Русија бара меѓународна конференција за Сирија
10 јуни 2012Русија е се‘ повеќе загрижена поради конфликтот во Сирија, тврди рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Сепак, Кремљ и натаму отфрла странска интервенција. Русија со ваквиот став не сака да го штити претседателот на Сирија Башар ал-Асад, нагласува Лавров. Сирија е компликувана мултиконфесионална држава и „ние знаеме дека дел од оние кои бараат воена интервенција сакаат тоа да го уништат и сакаат да ја претворат Сирија во борбено поле за владеење со исламскиот свет“, нагласи Лавров, образлагајќи зошто неговата земја е против воена интервенција однадвор. За да се спаси планот на специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига Кофи Анан, Москва бара меѓународна конференција, на која би учествувале постојаните членки на Советот за безбедност, ЕУ, како и влијателните држави во регионот.
Во меѓувреме, насилството во Сирија продолжува. Само во текот на вчерашниот ден, според наводи на активисти, загинале над 80 цивили. Дел од нив загинале при бомбардирањето на градот Дара.
Израелскиот вице-премиер Шаул Мофас го обвини сирискиот претседател Башар ал-Асад за геноцид. Тој во изјава за израелското армиско радио денеска (10.06) изјави дека меѓународните сили даваат само „бледи осуди“, наместо да го урнат Асад. Молкот на светските сили е спротивен на сета човечка логика, критикува Мофас, кој тврди дека најлошо се однесува Русија која „и натаму му лиферува оружје на убиствениот режим на Асад“. Москва ги отфрла ваквите обвинувања и тврди дека не се лиферува оружје кое би нашло примена во војната во Сирија.