1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Франција против Германија: фудбалски Октоберфест

Среќко Матиќ
15 јуни 2021

Французите се актуелни светски прваци и фаворити за освојување на титулата европски шампион во фудбал. Но, Германците се секогаш тим за турнири. Доколку добро почнат, се е можно. Со нетрпение се чека дуелот во Минхен

https://p.dw.com/p/3uyBu
Fußball WM 2014 Public Viewing in Hamburg 04.07.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

Франција против Германија. Двобојот на соседните држави е приказна со долга традиција. Двете репрезентации досега 31 пат ги одмериле силите. Билансот е на страната на Французите: 14 победи со седум нерешени исходи. Тие беа поуспешни и во првиот дуел на двете екипи. Беше тоа на Светското првенство во Шведска во 1958 година. Првата француска фудбалска супер-ѕвезда Жист Фонтен тогаш четири пати ја затресе мрежата на Германците. Конечниот резултат во мечот за трето место гласеше 6:3.
Уште повеќе голови паднаа во полуфиналето на Мундијалот во Шпанија во 1982- затоа што за победникот се решаваше по изведувањето пенали. По 90, односно 120 минути игра резултатот беше 3:3. Германците беа посигурни од белата точка за конечни 5:4.
Последниот пораз на Французите од Германците се случи во 2014 на СП во Бразил, каде подоцнежниот светски првак беше подобар во четвртфиналето со минимални 1:0. Французите се реваншираа со 2:0 на домашен терен во полуфиналето на последното Европско првенство.

Brasilien Fußball WM 2014 Frankreich - Deutschland
Кошелни и Мертезакер по дуелот во четвртфиналето на СП во 2014 годинаФотографија: picture-alliance/Offside/M. Atkins

Резултат за историја

Поновата историја во дуелите на селекторите Јоахим Лев и Дидие Дешан им оди јасно во прилог на Французите. Дешан е само третиот човек во светот по Франц Бекенбауер и Бразилецот Марио Загало кој ја освојувал титулата светски првак во фудбал и како играч и како тренер. Следната негова цел е да стане првиот во историјата кој ја освоил и европската круна како играч и тренер.
На хартија, Дешан располага со најдобриот тим на првенството. Конкуренцијата за првиот состав е огромна, а речиси за секоја позиција во тимот селекторот има на располагање по двајца играчи од светска класа. Па така, од составот за првенството отпаднаа квалитетни играчи од типот на Антони Марсијал, Ферлан Менди или Тангуј Ндомбеле.
Германците, пак, на првенството влегуваат засилени со повратници во репрезентацијата, искусните Томас Милер и Матс Хумелс.
Во германската јавност пред мечот владее умерен оптимизам. Легендарниот Франц Бекенбауер смета дека Германија не треба да се отпишува и додава дека сите треба да се присетат на она што отсекогаш ги красело: „Германија секогаш била екипа за турнири. Така ќе биде и овојпат“, изјави легендарниот фудбалер и тренер за РНД.
Директорот на Бајерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге прогнозира голема фудбалска забава во двобојот со Французите и „фудбалски Октоберфест во јуни“.
Во прогнозирање на мечот се вклучија и водечките политичари. Претседателот Франк-Валтер Штајнмајер во видео порака рече дека рецептот е едноставен: „Тркалезното мора да влезе во правоаголното, и тоа кај противникот“. Штајнмајер всушност го цитираше селекторот на победничката германска репрезентација на Мундијалот во 1954 година, Сеп Хербергер, кој со таа легендарна изјава ја објасни својата фудбалска филозофија. Поедноставено таа гласи: Дајте гол, и се ќе биде во ред. „Das Runde muss ins Eckige!"
Првиот меч во групата ќе до одиграат Унгарија и бранителот на титулата Португалија. Германците веќе в сабота во Минхен ќе ги нагостат Португалците.

FIFA WM 1982 Deutschland - Frankreich
Момент од дуелот меѓу Германија и Франција на Мундијалот во 1982 година.Фотографија: picture-alliance/Pressefoto Rudel