СДСМ чека одговор од ВМРО ДПМНЕ
16 јануари 2009Првиот човек на опозициониот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, в.д. претседателот Зоран Заев, изјави дека се’ уште очекуваат одговор од ВМРО ДПМНЕ за нивниот предлог, дипломатот Срѓан Керим да биде заеднички натпартиски претседателски кандидат. Доколку во наредните денови не добијат одговор, ќе ја започнат постапката во партиските органи за избор на претседателски кандидат. Според Заев, целта на предлогот била да се постигнат фер и демократски избори, и како што рече, да се искористи историската шанса да се постигне единство по некое од важните прашања во државата. Заев потврди дека Керим не бил информиран и не дал согласност за објавување на неговото име како можен кандидат, туку одлуката консензуално ја донел Извршниот одбор на СДСМ.
Владејачката партија има свои кандидати
ВМРО ДПМНЕ пак во меѓувреме излегоа со свои можни кандидати за оваа функција, што според дел од аналитичарите индиректно значи одбивање на предлогот од опозицијата. Но, претседателот на партијата Груевски има и друг проблем и со најавите на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски и тој да се кандидира како независен или како внатрепартиски против кандидат на веќе номинираниот професор Ѓорѓе Иванов. Експертите исто така сметаат дека во скоро време во земјата не може да биде кандидирана натпартиска личност. Причината е во огромната поларизација меѓу двете водечки партии во земјата, смета професорот Јован Кекеновски.