1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шарлот: „Лекот“ е - транспарентност и правда

Миодраг Шориќ/превод: Ж.А.23 септември 2016

По убиството на еден Афроамериканец од страна на полицаец, во САД повторно дојде до судири. За воспоставување на мирот во Шарлот, не е потребна само Националната гарда, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/1K6yx
Фотографија: Reuters/J. Miczek

Сликите од Шарлот, најголемиот град во Северна Каролина, потсетуваат на Фергусон, Балтимор, Батон Руж - демонстранти, делумно насилно настроени, маршираат низ градските улици, вршат безредија, ги пљачкосуваат продавниците, ги „бомбардираат“ со камења полицајците. Во Шарлот владее бес зашто повторно еден полицаец уби еден Афроамериканец, 43-годишен човек, кој според неговото семејство, бил невооружен. Полицијата го тврди спротивното.

Полицијата треба да се погрижи за јасност

За разјаснување на случајот можат да придонесат видео-снимките од камерите кои ги носат полицајците на себе. Но, полицијата го пролонгира објавувањето, наводно поради желбата да не се загрози тековната истрага. Формално-правно, тоа е можеби исправно, но политички е сосем погрешно, зашто ја разгорува и онака високата недоверба во полицијата и судскиот апарат. Само во последните седум дена, ова е веќе трет инцидент од ваков вид во САД. Се стравува дека незадоволството во Шарлот нема да се смири се‘ додека не бидат објавени видео-снимките од случајот и не биде поведена постапка за евентуална погрешна реакција на полицијата.

Во спротивен случај, Шарлот ќе биде потврда за меѓу Афроамериканците широко распространетиот наратив: полицијата си дозволува се‘, таа е над законот. Во минатите години полициските службеници премногу често застрелуваа црнци, без да одговараат за делото, дали поради непостоење непобитни докази, поради противречни изјави на сведоците или неедногласност меѓу членовите на судската порота околу осудата на полицајците.

Политиката си обезбеди само моментно здивнување

Потфрлувањето на американскто судство во никој случај не нуди оправдување за насилството на демонстрантите. Политичарите од Северна Каролина постапија исправно со објавувањето вонредна состојба и мобилизацијата на Националната гарда. Приватната и јавната сопственост мора да се заштити, разјарената насилна толпа мора да биде запрена. Но, присуството на безбедносните сили нема да биде доволно за постигнување траен мир на улиците на Шарлот. Ангажирајќи ја Националната гарда, политиката во најдобар случај си обезбеди само една пауза за здивнување.

Темата за полициското насилство во меѓувреме влијае и врз претседателската изборна кампања и сигурно ќе игра важна улога и во првите ТВ-дебати на двајцата кандидати. Без разлика кој од нив ќе биде реторички поуспешен - Хилари Клинтон, која за темата полициско насилство постојано аргументира диференцирано и задлабочено, или Доналд Трамп со својата гласна популистичка реторика, нема ништо да промени во основното зло во американското општество: во САД премногу полицајци реагираат пребрзано, непромислено и непрофесионално во опасни ситуации.

Причините се бројни. Меѓу другото, американските полицајци мора во секоја ситуација да сметаат дека самите ќе бидат застрелани. Зашто, во САД има повеќе оружје отколку луѓе. Освен тоа, во општините нема пари за темелна обука на службениците. Често полицајците бидуваат испраќани во патроли по само неколкумесечна обука, па не можат соодветно да одговорат на предизвиците, или се сами во опасни ситуации. Тогаш често се случуваат грешки и тоа со делумно трагични последици.