1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Темелко: “Ова е историски момент за Македонците во Албанија“

Вера Тодоровска28 февруари 2007

Интервјуто со Едмонд Темелко, прв Македонец градоначалник во Албанија, го водеше Вера Тодоровска

https://p.dw.com/p/Abyw
Тирана
ТиранаФотографија: DW

Во предизборната кампања често знаевте да кажете дека е ова историска шанса за Македонците која треба да ја искористат. Тие навистина покажаа дека ви веруваат и за првпат добија градоначалник, кандидат на нивната партија. Господине Темелко, што значи тоа за вас и за Македонците во Албанија во целина?

Темелко: “Токму така. Ова се најбитни моменти на развојот на Македонците во Албанија, историски моменти кои навистина ќе се паметат и македонскиот народ ја искористи својата шанса да гласа за својата партија и за нејзиниот кандидат. Поаѓајќи од положбата и правата на Македонците во Албанија, и нивните неостварени права како - немање школување на мајчин јазик, неупотреба на своите симболи, невклучување во институциите на системот, надвор од политичкиот живот во Албанија, ние се изборивме и регистриравме партија “Македонска алијанса за европска интеграција“. Тоа е најважен историски момент за сите Македонци во Албанија и тука е клучот за натамошен развој на правата на Македонците во Албанија. Тие покажаа зрелост, памет, го дадоа својот глас на вистинско место, гласаа за себе, за својата партија и за својот кандидат и со тоа му докажаа на албанското општество дека и ние сме луѓе на кои треба да им се обрати внимание и дека самите треба да ги решаваме проблемите, економски и политички, односно да бидеме дел од решвањето на тие проблеми. “

Преспа е еден од најсиромашните региони во, и онака, сиромашната Албанија. Свесни сте дека ве чека многу работа, напори и одрекувања.

Темелко: “Општината Преспа е навистина многу сиромашна општина, со многу проблеми – без асфалтирани патишта, без вода за пиење во селата, без струја, телефонска мрежа, со многу социјални случаи и голема невработеност. Лично сум свесен за одговорноста да бидам градоначалник на таа општина и познати ми се сите проблеми и ние ќе настојуваме да се решат тие проблеми. Затоа излеговме со конкретна програма, конкретен план за развој. Со проекти ќе им се понудиме на сите меѓународни фондации, странски амбасади во Албанија и албанските власти и матичната земја, Република Македонија, за да се помогне на тој народ, кој заслужува нормален и добар живот, зашто ние во Албанија сме лојални граѓани кои ги почитуваат законите, ги плаќаме таксите и давачките и за возврат потребни ни се услови за живот. Тоа значи, асфалтирани патишта, струја, вода, школување на мајчин јазик на сите нивоа, печатење учебници на мајчин јазик и други работи за Македонецот навистина да се чувствува добро во своето место, во својата општина.“

Подрачјето опфаќа девет села, населени исклучиво со Македонци. Тука се зборува македонски, се негуваат македонските обичаи и традиции. Тоа е подрачје со природни убавини и богатства. Сепак, ако само за миг се престојува таму, се чини дека се е оставено на заборавот. Како вие ја гледате Преспа во иднина?

Темелко: “Тоа е точно. Бог ни дарувал природни убавини и културно богатство, со доста пештерски цркви, кои му даваат привлечност на тоа подрачје. Ние Преспа ја гледаме како туристичка атракција за секој човек, да направиме услови за развој на семејниот туризам, за населението во Преспа да се раздвижи, за секој да може парчето леб да си го заработува во своето место. Народот во Преспа е гостопримлив, љубезен, кој на туристите ќе им даде топлина и убав престој. Тоа е главната точка во нашата програма. Освен тоа, Македонците во Преспа навистина ќе се чувствуваат слободни по оваа победа, слободно ќе се употребуваат симболите на општината – македонскиот симбол, односно знамето со 16 краци, употребата на македонскиот јазик, кој според програмата треба да биде втор службен јазик во нашата општина, не само декларативно на зборови, туку ќе побараме донесување закон за употреба на македонскиот јазик, во општини со етнички чисто македонско население, како што е нашата. “

Вашата кандидатура беше поддржана од опозиционата Социјалистичка партија. Колку сега може да се надевате на поддршка од демократите, кои се на власт?

Темелко: “Така е. Ние како Македонска алијанса за европска интеграција во нашата програма многу јасно и прецизно дефиниравме дека сме партија на центарот. Ние бевме отворени за соработка и со социјалистите и со демократите. Кај демократите не наидовме на разбирање. Добивме поддршка од социјалистите, за што сме им благодарни. Но, тоа не значи дека сме дел од левиот блок во Албанија. Тоа им е јасно и ним. Ние ќе соработуваме и со Демократската партија, која е на власт. Од нивна страна има добри знаци за можна соработка. Ние ќе соработувме со секој политички субјект во Албанија доколку е тоа во интерес на Македонците во Мала Преспа и во Албанија.“

Пред изборите, од вашата матична земја, Македонија, добивте морална поддршка. Честитки за изборот стигнаа и од македонскиот претседател, Бранко Црвенковски. Очекувате ли поголема поддршка и помош во остварување на вашите иницијативи, секако во соработка со албанската влада?

Темелко: “Дел од нашата програма е и поддршката од матичната земја, република Македонија. Да бидам искрен, многу Макединци во Мала Преспа имаат многу надежи, а имам и јас лично, иако Македонија не е многу богата земја. Ние се надеваме на поддршка за остварување на нашата програма. Добивме честитки од државниот врв и пред изборите наша делегација беше кај македонскиот премиер, господинот Никола Груевски. Навистина се надеваме на добра поддршка, бидејќи за нас како малцинство во Албанија е гордост што имаме матична земја, каде што можеме да се обратиме и за добро и за лошо. Благодарен сум им на сите во Република Македонија што ни дадоа морална поддршка и се надевам дека и натаму ќе помагаат за остварување на нашата програма, за развој на општина Преспа во Албанија. Оваа прилика ја користам да им упатам повик на сите Македонци бизнисмени, во и надвор од Република Македонија, да обратат малку внимание на општина Преспа. Ние сме подготвени да дадеме најповолни услови за инвестирање.“