1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Членството во НАТО е најефтин начин за безбедност на државата

Сашко Димевски15 септември 2006

Интервју со македонскиот министер за одбрана, Лазар Еленовски. Разговорот го водеше Сашко Димевски.

https://p.dw.com/p/AdcI
Војници на НАТО
Војници на НАТОФотографија: AP

Македонија е охрабрена од генералниот секретар на НАТО, Јаап Де Хоп Шефер дека на самитот во Рига адекватно ќе бидат валоризирани нејзините реформи и прогрес. Што конкретно може да се очекува од завршниот документ?

Еленовски: “Во финалното коминике конкретно очекуваме да бидат поздравени напредокот и прогресот на Република Македонија во сите сфери, не само во одбраната. И, пред се очекуваме дека ќе биде поизразено истакната волјата на алијансата за проширување на наредниот самит за проширување, кој што пред се треба да ги вклучи земјите од А3.“

Дали Македонија има некаков сигнал или конкретна покана да учествува со своја мисија во Либан?

Еленовски: “Конкретна покана сеуште немаме добиено. Но, ние во секој случај веќе правиме анализи во таа насока, посебно како министерство за одбрана, имајќи предвид дека стратешка цел на државата е да биде извозник на мирот и сметам дека на тој начин всушност најмногу придонесуваме за нашата внатрешна безбедност.“

Може ли Македонија со својата релативно слаба економија на долг рок да издржи поголем број војници во странски мисии?

Еленовски: “Лично сметам дека членувањето на Македонија во колективен безбедносен систем како што е НАТО е најефтиниот начин за да се заокружи државната безбедност. Во таа насока ќе ги поддржиме сите активности за да го трансформираме нашиот безбедносен концепт во насока токму на интегрирање во НАТО, вклучително сите права и обврски за да се биде дел од една таква алијанса. “

Колку војници во странски мисии има во моментов?

Еленовски: “Во моментов се 175 во Ирак, во Авганистан и Босна и Херцеговина. Тој процесс најверојатно ќе продолжи, имајќи го предвид ангажирањето на меѓународната заедница во операциите на мирот. Ние, се надевам, ќе се покажеме како партнер и како контрибутор во обезбедувањето на мирот, генерално во светот. “

Може ли Македонија освен војници полека да почне да испраќа во мисии и опрема, техника и логистика?

Еленовски: “Тоа е дел од динамичниот план. Значи, ние во еден период од 6-7 години навистина треба да бидеме една оспособена и модерна армија. Значи, покрај мировниците, војниците, ние ќе треба да обезбедуваме и сопствена логистичка поддршка, и да ги најдеме одговорите на прашањата за еден од најсуптилните проблеми кога станува збор за водење операција, а тоа е стратешкиот транспорт. Во таа насока, во наредните години сигурно ќе следат определени решенија, но дали тоа ќе биде на регионално ниво или на некој друг начин, тоа ќе го решаваме во иднина.“