1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Русија провоцира и подготвува инвазија

ЖА/афп/ртре15 март 2014

Еден ден пред референдумот за припојување на Крим кон Русија, Украина ја обвини руската влада за масовни провокации и ја предупреди од вршење инвазија.

https://p.dw.com/p/1BQLC
Фотографија: Reuters

Нови крвопролевања на источната граница, воени закани од сите страни: Украина пред утрешниот (16.03) референдум за отцепување на Крим се наоѓа соочена со расцеп. Во граничниот регион Киев денеска испрати дополнителни неколку илјади војници по последните неуспешни посредувачки напори со Русија од страна на САД.

„Сега постои реална опасност од руска инвазија“, изјави денеска преодниот претседател Олександер Турчинов пред украинскиот парламент во Киев. Тој фронтално ја нападна Русија:

„Тие исто толку добро колку и ние знаат кој ги организира масовните протести во источна Украина. Тоа се агентите на Кремљ, организирани и платени, кои ја сносат одговорноста за убиства на луѓето“.

Според полицијата, ноќеска во судирите во градот Харков биле убиени еден проруски активист и еден минувач, а шест луѓе се ранети. Судирите се дело на провокатори, смета Турчинов. Тој предупреди од руска инвазија во источниот дел од Украина , која може да следи по припојувањето на Крим кон Русија. Украинската влада стравува дека Москва може да го употреби насилството кон етничките Руси во Украина како повод за воена интервенција.

Украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков ги обвини сојузниците на соборениот украински претседател Виктор Јанукович за финансирање на нередите во источна Украина, подбуцнувани од професионални провокатори од Русија.

Тој преку Фејсбук го повика населението да не дозволува да биде провоцирано.

„Не дозволувајте да ве манипулираат. Завршете ја оваа хистерија. Ова не е игра, туку вистински конфликт, се работи за вистински живот на луѓето“, порача Аваков.

Украинското министерство за одбрана денеска соопшти дека украинската војска спречила обид на руски воени сили да влезат во регионот кој граничи со Крим.

Karte der Autonomen Republik Krim Englisch
Фотографија: DW

Непосредно пред утрешниот референдум на Крим, според информациите на германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, на полуостровот се наоѓаат осум до десет илјади украински војници наспроти најмалку 20 илјади руски војници. Извори од НАТО потврдија дека 60 украински воени бродови се преместени во кримските пристаништа. Полуостровот и најважните стратешки места на морнарицата фактички ги контролира Москва.

Населението, мнозински соруско потекло на Крим, утре на референдум ќе се изјаснува дали да се припои кон Русија. Западот ја обвинува владата во Москва дека преку незаконски референдум предизвикува цепење на Украина и анексија на Крим. ЕУ и САД подготвуваат нови санкции против Русија доколку референдумот се одржи. Украинската влада идниот петок треба да го потпише политичкиот дел на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ.