Асанж не може да очекува милост | Свет | DW | 24.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Асанж не може да очекува милост

Дали основачот на Викиликс ќе им биде испорачан на САД? За тоа денеска расправа суд во Лондон. Што треба да се знае за случајот Асанж?

Uk London Julian Assange (Reuters/S. Dawson)

Џулијан Асанж во суд во Лондон (13.03.2020)

Со што Асанж го навлече врз себе бесот на САД ?

Викиликс во 2010 година објави околу половина милион тајни американски документи за војните во Ирак и Авганистан, кои документираа и воени злосторства на американските трупи. Тоа ја промени сликата на јавноста за овие војни. Не многу ласкав поглед во содржината на американската надворешна политика Викиликс овозможи во 2011 година. Платформата објавичетврт милион тајни депеши на американските амбасади. Како последица на тоа низа американски политичари го нарекоа Асанж „хајтек терорист“ кој мора да се прогонува со сите средства.

Американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео во 2017 година, кога беше директор на ЦИА, за Викиликс рече дека е „недржавна непријателска тајна служба“. Уште во 2010 година Голема порота, која заседаваше тајно, подигна исто така во тајност држено обвинение против Асанж. Дури во мај 2019 година беа објавени точките на обвинението, а дури од денеска, кога почнува судпската постапка, ќе станат познати деталите од обвинувањата против Асанж. Критичарите во прогонувањето на Асанж гледаат тежок напад врз слободата на печатот.

Повеќе„Јас сум Џулијан Асанж!“

Со какви обвинувања е соочен Асанж?

До април 2019 година Министерството за правда го товареше Австралиецот само со кривично дело помагање при хакирање на владината компјутерска мрежа. За тоа дело е предвидена казна од пет години затвор. Ако барањето за испорака на Асанж беше поднесено само поради тоа дело, тогаш само за тоа би можело да му се суди. Но, на Вашингтон изгледа пет години затвор му се чинеа премалку, па списокот со обвиненија во јуни 2019 година е проширен на 18 точки, помеѓу останатото и со обвинување за кршење на законот за шпионажа од 1917 година. Сега на Асанж во САД му се закануваат 175 години завор.

Џулијан Асанж, според обвинението, не примал само пасивно информации од својот извор Челси Менинг (порано Бредли Менинг), туку активно ја поттикнувал и присилувал на испорака на нови документи. Но, според изјавите на Џејмс Гудејл, поранешен правник во Њујорк Тајмс, оваа пракса е составен дел од истражувачкото новинарство. Според негово мислење, американската влада со ова обвинение врши огромен притисок врз истражувачките новинари.

Менинг речиси една година седи во притвор за да биде присилена да проговори против Асанж. Но, таа тоа го отфрла, и покрај дневната парична казна од 1.000 долари.

Chelsea Manning (Getty Images/J. Taylor)

Челси Менинг одбива да сведочи против Асанж

Каде е сега Асанж?

Основачот на Викиликс од присилниот прекин на азилот во амбасадата на Еквадор во Лондон седи во затворот Белмарш, каде владеат високи мерки за безбедност. До неодамна Асанж беше во павилјонот со строга изолација.

Според мислењето на Нилс Мелцер, специјален известувач на ОН за тортура, Асанж покажува јасни последици од психичко измачување, меѓу другото и поради повеќегодишниот престој во тесен простор во амбасадата на Еквадор. На 18 февруари над 200 лекари од повеќе земји во отворено писмо во стручното списание Лансет предупредија од натамошно влошување на здравјето на Асанж. Доколку тој умре во затвор, тоа ќе биде последица од измачувањето, се вели во писмото. Во меѓувреме наводно неговата здравствена состојба наводно се поправила.

Повеќе: Лекарски апел: Запрете го мачењето на Асанж

Има ли Асанж пристап до адвокати?

Асанж би требало да им биде испорачан на САД, но нема пристап до свои американски адвокати. И неговата британска адвокатка се жали дека не ѝ се дава доволно време за да го подготвува случајот со клиентот. Асанж нема пристап до компјутер, а единствениот контакт со надворешниот свет оди преку пошта. До неодамна, според изјавите на Нилс Мелцер, Асанж не смеел во ќелијата да држи ниту судски списи. Тоа, заклучува Мелцер, значи дека на Асанж му се ускратува основното право да се брани.

Во текот на престојот во амбасадата на Еквадор, Асанж беше постојано под надзор. Се снимаа и заштитените разговори со адвокатите, а приватната фирма која го вршеше надзорот, овие податоци најверојатно им ги има отстапено на Американците, со што во вода паѓа секаква шанса за праведно судење.

UK Protest gegen Auslieferung von Julian Assange | Vivenne Westwood (picture-alliance/Photoshot)

Протести во Лондон против испорака на Асанж

Зошто беше седум години во амбасадата на Еквадор?

Прво, причина за тоа беше избегнување испорака на САД. Формално, Асанж избегнуваше испорака на Шведска, каде требаше да биде испитан поради обвиненија за сексуална принуда. До испитување дојде дури шест години подоцна, во ноември 2016 година.

Според мислењето на специјалниот пратеник на ОН, Мелцер, овде се работи за свесно одолговлекување на процесот, со исклучива цел да му се наштети на Асанжовиот углед и за тој и натаму да се држи во амбасадата.

Повеќе:Апсењето на Асанж е опасен преседан

Што се случи со обвиненијата за силување во Шведска?

Факт е дека двете жени, врз чии искази шведското правосудство го темелеше обвинението, никогаш не зборуваа за силување. Тие во авгст 2010 година ѝ се обратиле на шведската полицијата затоа што сакале да го присилат Асанж на тест за ХИВ.

Надлежната обвинителка во Стокхолм заклучи дека изјавите на двете жени не се доволни за подигнување на обвинение. Потоа друга обвинителка од Гетеборг го презеде „случајот“ и покрена европски налог за апсење - со цел Асанж да биде испрашан. Официјално никогаш не беше подигнато обвинение против Асанж. Случајот е целосно запрен во ноември 2019 година поради недостиг на докази.

London Festnahme Julian Assange (Reuters/H. Nicholls)

Асанж по апсењето во април 2019 година

Што го очекува Асанж во случај на испорака на САД?

Поротнички суд во Александрија, во американската сојузна држава Вирџинија. Според американските закони, членовите на поротата мора да ја отсликуваат структурата на населението во околината. Судот во гратчето Александрија се наоѓа во близина на Вашигнтон и важни институции, како што се Пентагон и седиштето на ЦИА. Така, во поротата веројатно ќе доминираат вработени во овие институции, а сходно на тоа ќе биде и нивниот став во процес во кој предмет е националната безбедност.

Случајот е во рацете на судијката Леони Бринкема, која е позната по строгост. Оној кој е кај неа на обвинителна клупа, има мали шанси за ослободителна пресуда. Повеќето обвинети се одлучуваат за помалото зло: договор со обвинителството. Во замена за делумно признание - поблага казна. Џулијан Асанж во секој случај од овој суд тешко може да очекува фер процес, и сигурно никаква милост.

Реклама