(Архива) По црниот, ќе има ли бел понеделник во Собранието? | Македонија | DW | 27.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

(Архива) По црниот, ќе има ли бел понеделник во Собранието?

Бавноста на процесите во парламентот предизвикува загриженост во меѓународната заедница. Македонија, која еднаш сведочеше на „црн понеделник“ во Собранието, очекува следниот понеделник да ја добие бојата на промените.

Бавноста со која Македонија се враќа во институционален колосек и натаму е загрижувачка за стабилноста на земјата и за нејзиниот развој, велат за ДВ кредибилни дипломатски извори упатени во разговорите за излез од кризата. Според нив, очекувањата процесите да продолжат во Собранието сѐ уште ја немаат неопходната динамика, а минималниот и парцијален напредок (договор само за состав на Комисијата за избори и именувања и за нејзин претседател - н.з.) не се доволен сигнал дека законодавниот дом излегува од фазата на можни блокади на неговата работа, особено во очекување да се избере негов претседател.

„Очекувањата дека ќе се избере претседател на Собранието до крајот на неделата не се потврдија, што укажува дека и натаму се работи со 'разни брзини', од кои некоја во 'лер'. Тие очекувања се одложени за следната седмица. По толку голем период на постизборен застој, речиси од четири месеци, дoполнителни два или три дена можеби и не играат голема улога, но само ако навистина постои политичка свест дека земјата не може да функционира без клучните институции. За жал, одредени изјави на партиски актери не ветуваат дека процесите се водат во таа насока, туку акцентот го ставаат во погон на некакво мерење на силите што може да индицира на промовирање 'капацитет' за неодговорно блокирање на процесите“, велат нашите соговорници.

Тие потенцираат дека со внимание го следат процесот, бидејќи во овој момент е важно точно да се идентификува кои партии пред себе го имаат интересот на државата и на нејзината демократска перспектива, а кои - најтесните париски интереси.

Напредок за назадување?

Вчерашниот епилог од координативната седница донесе мал напредок: по три дена преговори, пратеничките групи постигнаа договор претседателското место во Комисијата за избори и именувања да ѝ припадне на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние прифативме претседателот на Комисијата да биде од ВМРО ДПМНЕ, со цел да се откочат процесите во Република Македонија и со цел ниту граѓаните ниту законодавниот дом да не бидат заложници на кој било политичар или политичка партија во Македонија“, рече Оливер Спасовски од СДСМ.

„Претседателското место во Комисијата што го доби ВМРО-ДПМНЕ и шесте членови, не се добар гест од страна на СДСМ, туку правила и практика кои во Собранието функционираат 25 години“, реплицираше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien Ilija Dimovski, Kandidat der regierenden VMRO-DPMNE (DW/P. Stojanovski)

Илија Димовски

Постигнатиот договор за Комисијата, која треба да биде основа за продолжување на конститутивната седница на парламент, не ја исклучи и опасноста од можни блокади на собраниските активности. Дека таа опција не е ставена на „off“, туку на „on“, навести координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

„СДСМ денеска, првпат по изборите, го прифати фактот дека се губитничка партија на изборите и дека се втора партија во Собранието. Доколку СДСМ продолжи да го слуша гласот на граѓаните кои секојдневно протестираат и доколку СДСМ продолжи со ваквите постапки со кои прифаќа дека е губитничка партија на изборите, Собранието ќе продолжи нормално да функционира. Доколку се обидуваат со постизборна измама да наметнуваат нова практика во Собранието, тогаш сите можности остануваат отворени“, рече Димовски.

Ваквото „предупредување“ го остава отворено прашањето дали во понеделник ќе се избере претседател на законодавниот дом. Според извори во СДСМ, тоа е главното очекување. Но, како што Димовски ја опиша процедурата, а имајќи предвид колку време беше потребно да се договори составот на Комисија, тешко е да се претпостави дали Трајко Вељаноски во понеделник навистина ќе добие наследник. 

„В понеделник единствена точка по која Собранието ќе расправа и одлучува е изборот на составот на Комисијата за прашања на избори и именувања. Потоа, според процедурата, треба да се свика заседание на Комисијата за избори и именувања, таму да се разгледаат еден, два три, десет или сто предлози за претседател на Собранието, и утврдениот предлог од Комисијата да се достави до претседавачот на конститутивната седница. Тогаш тој ќе може да свика седница за избор на претседател на Собранието“, изјави Димовски.

Oliver Spasovski (Petr Stojanovski)

Оливер Спасовски

Запрашан, дали СДСМ има гаранции дека ВМРО-ДПМНЕ нема да врши опструкции, Спасовски одговори: „Во секој случај можат да се вршат опструкции на Комисијата и работата на Собранието, без разлика дали има претседател на Комисијата или не. Ние навистина посакуваме демократски начин и дебата во Собранието, со цел да можат нормално да функционираат институциите на системот. Не е важно да се задоволуваат некакви лични и политички интереси, туку да ги гледаме интересите на граѓаните на Република Македонија“.

Шанса за демократијата

Претходно СДСМ и преку соопштение порача дека мнозинството граѓани на кредибилни избори се изјаснија дека не сакаат повеќе Собрание што работи спротивно на Уставот, законите и Деловникот, што значи спротивно на нивните интереси.

„Граѓаните не сакаат собраниски претседател кој во соработка со полицијата исфрлуваат нивни претставници и новинари од народниот дом. Рекоа 'не' за влечења и насилства во Собранието, кое мора да биде гарант на почитувањето и на уживањето на човековите слободи и права, а не на нивно прекршување. Заврши времето на изживувања нарачани од Груевски и спроведувани преку Јанкулоска-Ставрески-Мијалков-Велјаноски! Собранието ќе биде носител на клучните реформски процеси што ќе овозможат квалитетен живот и евроатлантска иднина на Македонија. Во парламентот ќе биде избрана новата реформска влада, која заедно со Собранието ќе им овозможи на граѓаните и на Македонија да одат напред“, порача СДСМ.

Но, што ако ваквите заложби бидат спречени преку блокада на процесите во Собранието? 

„Се надеваме дека тоа нема да се случи“, велат дипломатските извори со кои разговаравме. 

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje (MAKFAX)

Македонија еднаш сведочеше на „црн понеделник“ во Собранието, архива (24.12.2012)

„Постои инструментариум од мерки со кои може да се санкционира нечие недеморатско или деструктивно дејствување, но тоа е последниот, и пред сѐ, најнепосакуван чекор. Од лидерите во Македонија се очекуваат исклучиво одговорни и зрели политики, со јасна развојна визија за перспективите на земјата. Но, ако кризата продолжи поради евентуални опструкции на демократските процеси, и ако таа состојба се заканува да произведе дополнителни последици не само во Македонија, туку и негативни рефлексии и во соседството и регионот, тогаш во интерес и потребите на стабилноста на целиот регион, ќе треба да се разговара и за други решенија. Веруваме дека Македонија нема да даде причини за такво нешто“, велат соговорниците и потенцираат дека процесите во Собранието од понеделник јасно ќе покажат дали земјата чекори по патот на демократијата. 

Македонија еднаш сведочеше на „црн понеделник“ (24.12.2012) во Собранието. Четири години подоцна, граѓаните кои се определија за демократија и мир очекуваат следниот понеделник да ја добие бојата на промените.

DW.COM

Реклама