Пронајдени црните кутии од паднатиот руски авион
12 февруари 2018Едната од пронајдените црни кутии од урнатиот авион била полесно оштетена, соопшти Службата за цивилна заштита во Москва, но истражителите сепак успеале да ги симнат податоците, пренесува новинската агенција Интерфакс. Досега не се познати поподробни информации околу причината за катастрофата.
Вчера околу пладне авионот од тип Антонов 148 на руската авиокомпанија Саратов Ерлајн се урна неколку минути по полетувањето од московскиот аеродром Домодедово. Никој од патниците и членовите на екипажот не ја преживеа несреќата, која се случи кај општината Раменскоје, југоисточно од Москва. Истрагата првично го спомена човечкиот фактор као можна причина за падот на авионот, како и неповолните временски услови. Авионот летал кон градот Орск, близу до границата со Казахстан, околу 1500 километри оддалечен од Москва. Уште вчера беше речено дека е пронајдена едната црна кутија, но тоа се покажа како неточно. Авиокомпанијата денеска соопшти дека засега сите авиони од типот Антонов 148 ги исклучува од авиосообраќај.