Фрчкоски - претседателски кандидат на СДСМ и НСДП
27 јануари 2009Професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски официјално е кандидатот на Социјалдемократскиот сојуз за претстојните претседателски избори. Оваа одлука синоќа (26.01.09) едногласно ја донесоа 700 делегати на партиската конвенција во Скопје. Решението за поддршка на Фрчкоски претходно го донесе Извршниот одбор на партијата, а делегатите со јавно гласање само го формализираа. Поддршка за каднидадатурата на Фрчкоски доаѓа и од редовите на НСДП.
Универзитетскиот професор е еден од авторите на македонскиот Устав. Тој беше и министер за надворешни и внатрешни работи во владите на Бранко Црвенковски. Фрчкоски во моментов е професор на Правниот факултет во Скопје, од каде доаѓа и неговиот ривал во претседателската трка, професорот Ѓорѓи Иванов, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Љубомир Фрчкоски како советник на поранешниот претседател, Борис Трајковски, учествуваше и во креирањето на Рамковниот договор. Тој се смета за прозападно ориентиран политичар. Фрчкоски една деценија не беше активен на македонската политичка сцена. Во јавноста тој беше присутен со неговите остри колумнистички коментари и анализи.