот противник кој има шанси да ги загрози САД и Западот.

Затоа на Европа, како и на Британците со кои ќе се врати „специјалниот однос“, стрпливо и со такт ќе им понуди помош за излез од пандемијата, ќе се договори околу трговијата и даноците, но во исто време ќе побара и поголеми заложби за НАТО. Бајден се определува за една „Отворена Доктрина“ испразнета од слогани и свртена кон прагматичноста. За се постои договор и разбирачка, но еднаш договорени, САД очекува да се остане на дадениот збор.

Во таа насока треба да се интерпретира и Декретот на Бајден за Западниот Балкан и најновите санкции против сите оние кои работат на штета на клучните договори во регионот на Западниот Балкан. И ова е дел од враќањето на Бајден и САД во Европа, со што се потврдува и нагласува политичката порака дека Западниот Балкан нераскинливо припаѓа на и во Европа. Воедно, каков подобар начин за САД да потврди дека договорите кои тие ги потпишале или гарантирале, помогнале и оствариле, остануваат важечки. Америка се враќа во Европа и во регионот со потврда и закана, дека договорите и преземените обврски мора да се почитуваат, доколку земјите во прашање сакаат да останат или да влезат во „Клубот на демократии“. Ако Америка можеше да се врати на договорите од СЗО, Париз, па дури и да се обиде да го воскресне договорот со Иран, тогаш тоа ќе важи и за сите партнери и сојузници подеднакво.

Конечно Русија. Последниот од 4-те Самити е со Путин. Пораката на Бајден е јасна: прво градење заеднички позиции со сојузниците – потоа средба со еден од ривалите. Бајден е експерт во надворешна политика, но пред себе ќе има тврд орев како Путин. Украина останува најгорчливата тема, а средбата ќе биде ризична и обременета со фактот дека Бајден го нарече Путин убиец. Путин сигурно ќе бара и ќе најде начин како таа навреда да ја наплати. Ако ништо друго на Бајден му останува можноста пред целиот свет да ја потцрта најголемата разлика помеѓу неговата и администрацијата на Трамп: во дијалог со автократиите Бајден највеќе внимание ќе посвети на човековите права, со цел да го зацементира фронтот на либерални демократии.

Бајден има шанса да го поврати американското водство над светот, да ја ревитализира Европа, и да докаже дека демократијата има сила да одговори на предизвиците и да произведе реални резултати за граѓаните. Ако успее во тоа, ќе ја придобие и светската и домашната јавност. Ако потфрли, последиците може да бидат катастрофални и за САД и за остатокот од светот.