1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спор околу буџетот на ЕУ: Меркел треба да ја среди работата

Бернд Ригерт
20 ноември 2020

25 против два на видео-самитот ЕУ: Полска и Унгарија ја блокираат корона-помошта поради сопствени интереси. Канцеларката Меркел треба да најде излез од блокадата. Времето притиска...

https://p.dw.com/p/3lat4
Brüssel EU-Videogipfel | Charles Michel, Präsident des Europäischen Rates
Фотографија: Dursun Aydemir/Anadolu Agency/picture alliance

„Не ја потценуваме сериозноста на ситуацијата“, рече Шарл Мишел, претседател на Советот на ЕУ, по виртуелниот самит во Брисел за спорот околу буџетот и владеењето на правото во Европската унија. Со други зборови: Европската унија е во вистинска криза. Унгарија и Полска  во понеделникот го спречија усвојувањето на вкупниот буџет на ЕУ, вклучително и Фондот за помош за последиците од пандемијата на коронавирусот, тежок 750 милијарди евра.

„Неопходно е да се спроведе буџетот, кој го договоривме во јуни“, рече Мишел. Сепак, се чини дека полските и унгарските премиери, Матеуш Моравјецки и Виктор Орбан, не беа подготвени за укинување на ветото. И двајцата накратко објаснија зошто одбиваат проверка на владеењето на правото во нивните земји. Двете земји со години беа критикувани за слабеење на владеењето на правото,  кое во суштина треба да се подразбира само по себе во секоја земја членка на Европската унија.

EU ringt um Finanzpaket I M. Morawiecki -und V. Orban
Фотографија: Omar Marques/Getty Images

Уценет или измамен?

На прашањето од ДВ на завршната прес-конференција дали се чувствува уценет или измамен, Шарл Мишел одговори: „Не сакам  сега да кажам ништо што дополнително би ја влошило ситуацијата“. Но, тој јасно стави до знаење дека милиони луѓе кои страдаат од економските последици на пандемијата и чекаат средства од фондот биле оштетени на тој начин.

Повеќе:

-ЕУ-самит: Буџетот во заложништво

-Кој ги има Орбан и компанија за партнери, не му требаат непријатели

-Унгарија и ЕУ: Орбан против остатокот од Европа

Доколку Полска и Унгарија останат на своите позиции, средствата од Фондот за реконструкција нема да можат да се исплатуваат од јануари 2021 година, како што првично беше планирано. Ова особено ќе ги погоди земјите на југот на Европа, кои страдаа многу поради вирусот корона. И пред вчерашниот виртуелен самит, Виктор Орбан изјави дека тоа не го засега. Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, инсистира на планираното спроведување на исплатите од Фондот. Од холандската делегација дојде предлог буџетот да биде усвоен од 25 земји, а Унгарија и Полска да останат настрана. Тие посочија дека тоа ќе биде комплицирано, но технички изводливо.

Изостана вистинска дискусија

Сепак, за буџетската криза вчеравечер немаше вистинска дискусија. По само 15 минути, претседавачот со самитот Шарл Мишел, се пресели на втората точка на дневниот ред - справувањето со пандемијата. Мишел сметаше дека спорот околу ваквите чувствителни теми - буџетот и владеењето на правото - не може да се реши со видео-конференција. Следниот самит во Брисел е планиран за четири недели, непосредно пред Божиќ.

Deutschland Berlin | Angela Merkel Pressekonferenz nach EU-Videogipfel
Фотографија: Michael Sohn/AFP/Getty Images

Меркел сака некако да посредува

Германската канцеларка Ангела Меркел, која во моментов е претседавач со Советот на ЕУ, само изусти дека ќе мора некако да се постигне компромис со Унгарија и Полска. Таа исто така рече дека Европскиот парламент не може да гласа за буџетот во следните недели.

Меркел изјави дека смета дека договорот за проверка на владеењето на правото, што е на маса, „во принцип е многу добар“. Сепак, таа не рече дали и како би ги исполнила барањата на Унгарија и на Полска или би извршила притисок врз тие земји да се предомислат.

Унгарија и Полска ставија вето, но оваа ситуација сè уште „не е причина за загриженост“, рече германската канцеларка.

Критика од европратениците

Остри критики пристигнаа од Европскиот парламент, кој веќе неформално гласаше за фондот од 1,8 милијарди евра. Пратеникот на германската партијата на Зелените во Европскиот парламент, Расмус Андресен, инсистира на тоа дека германското претседателство мора да дејствува. „Сега сè е пренесено на самитот за буџетот во декември, со физичко присуство. Тоа не е добар знак. Европскиот парламент не дозволува да биде уценуван од Виктор Орбан . „Топката е кај канцеларката Ангела Меркел и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел“, рече Андресен во Брисел.

EU-Videogipfel zur Corona-Pandemie
Фотографија: Olivier Hoslet/EPA Pool/AP/dpa/picture alliance

Европратеничката од редовите на германската ЦСУ, Моника Холмајер, која е во истата пратеничка група со партијата Фидес на Орбан, изјави дека во принцип не реагира на провокации. А токму за тоа станува збор кога е во прашање  ветото на Полска и Унгарија, смета оваа европратеничка. „Нема расправа и преговарање за владеењето на правото во ЕУ“, истакна Холмајер. Според неа, „особено перфидно“ е да се блокира целиот корона-фонд поради политички причини.

За време на Самитот на ЕУ, словенечкиот премиер Јанез Јанша исто така зеде збор и побара сите страни да најдат компромис. Според информациите од неговата делегација, тој има симпатии за позицијата на Унгарија и на Полска. Но, не е јасно каква тежина има апелот на Јанша. Јасно е само дека неговата способност за политички проценки не е негова силна страна. Јанша е единствениот премиер на ЕУ кој му честиташе на Доналд Трамп за победата на претседателските избори во САД.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија