1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одмаздата за Брегзит ќе биде грешка

Кристоф Хаселбах
30 март 2017

Историска премиера: Британија е првата земја која побара развод од ЕУ. Отфрлената ЕУ треба да биде прагматична и да се залага за блиски врски со Велика Британија, смета Кристоф Хаселбах

https://p.dw.com/p/2aIeq
Großbritannien Brexit Brief
Фотографија: Reuters/Y. Herman

Сега веќе нема назад. Процесот на заминување е започнат. И уште сега е јасно дека ќе има зла крв. Пред сѐ, како и при секој развод, за темата пари. Во Брисел помалку и со радост веќе со недели зборуваат за „солената“ сметка за развод од речиси 60 милијарди евра, која ќе им ја презентираат на Британците, иако за такво нешто воопшто нема точна пресметка.
Генерално, се чини дека во Комисијата и во некои главни градови е голема желбата да се казнат Британците под мотото „Сега ќе видите каква грешка сторивте!“

Големо себепреценување

Економски гледано Брегзит е грешка- тоа може да се смета речиси за сигурно. Големите планови на премиерката Тереза Меј за земјата ослободена од стегите која сега слободно ќе тргува со целиот свет се едно големо себепреценување. Таа, изворната противничка на Брегзит, со тоа се обидува да го извлече најдоброто од исходот на референдумот на внатрешно-политички план.
Ќе бидат потребни години за да се извлече макар половична замена за блиските економски врски со ЕУ, кои беа долго етаблирани. Огромна загуба на сила, време и пари! Велика Британија ќе загуби од тоа, но исто така и ЕУ.

Каде е самокритичноста?

Но во суштина, политичките, а не економските причини доведоа до гласањето за Брегзит. „Враќање на контролата“ беше клучниот збор. За повеќето жители на „бриселскиот меур“ тоа беше необјаснив процес: една земја која толку многу профитираше од ЕУ, да и го сврти грбот по 44 години. Кај ЕУ не се забележува никаков сомнеж во себе.
Но никој не смее да се залажува: со официјалната цел „сѐ поблиска Унија“ не се чувствуваат само Британците неудобно. И во Германија некои имаат тенденција да ја „сакрализираат“ Европа. А потоа сѐ се распаѓа кога некој ќе ја проблематизира целта за „сѐ поблиска Унија“. Но Брегзит ја стави истата под големо прашање.

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

На Германија ќе и недостасуваат Британците

Особено во Германија повиците за одмазда ќе биде целосно депласирани. Кога се работи за слободната трговија, за конкурентноста, за штедливата економија, на Германија многу ќе и недостасуваат слично мислечките Британци. На Германија во иднина ќе и биде далеку потешко одошто досега да се одбрани од барањата на големиот блок ЕУ земји од југот, кои сакаат ЕУ да ја направат Унија на трансфери и долгови со Германија како главен благајник.
Оттука целта на преговорите за Брегзит не треба да биде од Велика Британија да се направи пример, за останатите можни кандидати за излез да се преплашат од „лошиот дил“. Тоа само ќе ја зголеми скепсата кон ЕУ во земји како Шведска, Данска или Холандија. Целта треба да биде, Британците и натаму да се поврзат колку што е можно поблиску до ЕУ и транзицијата да оди колку што е можно помазно.
Прагматичниот пристап ќе им биде од далеку поголема корист на сите интереси, наместо еден лажен Сѐ или ништо. ЕУ не може да се обидува да ги задржи своите членки со казнување на одметниците. Туку само доколку биде привлечна!