1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозиција на ноеви

29 март 2019

Вакво ВМРО, колку и оваа власт да е спора или да крахира во реформите, секогаш ќе биде поголемото зло, и реален кочничар и оправдување за неспроведување на реформите и суштинска демократизација. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3FriM
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Лансирање на анахронистички преработки и песни, патетични оди за кавалот и обичниот човек, и еден натпартиски кандидат за претседател кој на лидерот на опозицијата му служи како ветробран за деструктивните партиски тези. И многу, многу блокирање.

Така би можеле да ја сублимираме актуелната политичка понуда на опозицијата. Еден крик за погазениот Устав, еден крик за македонштината, празни манифестации на форма, неодлучност, нејасност, византизми, преговори за партиски интереси и заблуди, пропратени со медиумската литургија на лажни вести и машина за оцрнување.

Не постои тронка животен здив кој излегув од редовите на опозицијата. Во година и нешто од квазиреформираното лидерство на опозицијата, нема произлезено ниту една иницијатива, политика, идеја, која би имала значење или некаква валидност врз националната политика и генералните состојби во земјата.

Но, оваа парализа, плод на некомпететност пред се, е лесно разбирлива, иако вистината е доста тешка за прифаќање. Парализата на опозицијата потекнува од потхранувањето на една огромна илузија: дека на крај на нештата ништо не се случило.

Мантрата на Мицкоски

Опозицијата и понатаму е во заблуда дека за сите национални и политички прашања таа е во право, дека владата, родена како слаба и кршлива, потоа зајакната низ милион компромиси и пазарења, во голем дел неспособна и корумпирана, па дури и поделена, се приближува кон својот дефинитивен распад и крај.

Не случајно, мантрата која Мицкоски веќе некое време ја шири е дека претседателските избори се првиот чекор кон крајот на Заев. Дека со победата на Силјановска ќе се дојде до предвремени избори, и толку, работата е завршена.

Доволно е да почекате драги вмровци, и се ќе се врати на свое место. Лесно, утешително, ова е предвидувањето кое ги загрева нивните скршени срца. Најубавата од сите можни бајки, тоа е приказната која денес го блокира вистинското реформирање на опозицијата.

Но, реалноста е нешто поинаква и не признава плишани илузии. Реалноста е дека во Македонија сепак нешто големо се случи. 

Претходни колумни: 

Демократија на извлекување

Прво, се случи падот на една криминогена и режимска власт, и на ова поле колку и разликите да се понекогаш ефимерни, тие сепак постојат. Второ, се случи историското решавање на спорот за името, идеолошката, правна и политичка нормализација на македонскиот евроатлантски пат, а со тоа и подобрување на нашата вредносна и морална идентификација и усогласување со демократскиот Запад.

ВМРО-ДПМНЕ има задача да се помири и со двете нешта. И за двете работи да преземе соодветна одговорност и следствено на тоа да ги реформира своите кадри, својата партиска идеологија и политичкиот наратив, доколку утре планира да има некаков си коалициски капацитет, меѓународен кредибилитет и се разбира, способност да биде реален домашен политички коректив, а потоа и аспирант за власт.

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Мантрата која Мицкоски веќе некое време ја шири е дека претседателските избори се првиот чекор кон крајот на Заев.Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Помирувањето со првиот аспект нужно мора да помине низ прекинување на деструктивната и блокирачка политика на ВМРО-ДПМНЕ кога станува збор за судбината на СЈО и генерално реформите во правосудството, администрацијата, се она што можеме да го ставиме под ставката владеење на правото или добро владеење. Вториот аспект пак, нужно поминува низ прифаќање од страна на ВМРО-ДПМНЕ на Преспанскиот договор и откажување од патетичната и штетна идеолошка нарација за модерните комити. Опозицијата мора да престане да се доживува и наметнува себеси како идеен апсолут, хегемон на македонскиот идентитет и чувар на македонското национално единство, додека во позадина ја злоупотребува таа нарација за договорање како да се спаси од деценскиот криминал и режимизација.

Нова реалност

Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ мора да разбере дека колку и да новата „европска“ политика на Македонија е плод на компромиси и дилови, колку и да таа и служи на власта за покривање на бројни наследени или воскреснати системски проблеми, таа сепак има свој независен живот, широк политички и општествен консензус, и многу важно, недискутабилна меѓународна поддршка. А актуелната опозиција најдобро би требало да знае, колку меѓународната заедница е подготвена да затвори едно око пред внатрешнополитичката и реформска агенда, кога станува збор за исполнување на некои пошироки и поглобални интереси.

Таа нова реалност повеќе не се победува со митови, илузии и фиктивни политики. Таа реалност се прифаќа, се инкорпорира во своето политичко дејствување, за потоа како политичка опција да се има кредибилитет во нотирање и осудување на системските неправди и недоследности кои оваа власт ги продолжува.

Еден од проблемите на опозицијата е неразбирањето дека самото нејзино дејствување е дел од проблемот, а не е решение. Дека ваква каква што е, таа е најдобриот сојузник на владејачката коалиција. Притоа ВМРО-ДПМНЕ губи од видик уште една битна работа. Демократската аура која ја опкружува актуелната влада, и која е далеку од суштински оформена и спроведена, наоѓа простор и реализација не низ својата техничка димензија и аспект, односно, дека власта изгради мнозинство кое донесе голем број на тешки одлуки, (всушност по тој принцип и власта на Груевски би била демократска) туку затоа што успеа да реши проблем со друга демократска држава и влада, споделувајќи слични демократски вредности и визија за иднината кои триумфираа над стравот и омразата.

Тоа што е важно и што се материјализира, без разлика колку и понатаму да е фалично и може допрва да испадне разочарувачко, се политичката визија и подлабоките демократски вредности кои можеби ползејќи, но сепак полека излегуваат на површина. Тоа, дури и на отворените критичари како мене им е совршено јасно, и тоа што мене ме фрустрира е демонстрирањето на различен пристап кога станува збор за домашните реформски процеси и надворешните постигнувања. Затоа и не сме консолидирана демократија и тешко ќе станеме, се додека во домашните проблематики и владеење не се обезбеди истата критична политичка волја, која доведе до решавање на историскиот спор.

Österreich Zoran Zaev zu Gast bei Sebastian Kurz beim Opernball in Wien
Новата „европска“ политика на Македонија има недискутабилна меѓународна поддршка.Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Gruber

Но, вакво ВМРО, колку и оваа власт да е спора, половична или да крахира во реформите, секогаш ќе биде поголемото зло, и реален кочничар и оправдување за неспроведување на суштинските реформи и суштинската демократизација.

„Фалење“ на власта

За добро или за лошо, ако оваа влада треба за нешто да добие заслуга, е што и на свој грб, и низ своето лошо работење и неспособност, претходните и актуелните проблеми, ги изнесе пред светлината на денот. Проблемот на опозицијата е што се уште не сака ни да ги признае проблемите дека постоеле и дека постојат, дека и тие имаат удел во истите, или да дадат сигнал дека имаат намера, низ сопствена реформација, да допринесат за нивно искоренување.

Гледате, кога треба двете работи да се извагаат, да се спореди едно големо и едно помало зло, дури и жесток критичар делува како да ја фали оваа власт.

И тука лежи дел од проблемот со опозицијата. Нејзината несериозност и себичност, самозаљубеноста и небулозите, не ни дозволуваат да извршиме реален и критички притисок врз власта со цел нејзино подобрување или заменување.

Вие како опозиција не оставате без алтернатива, се разбира ако не се роди сосема нова политичка опција, и ни одмагате во обидот за критичко промислување на нештата или во дејствувањето како коректив на власта.

Оваа влада греши во премногу нешта, премногу важни работи, кои, се додека опозицијата е деструктивна, апологетите на власта ќе ги минимизираат и ќе ги дисквалификуваат, ќе имаат аргументи да ја маргинализираат критичката јавност или да ги релативизираат проблемите, биле тие наследени, или сосема нови.

Како воопшто да нотираме некаков проблем, да се надеваме на негово надминување, кога вие ја одржувате во живот провладината флоскула: какви и да се, стопати се подобри! Вие сте авторот на сликата на Доријан Греј на оваа власт, која таа себично ја чува скриена од очите на јавноста.

Затоа драги опозиционери, помирете се со реалноста и колку сте прегазени од времето, излезете од оваа кукавичка политика, извадете ги главите од песокот, и почнете реално да се трансформирате.

Или немојте, и останете си ваква опозиција на ноеви.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема