1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Согласност на повидок, в сабота резолуција за Северна Кореја?

13 октомври 2006

Ублажен текстот на американската нацрт-резолуција, исклучени се воени мерки против С. Кореја поради наводниот атомски тест

https://p.dw.com/p/Ac2T
Џон Болтон, амбасадор на САД во ОН
Џон Болтон, амбасадор на САД во ОНФотографија: AP

Петте членки на Советот за безбедност на ОН оствариле напредок во консултациите околу донесување резолуција со санкции за Северна Кореја по нејзината наводна атомска проба. Резолуцијата најверојатно в сабота ќе му биде поднесена на усвојување на Советот. Изнајдено е решение за најважните приговори на Кина и на Русија против подобрениот текст на американската нацрт-резолуција и согласноста непосредно претстои, рече амбасадорот Џон Болтон по најновата рунда разговори во Њујорк.

Русија побара решение со „студена глава“

Русија претходно изнесе став дека реакцијата на атомскиот тест, за кој извести Северна Кореја, треба да биде силна, но решението за неа мора да биде донесено со студена глава. И Кина се искажа за санкции, кои морале да бидат „промислени“.

Резолуцијата најверојатно ќе го содржи член 41 од главата 7 на Повелбата на ОН, со кој се исклучуваат воени акции. Текстот е ублажен и сега се бараат само невоени мерки, како економски санкции, прекин на дипломатските односи и забрана за воздухопловен сообраќај со Северна Кореја. За подалекусежни мерки би била потребна нова резолуција. Веќе не станува збор ни за паушално ембарго за оружје, а изрично би била забранета трговија со тенкови и авиони со Северна Кореја. Таа ќе биде повикана брзо да го реализира своите минатогодишни ветувања дека ќе ја запре атомската програма во противпотег за помош и безбедносни гаранции.

Американско-кинески консултации

Американскиот претседател Џорџ Буш за можните санкции разговараше со кинескиот емисар Танг Џиашуан. Обајцата биле согласни дека „е нужна силна реакција“. Јужнокорејскиот претседател Ро Му Хјун, пак, денеска допатува во еднодневна посета на Пекинг на разговори со шефот на кинеската држава и на партијата Ху Џинтао околу атомскиот тест и неговите последици врз безбедносната ситуација во регионот.

Досега, инаку, се’ уште нема независна потврда дека експлозијата во Сверна Кореја навистина била проба на атомска бомба.