Алтман: ЕУ би требало да изврши притисок врз Грција за името | Македонија | DW | 08.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Алтман: ЕУ би требало да изврши притисок врз Грција за името

Македонија, заедно со БиХ, сега е на дното на Балканот, оценува експертот за Балканот Франц-Лотар Алтман, кој ја критикува ЕУ и смета дека таа треба да изврши поголем притисок врз Грција во спорот за името.

ДВ: Македонија ја дочекува 25-годишнината од независноста во длабока политичка криза. Патот кон ЕУ и НАТО сѐ уште не е дооден. Зошто?

Франц-Лотар Алтман: Навистина е тешко сфатливо за земја која во поновата историја, значи по 1991 година, почна толку многу ветувачки и која, на пример што се однесува до можностите за инвестиции, има висок рејтинг. Земјата стагнира веќе подолго време. Првично поради проблемите со името, а потоа поради тоа што политичарите очигледно не беа во состојба да се респектираат меѓусебно и политичкиот противник навистина го гледаа како непријател. Не сфатија дека во една демократија мора да се прават компромиси за да може да напредува заедничкото. Поради тешкотиите кои доаѓаа однадвор, како неописливото прашање околу името, дадоа можности за изговори, за да се каже „сето тоа е вина на други“. Не можеше да се постигне согласност околу еден разумен курс. Се создаде култура на водење политика со блокади, која не ја води земјата напред.

Партиските лидери во Македонија постигнаа договор за предвремени избори во декември. Ќе придонесат ли тие за релаксирање на состојбата?

Позитивно е што е постигнат договор за нови избори, затоа што тоа беше една од најважните спорни точки меѓу партиите. Меѓутоа, не очекувам преголеми промени. Се чини како констелацијата да ќе остане иста. Сепак, важно е што конечно се работи на проблематичната тема околу избирачкиот список. Околу тоа постојано имаше спорови. Значи, постои барем надеж дека некои работи ќе се нормализираат. Но, уште еднаш, мислам дека политичката констелација на партиите нема многу да се промени. Тоа значи и дека ако партиите не се во состојба да сфатат дека се неопходни компромиси, дека со противникот мора да се усогласиш и за долгорочни прашања, кризата нема да се надмине.

Како ја оценувате улогата на Западот? Колку е успешна ЕУ-дипломатијата, вклучително и германската, во актуелната криза?

Па, навистина, договорот за нови избори и за преодна влада се случи под притисок однадвор. Тоа, за жал, е случај практично на целиот Балкан. Мора да се турка однадвор. А, кој турка? Тоа се ЕУ и Американците. Мора да се каже дека по толку многу години, по 25 години нов развој, тоа не би смеело да е случај. Но, од друга страна, според мене, ЕУ и САД играат конструктивна улога и преку притисокот што го вршат. Значи, не само уметноста на убедување, туку и притисокот што го прават.

Како гледате на германскиот однос и делување во врска со Македонија во изминатиот четврт век?

Мора да кажам дека германскиот однос, но и воопшто односот на другите ЕУ-земји, е за критика. Мислам дека требаше да се врши поголем притисок врз Грција за да се стави крај на блокадата. На Македонија ѝ е неопходно членство во НАТО и во ЕУ. Значи, овде критика на сметка на Германија и на другите ЕУ-земји што не се спротивставија повеќе на Грција и не ѝ ставија јасно до знаење дека и во нејзин интерес е да има добри односи со соседот.

Од почетокот на 2015 година, кога беа објавени снимки од прислушувани разговори, по што избувнаа протести ширум земјата, Македонија се наоѓа во еден вид постојана мизерија. Како, според Вас, би изгледала поблиската иднина на земјата? Или е тоа прашање можеби претешко?

Тоа е во основа навистина тешко прашање. Од една страна, навистина треба да се надеваме дека изборите ќе однесат извесно смирување и дека опозицијата ќе каже: добро, изборите беа фер. Да се надеваме дека изборите ќе бидат фер. Тоа би било важно. И второ, мислам дека од страна на ЕУ треба повторно да се изврши притисок врз Грција и да се каже: мора некако да му излезете во пресрет на Скопје, морате да ѝ го отворите патот на Македонија, вака веќе не оди, затоа што имате кризна земја на границата. Без релаксирање на работите однадвор и без волја на политичките партии да постигнат согласност околу долгорочни прашања, Македонија и натаму ќе биде блокирана и ќе тапка во место, а ќе го загуби и приклучокот кон другите земји, па и балканските.

Имаше времиња кога Македонија важеше за „ученик за пример“. Како стои денеска земјата во балканското „одделение“?

За жал, на Балканот има повеќе проблематични земји, отколку позитивен развој. Македонија, во моментов, е речиси на дното, заедно со можеби Босна и Херцеговина, каде исто така има застој поради тоа што и таму интерно не може да се постигне согласност за соработка. Од друга страна, ситуацијата денес е многу потешка отколку пред 10-15 години. Тогаш еланот за проширување на ЕУ беше многу посилен. Во меѓувреме ЕУ има толку многу свои проблеми, што на проширувањето работи всушност само Европската Комисија. Земјите членки и парламентите во земјите членки на ЕУ всушност воопшто не се заинтересирани, па можеби дури и негативно се настроени кон проширувањето. Значи, Македонија загуби многу време. Време кое можеше добро да го искористи.

Германија сѐ поинтензивно се занимава со Балканот, меѓу другото и поради бегалската криза. Некои германски политичари се на мислење дека т.н. Берлински процес сведочи за добар ангажман на Берлин. Се согласувате ли со тоа?

Добро, Берлин навистина направи напор, и тоа не само со Берлинскиот процес, туку и во Босна и Херцеговина, каде заедно со Англија се обиде да предизвика придвижување. Значи, Берлин е навистина заинтересиран за создавање нова атмосфера на Балканот и мислам дека Германија е една од малкуте земји кои се релативно позитивно настроени кон проширување на ЕУ. За жал, во другите земји на ЕУ во моментов, тоа не можам да го видам.

Д-р Франц-Лотар Латман е професор на Катедрата за меѓународни односи на универзитетот во Букурешт и член на претседателството на германското Друштво за Југоисточна Европа

Реклама