1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакцијата во однос на Хоман и Гинцел е одбрана на нашиот устав

7 ноември 2003
https://p.dw.com/p/AcSQ
-Аферата со антисемитските изјави на демохристијанскиот пратеник во Бундестагот Мартин Хоман не стивнува -германските весници и денеска со коментари на таа тема.

Така, во "Нордзее Цајтунг" од Бремерхафен, покрај другото, се вели: "Хоман со неговиот говор даде доволен повод за да биде исклучен од фракцијата. Претседателот треба да се избори за таков чекор - меѓу другото и за да спречи нанесување штети на фракцијата. Зашто, што значи кога еден пратеник во ваков случај и натаму може да биде член на една демократска фракција? - Одговорот лежи како на дланка: такви идеи се прифаќаат, само не смеат да бидат изречени по втор пат. Меркел би требало интензивно да поразмисли околу долгорочните штети што таа ги нанесува со ова", пишува "Нордзее Цајтунг".

За "Штутгартер Цајтунг" е јасно: "Реакцијата во однос на Хоман и Гинцел не е казнување за вината на национал-социјалистите. Таа е одбрана на нашиот устав, нашата демократија, нашите норми и институции, вредностите на нашиот основен закон: сето тоа не ни беше изнудено од непријателите. Уставот е напишан од Германци, од кои многумина се преживеани страдалници од национал-социјализмот. Тој го носи ракописот на оние, кои сакаа да го направат неможно повторувањето на злосторствата на Третиот Рајх. Не е товар, туку наша благородна задача сериозно и буквално да се примат и да се бранат нивните уверувања", коментира "Штутгартер Цајтунг".

"Зиддојче Цајтунг", пак, се занимава со иднината на ЕУ, кога таа ќе брои 25 членови. "На 1-ви мај 2004-та година ЕУ-семејството ќе се зголеми за 10 земји од централна и источна Европа...Натамошни кандидати веќе се во преговори со ЕУ или барем имаат статус на кандидат за пристап. Со тоа, една ипол деценија по пресвртот во Европа, обединувањето на континентот е веќе свршена работа. Единството на Европа стана достижна цел, кон која се стремат сит заинтересирани: ЕУ како заедница на вредности сака на истокот од континентот да експортира безбедност, демократија, правна држава, политичка и (пазарно-) економска стабилност, како и заштита на човековите и на малцинските права. Новите демократии од централна и источна Европа доаѓаат во таа политичка заедница со својот огромен внатрешен пазар, за трајно да ги обезбедат мирот, слободата и благосостојбата... За ЕУ проширувањето кон Исток е поврзано со големи финансиски трошоци. Нејзиното петто проширување ќе биде и најскапото. 40,852 милијарди евра ќе го чини Брисел во годините 2004-та до 2006-та приемот на десетте нови. Околу 80 проценти од тие средства се наменети за аграрната и структурната политика. Не е за чудење, кога ќе се помисли на тоа дека земјоделските површини на ЕУ со проширувањето ќе се зголемат за околу половина... Од друга страна, ЕУ смета на тоа дека економски ќе профитира од проширувањето. Се очекува дека проширувањето на внатрешниот пазар ќе произведе толкав стопански пораст, што на долг рок ќе бидат надоместени трошоците за проширувањето", пишува "Зиддојче Цајтунг".