Самитот за интеграција ќе се држи во нецелосен состав
12 јули 2007Напладне во Берлин треба да започне самитот посветен на интеграцијата. Во кабинетот на канцеларот Ангела Меркел треба да се соберат 87 претставници на политиката, здруженијата на доселениците и граѓански општетствени организации. Меркел треба да го поднесе, а потоа и јавно да го претстави националниот план за интеграција на странските доселеници.
Откажувањето на учеството на самитот од страна на три здруженија на Турците во Германија остро го осуди државниот министер и владин повереник за проблематиката на странците Марија Бемер, како “претеран и во тонот и во суштината”. Претставникот на ЦДУ за внатрешна политика Волфганг Бозбах ја отфрли критиката на турските здруженија на неодамна усвоениот Закон за доселување како погрешна, а отсуството од самитот, според него, е “мечкина услуга”. Самитот со тоа нема да пропадне, но сепак, смета Бозбах, нивното неприсуство значи чекор назад.
Претседателот на турските заедници во Германија Кенан Колат ја брани постапката на здруженијата и најави тужба кај Уставниот суд против Законот за доселување. Евангелистичката црква не ја исклучува својата подршка за таква тужба.