Панел дискусија за иднината на Косово
9 јули 2007Затворањето на статусот на Косово со неговото прогласување како независна држава ќе значи и отворање на другите аспекти на прашањето на Албанците на Балканот, во правец на нивно обединување во една држава – ова е главниот акцент од дводневната дебата на тркалезната маса, одржана изминатата сабота и недела во Тетово на тема „Што по статусот на Косово“.
Меѓу другите, учествуваа поголем број личности со статус на видни претставници на албанската интелигенција од Косово, Македонија, од Република Албанија и од Прешевската Долина, од југот на Србија.
Косовскиот академик Есат Ставилеци кажа: „По независноста на Косово можеби веднаш ќе уследи прашањето: ’Што со статусот на Албанците во целина?“
Нури Реџепи, професор – историчар од државниот тетовски универзитет, го изнесе својот став на тркалезната маса „Апетитите на Албанците во Македонија ќе бидат поголеми. Нивниот политички капацитет е достаточен во не така далечна иднина да ги редефинираат уште еднаш, засекогаш, албанско – македонските односи, без да се загрозува интегритетот на државата“.
Ибрахим Гаши, шефот на катедрата за политички науки на Приштинскиот универзитет, вака одговара на прашањето: „Што по статусот на Косово?“: „Во околности на создавање независно Косово, интегрирано во Европската унија заедно со Албанија и Македонија, ќе може да функционира идејата за внатрешното албанско интегрирање преку создавање албанска царинска унија, унифициран образовен систем и унифицирана Албанска академија на науки и уметности.“
Професорот Нури Реџепи од државниот тетовски универзитет со критички тон предупреди на еден од најголемите и најсериозни предизвици за идната косовска држава – безбедноста и фундаменталните национални права на Србите и другите национални малцинства: „Србите се реалност на Косово, тие треба да се земат многу сериозно предвид. Тие имаат таму свои имоти и со векови живееле со Албанците“.
Од тетовската панел – трибина за и по статусот на Косово ќе произлезе и политички меморандум, кој ќе им биде упатен на меѓународните фактори во Европа и во светот.