1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постои надеж за скорешно примирје во појасот Газа

Себастијан Енгелберт12 јануари 2009

Израелската армија ja продолжи и ноќеска копнената офанзива во појасот Газа. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер, кој беше во тридневна посета на регионот, сепак гледа можности за примирје.

https://p.dw.com/p/GWLH
Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер и израелскиот министер за одбрана Ехуд БаракФотографија: picture-alliance / dpa

Военото воздухопловство повторно изврши напади врз објекти на радикалното палестинско движење Хамас. Според доверливи податоци, израелската армија за прв пат од почетокот на офанзивата почнала да користи и резервисти.

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер, кој утринава се врати од тридневна посета на регионот, сепак гледа можности за скорешно примирје.

По разговорите со претседателот на државата Шимон Перес, но и со министрите за надворешни работи и одбрана Ципи Ливни и Ехуд Барак, шефот на германската дипломатија изјави дека гледа конкретни шанси за примирје, што за почеток ќе има за цел да овозможи пружање помош за населението во појасот Газа. Со тоа би бил отворен патот и за траен прекин на огнот, оцени Штајнмајер за време на летот кон Берлин.

Германија ќе испрати експерти за безбедност

Важен елемент во преговорите за примирје е барањето на Израел да се спречи шверцот на оружје за радикалните Палестинци низ тајните тунели под границата меѓу појасот Газа и Египет. Германија има намера да помогне со испраќање експерти за безбедносни прашања, кои на египетските колеги ќе им пружат како техничка помош, така и помош во обуката за подобро надгледување на границата. За таа цел веќе наредните денови германското министерство за внатрешни работи ќе испрати висок службеник за Каиро, кој ќе ја координира помошта.

Gaza - israelische Soldaten
Израелската офанзива во појасот Газа продолжуваФотографија: picture-alliance/ dpa

Свесен за положбата на Израел, шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер на прес-конференцијата по средбата со ресорната колешка Ципи Ливни, изјави:

„Германската влада знае дека израелската воена операција не е случајна и произволна. Знаеме дека причината за неа се секојдневните истрели од појасот Газа кон јужниот дел на израелската територија, како и стравот на кој што е изложено тамошното население, како и повредените и загинати граѓани на Израел.“

Израел нема да ја прекине офанзивата

Ципи Ливни му се заблагодари на гостинот од Берлин на посетата, како и на разговорите со египетското раководство во напорите да се спречи шверцот на оружје за појасот Газа. Таа исто така нагласи дека е неопходно по завршувањето на сегашната воена операција да се обезбеди прекин на натамошното снабдување на Хамас со оружје.

„Се наоѓаме во 16-тиот ден од почетокот на операцијата и таа ќе продолжи понатаму. Јас нема да дозволам меѓународната заедница да ми каже кога да ги повлечам трупите“ - додаде израелската министерка за надворешни работи, осврнувајќи се на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН.

Од доверливи извори во Израел се дознава дека целите на воената операција би можеле наскоро да бидат исполнети. Тоа може да значи засилување на борбите во наредните неколку дена за да се разурне што е можно повеќе од инфраструктурата на Хамас во појасот Газа и да се ликвидираат водечките личности на военото крило на радикалната организација. Извори на израелската армија утринава тврдат дека дел од лидерите на Хамас се скриле во странските дипломатски претставништва во појасот Газа.