Нова видео порака за ослободување на двајцата Германци во Ирак
17 март 2007Во пораката на арапски зборува сопругот на Краузе, професорот Мохамед ал Торнахи и неговата снаа, сопругата на синот, Синан. Тие ги молат грабнувачите да се однесуваат со почит и достоинство кон заложниците и молат за милост во име на Алах:
“Во име на Алах, милостивиот им се обраќаме на луѓето од Бригадите стрели на вистината.“
Професорот Торнахи нагласува дека исламот е религија на мирот и милостивоста. Тој во целата порака ја ословува сопругата со нејзиното арапско име Ум Мазин. Освен тоа ги објаснува и семејните околности, нагласувајќи дека неговата сопруга од љубов за него и за семејството пред цели 40 години ја напуштила својата таковина, Германија. “Ирак стана нејзина татковина и таа е мајка на три деца, сите се родени овде во Багдад. Ние сме семејство кое нема никакво влијание врз политичките настани“ – порачува таткото Мохамед ал Торнахи. Затоа апелирам да ги ослободите мојата сопруга и синот!
Неодамна до киднаперите со видео порака се обрати и германскиот претседател Хорст Келер. Таа порака ја емитуваа повеќе арапски ТВ станици. Германската влада смета дека киднаперите на Ханелоре Краузе и нејзиниот син имаат терористичка заднина, значи дека станува збор за политичко киднапирање, а не изнудување пари. Тие се во заложништво веќе речиси 40 дена.