1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се` помала поддршка за исламистичките партии во Индонезија

9 април 2009

Во Индонезија се гласаше за нов парламент. Преку 170 милиони жители со право на глас одлучуваа за новата распределба на 560-те седишта во државниот парламент. Зошто исламистичките партии ја губат поддршката?

https://p.dw.com/p/HT4Y
700 милиони гласачки ливчиња на 17 илјади островиФотографија: AP

Спроведувањето на изборите беше голем логистички предизвик за државната изборна комисија. За изборите беа потребни околу седумстотини милиони гласачки ливчиња, распределени на седумнаесет илјади острови. Во трката за 560-те седишта во парламентот беа 38 партии. Но, само неколку ќе успејат да го преминат прагот од минимум 2.5% од гласовите, колку што се потребни за да седнат во парламентот. Властите презедоа и строги безбедносни мерки, со цел да се спречат евенутални немири. Во текот на предизборната кампања, во едно место истовремено смееја да се одржат митинзи на само четири партии, а по кој ред - одлучуваше изборната комисија. Покрај тоа, предизборниот молк во земјата трае три дена. На почетокот од изборната кампања, кон средината на март, претседателот Сусило Бамбанг Јудхојоно ги повика жителите на земјата кампањата да помине во мирна атмосфера. „Ги повикувам сите Индонезијци - да одржиме успешни избори оваа година. Апелирам до сите кои имаат право на глас да излезат на гласање. Никој не смее да го попречува правото на глас на другиот, или, пак, да врши притисок“, нагласи претседателот.

Најголеми шанси има Демократската партија

Wahlen in Indonesien
Приврзаници на Демократската партија на борбата, на еден од последните предизборни митинзиФотографија: AP

Демократската партија, од чии редови доаѓа претседателот, има добри шанси за успех. Оформена е во 2001 година, а на претходните парламентарни избори во 2004 година освои околу 7.5% од гласовите. Во последната анкета, спроведена од индонезискиот Институт за испитување на јавнотот мислење, ЛСИ, таа може да смета на поддршка од околу 24.3 проценти од избирачите. На второ место се наоѓа Демократската партија на борбата, за која, според анкетата, би гласале околу седумнаесет проценти од избирачите.

Партијата Голкар, пак, под водство на потпретседателот Јусуф Кала, ја има поддршката од 15.9 проценти од избирачкото тело и се наоѓа на третото место, според анкетата. Сепак, овие бројки може значително да варираат.

Почнаа задкулисните преговори за коалиции

Wahlen in Indonesien
Изборите се клучни и за изборот на претседателФотографија: AP

Резултатите од парламентарните избори во Индонезија се одлучувачки за тоа кои партии или коалиции ќе имаат право да кандидираат свои претставници во трката за претседател на државата, закажана за осми јули. Индонезија е република со претседателски систем на уредување. Претседателот го избираат гласачите на непосредни избори, а тој истовремено е премиер и претседател на државата. Само партиите или коалициите што освоиле 25 проценти од гласовите на избирачите, или 20 проценти од местата во државниот парламент, имаат право да кандидираат свој претставник за претседател на државата.

Задкулисните преговори околу формирањето на можни коалиции почнаа уште пред изборите. Притоа, идеолошките разлики или економско-политички определби на партиите не играат голема улога - вели политикологот Алфан Алфијан. „Идеолошките определби се заменуваат со прагматични интереси. Насоката во која ќе се движи една партија ја определуваат мал број нејзини членови, кои го имаат најголемото влијание. Политичките партии во Индонезија подложат на олигархија, односно со нив владејат мала група луѓе. Тие се најдоминантни и на политиката на партијата и можните коалиции гледаат само од прагматична гледна точка“, вели политикологот Алфијан.

Исламистичките партии не се зафатија со најважните теми

Indonesien Land und Leute Männer spielen Schach in Jakarta
Исламистичките партии не се зафатија со секојдневните проблеми на луѓетоФотографија: AP

Иако деведесет проценти од населението во Индонезија и` припаѓа на муслиманската вероисповед, исламистичките партии успејаа да добијат само просто мнозинство. На последните парламентарни избори во 2004 година тие освоија вкупно 38 проценти од гласовите на избирачите. Според последната анкета на индонезискиот Институт за испитување на јавното мислење, ЛСИ, тие ја губат поддршката.

Религиозната припадност не игра улога во изборот на политичката партија, објаснува Бурханудин Мухтади од ЛСИ. „Во очите на населението, исламистичките партии се водат само од религиозни мотиви. Но, за повеќето муслимани религиозната припадност веќе не игра улога при изборите. Токму тоа е слабоста на исламистичките партии. Не успејаа да се зафатат со темите што им се важни на избирачите, како на пример здравственото осигурување, цените на прехранбените производи, образованието итн.“, вели Мухтади.

Автор: Хендра Пашук/ Трајче Тосев

Уредник: Жана Ацеска