Србија и` подава рака на Македонија
7 мај 2009Предвидено е министерот Јеремиќ да се состане со македонскиот претседател, Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Велјановски, како и министерот за надворешни работи, Анотнио Милошоски. Како што е најавено, министрите Јеремиќ и Милошоски ќе го потпишат Протоколот за соработка на дипломатските академии на двете земји. Покрај тоа, српскиот шеф на дипломатијата ќе оствари средба и со раководството на Демократската партија на Србите во Македонија.
Посетата на шефот на српската дипломатија се оценува како чекор кон целосно обновување на дипломатските односи меѓу двете држави, кои беа нарушени во октомври минатата година, по одлуката на Македонија да ја признае независноста на Косово и протерувањето на тогашниот македонски амбасадор во Белград, Александар Василевски.
За продолжувањето на традиционално добрите билатерални односи, говори и именувањето на новиот амбасадор на Република Македонија во Србија, Љубиша Георгиевски, кој се очекува да ја преземе должноста до крајот на овој месец.
Автор: ТТ/АТ/миа/макфакс
Редактор: Александра Трајковска